Македонија
Реакција на МОН на пресот на СДСМ
Министерството за образование и наука (МОН) реплицирајќи на денешната прес-конференција на опозициската СДСМ на која беше побарана одоговорност од министерот Тодоров, одговара образложувајќи ја процедурата за зибор на автори и рецензенти за учебниците
Постапката за издавање на учебници е уредена со Законот за учебници за основно и средно образование. Согласно член 10 од Законот, автор на учебник е лице со високо образование, магистер и доктор на науки, чие образование е од областа или е соодветно на областа на која и припаѓа наставниот предмет за кој е наменет учебникот. Учебник се издава, доколку се направи измена на наставната програма за што министерството за образование и наука, односно Педагошката служба објавува конкурс за прибирање на ракописи на учебници. Директорот на Педагошката служба по предлог на Националната комисија за учебници, формира рецензентска комисија која врши стручно вреднување на ракописи за учебник за соодтевен предмет, а во согласност со методологијата која ја изготвува Бирото за развој на образованието. Рецензентите се определуваат од листата на рецензенти, која е формирана врз основа на јавен оглас за пријавување на рецензенти кои ги исполнуваат условите утврдени во Законот, а постапката за избор на рецензенти ја врши Националната комисија. Националната комисија е составена од 21 член, кои се стручни лица од областа на општествено-хуманистичките науки, природните науки, уметностите и вработени наставници од основните и средните училишта. Задачата на рецензентот е да изврши стручно вреднување на текстот во ракописот. Рецензентската комисија дава писмена изјава со која потврдува дека авторите постапиле по нејзините укажувања и дека учебникот може да се пушти во постапка на печатење. По комплетирањето на вака пропишаната законска процедура, Националната комисија за учебници доставува конечна листа на избрани ракописи на учебници до Министерот за образование и наука.Во случајот со учебникот по општество за петто одделение целосно е запазаена законската процедура од страна на Министерството, Педагошката служба и Националната комисија за учебници.Проблемот со учебниците за средно стручно образование е отворен сега, но постои повеќе од 20 години. Не можеме да не го прифатиме фактот дека се доцни со изработката, печатњето и дистрибуцијата на овие учебници, но исто така неспорен е и фактот дека доцењето е повеќе од 20 години. Факт е исто така дека за една година, како резултат на големо залагање и јасно манифестирана политичка волја, постои огромен прогрес во решавањето на овој проблем, бидејќи повеќе од половината учебници кои недостасувале повеќе децении се подготвени за една година. Министерството за образование и наука не може да печати учебници кои не постојат. Наша обврска е овој проблем целосно да го решиме и да се обидеме да ги охрабриме авторите да напишат учебници за учениците во средните стручни училишта. Тоа и ќе го сториме.Воедно, сакаме да потенцираме уште една неточност во делот на времето на објавување на тендерот за печатање и дистрибуција на учебниците. Тендерот е објавен на 11.01.2010 година под број 01/2010 и истиот може да се најде на сајтот на Бирото за јавни набавки. Проектот Компјутер за секое дете, покрај едукативниот ефект во себе содржи и социјален аспект. Размислете дали учениците чии родители се во лоша економска состојба, пред овој проект имале пристап до компјутер, и што ова ќе значи на среден и долг рок во поглед на квалитативното менувањето на матрицата во Република Македонија. Модерно образувана и прогресивно ориентирана младина е основниот постулат за модерно организирана и економски силна држава. Имаме обврска да потсетиме и да направиме едноставна компарација за нивото на инвестициите во образовната инфраструктура. Имено, во изминатиот четиригодишен период инвестициите во образовната инфраструктура изнесуваа над 1,5 милијарда денари, за разлика од претходниот четиригодишен период кога беа инвестирани само 500.000.000,оо денари, што претставува трикратно зголемување на инвестициите. Исто така, жалиме што на пресот на СДСМ беше објавена информација која е непроверена и неточна. Имено, учебниците по географија за седмо одделение се веќе отпечатени и нивната дистрибуција ќе започне во понеделник 16.08.2010 година. Како потврда на овој факт до СДСМ доставуваме по еден примерок од учебниците по географија за седмо одделение. Став на Министерот е дека ниту еден министер за образование не смее да учествува со свои лични ставови во процесот на пишувањер на учебник, ниту пак директно да интервенира во содржината на било кој учебник. Тоа во никој случај не може да биде карактеристика на едно демократско општество, напротив интервенирањето на министерот за образование во содржината на учебниците е карактеристика на тоталитарни и недемократски режими. Најпосле секоја добронамерна и позитивна критика е секогаш добредојдена, особено во сферата на образованието како најсензитивна, но истовремено и најважна област за економскиот и општествениот развој на државата. Се што е спротивно на ова е непродуктивно и штетно, се вели во итнегралната реакција на МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.
Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.
На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.

