Економија
Компаниите за продолжување на владината мерка за пониски царини за шеќерот

Производителите од кондиторската индустрија и производителите на овошни и газирани сокови очекуваат Владата да ја продолжи мерката за намалувањето на царинската давачка од 30% на 5 % за увоз на шеќер, која истекува на 31 месецов, а беше донесена во февруари.
Производителите од кондиторската индустрија и производителите на овошни и газирани сокови очекуваат Владата да ја продолжи мерката за намалувањето на царинската давачка од 30% на 5 % за увоз на шеќер, која истекува на 31 месецов, а беше донесена во февруари.
Иако Владата најави дека оваа мерка од 2012 година ќе има траен карактер, производителите на слатки и сокови преку Стопанската комора на Македонија (СКМ) во август, побараа таа да ја продолжи оваа мерка и по 1 ноември за да не се создаде вакуум простор до наредната година.
Некои од производителите како причини за нивното барање ги наведуваат повторното зголемување на цените на производите, а со тоа и губење на купувачите, намалување на производството, како и намалување на конкурентноста на домашните фабрики.
„Мислам дека владата има слух и ќе има слух и веќе го зема во предвид ова барање. Наскоро треба да бидеме известени бидејќи за некој ден оваа мерка престанува, но мислам дека рокот ќе се продолжи, односно ќе остане и натаму царината за увоз на шеќер да изнесува пет проценти“, вели Васко Ристовски, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија.
Според него, Македонија нема што да заштитува, туку напротив, со оваа мерка ќе се стимулира производството на шеќерна репка, што во последно време е замрено.
Ристовски додава и дека мерката влијаела и врз намалувањето на увозот на кондиторски производи со послаб квалитет од други земји.
Одлуката што ја донесе Владата во февруари годинава се покажа како крајно позитивен чекор бидејќи влијаеше на успешното работење на производителите на кондиторски производи и сокови. Годишно домашната кондиторска индустрија и производителите на сокови трошат меѓу 40.000 и 45.000 тони шеќер. Прехранбената индустрија, која е една од најмоќните стопански гранки во Македонија, со намалената царина на шеќерот овозможи конкурентност на своите производи на домашниот и регионалниот пазар.
Резултатите од анкета спроведена меѓу членки на СКМ кои во своето производство користат шеќер покажа дека производството кај 60% од нив е зголемено за 5 до 15%, а се бележи и зголемување на извозот. Од донесување на мерката до јуни, производството на чоколадо и какао се зголемило за 8 отсто, додека извозот на чоколадни бисквити, вафли и колачи се зголемил за 55 отсто.
„Мора да се констатира дека во ваков период на рецесија, кога има проблеми на пазарот, драстичен раст на цената на шеќерот на берзата, како и на какаото на кого му се зголеми цената, компаниите заклучија дека оваа мерка им помогна позитивно да го поминат овој нестабилен период“, вели Ристовски.
Од Министерството за економија сметаат дека одлуката за намалувањето на царинската стапка на шеќерот придонесе цената на шеќерот во земјата да се стабилизира и покрај осцилациите на шеќерот на светските берзи .
„Тоа придонесе кондиторската индустрија да ја задржи постојната конкурентната позиција во земјата и во регионот. Подготвена е предлог одлука за изменување на Одлуката за намалувањето на царинската стапка на шеќерот со која истата ќе се продолжи за три месеци до крајот на јануари 2012 година. Со одлуката треба да се премости периодот до донесување на трајно решение (намалување на царинската стапка во Царинската тарифа)“, велат од Министерството за економија.
Мерката имаше и директен бенефит за граѓаните бидејќи ги намали малопродажните цени на шеќерот. Така малопродажната цена на шеќерот во јануари 2011 година се движеше меѓу 55-65 денари, додека во февруари (со стапувањето на сила на владината одлука) падна меѓу 40-50 денари.
Воедно, токму поради оваа владина мерка малопродажната цена на шеќерот во Македонија е најниска споредена со цената на шеќерот во земјите во регионот како Србија, Бугарија, Грција, Албанија и Косово. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Халкбанк со намалени тарифи, повеќе придобивки за граѓаните и компаниите

Халкбанк АД Скопје донесе одлука за намалување на дел од своите тарифи, во согласност со променетиот тарифен модел на Народната банка на Република Северна Македонија. Со оваа одлука значително се намалуваат надоместоците за услугите за граѓаните и компаниите, при што клиентите ќе добиваат уште поповолни услови за извршување на финансиските трансакции.
И досега, Халкбанк во многу сегменти нудеше атрактивни услови во однос на тарифите. Така, проверката на состојбата на било која картичка на банкомат била и е бесплатна, а сите приматели на плата или пензија преку Халкбанк со својата мастеркард дебит картичка можат да подигнуваат готовина на банкомати на било која банка во Македонија без провизија. Бесплатно е и повлекувањето готовина од платежна сметка во девизи.
Со новите промени, електронските интерни налози за физички лица отсега наместо 5 денари, ќе бидат бесплатни. Истовремено, цената на електронски, брзи меѓубанкарски плаќања (МИПС) за физички лица, се намалува од 100 на 50 денари, а кај хартиените МИПС налози преку шалтер на банката, новата цена е 80 денари по налог, односно, во овој дел извршено е намалување за 60% од досегашната тарифа.
И за правните лица цената кај електронските, интерни налози се намалува од 11 на 7 денари, како и кај електронските МИПС плаќања од 100 на 80 денари, во зависност од износот. Направена е измена и кај хартиените МИПС налози за правни лица, каде новата цена сега изнесува 200 денари т.е. направено е намалување за 33% од досегашната цена за овие трансфери.
Овие промени ќе имаат директна корист за сите клиенти, особено за оние кои активно користат дигитални канали и електронски плаќања.
Истовремено, на сила остануваат сите поволности кои досега Банката ги нудеше на своите клиенти.
Халкбанк на клиентите им нуди и посебни пакети во рамките на кои се добиваат низа поволности и намалени тарифи. За младите до 24 години е наменет HalkEz пакетот со кој се добива бесплатна трансакциска сметка, мобилно банкарство, картичка и други поволности. За пензионерите, освен што се врши редовна и навремена исплата на пензијата, креиран е и специјален Пакет за пензионери кој е со бројни бенефиции – достапни услуги, бесплатни трансакции и поддршка при секојдневните банкарски потреби. А за оние кои ја примаат својата плата или пензија преку Халкбанк, наменет е и Смарт пакетот кој претставува комплетно банкарско решение кое ги обединува најчесто користените услуги во еден економичен месечен пакет. Тука се вклучени водењето на трансакциска сметка, дебитна картичка, мобилното и електронско банкарство, електронските налози, месечните известувања и подигнување готовина од сите банкомати во земјата. А пакетот нуди и подарок ORYХ Home Аssistance – без надоместок во промотивниот.
Дополнително, од 7 октомври Халкбанк ќе започне со извршување на прекугранични трансфери кон СЕПА (Single Euro Payments Area) системот. Во СЕПА регионот, кој опфаќа 41 земја членка и повеќе од 4.000 учесници, на сите клиенти – физички и правни лица – ќе им биде овозможено да извршуваат и примаат плаќања во евра под исти услови и со иста ефикасност како во рамките на националните граници.
Со ваквите чекори, Халкбанк уште еднаш ја потврдува својата стратегија да биде банка која ги поддржува граѓаните и компаниите со поповолни услови, современи дигитални решенија и интегрираност во европските платежни стандарди.
ПР
Економија
Мицкоски: Цената со која земјоделците го продаваат земјоделскиот производ е зголемена за 30%

Цената со која земјоделците го продаваат земјоделскиот производ е зголемена за 30% или 10 пати повеќе отколку импутот, изјави денес премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
„Во рамките на земјоделството се случува еден параметар кој што е многу значаен за економијата, за граѓаните, но и за земјоделците бидејќи трошоците при импутот, односно оние трошоци кои што им се потребни на земјоделците за да произведат се зголемуваат за од прилика 10 пати помалку, отколку цената по која што тие ги продаваат производите“, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека трошоците на земјоделците за производ на одреден земјоделски производ се зголемени за нешто над 3%, а цената на производот со која го продаваат е зголемен за нешто повеќе од 30%.
„Да бидам попрецизен, импутот, односно оние трошоци кои што ги имаат земјоделците за да произведат одреден земјоделски производ се зголемени за од прилика 3%, нешто над 3%, а цената на производот која што тие ја продаваат е зголемена за повеќе од 30%, затоа велиме импутот е од прилика нешто над 3% зголемен, а додека пак аутпутот, цената со која земјоделците го продаваат земјоделскиот производ е зголемен за 30% или 10 повеќе отколку импутот, и тоа е добро, повеќе пари кај земјоделците, тоа значи поголем развој кај земјоделството, повеќе храна, помалку увоз“, појасни премиерот Христијан Мицкоски и додаде:
„Тоа беше еден од нашите врвни приоритети и во таа насока ќе продолжиме како Влада да се движиме“, додаде премиерот.
Економија
Божиновска – Колумбија: Соработката со Обединетите нации е клучна за унапредување на националните политики

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работен состанок со Рита Колумбија, Постојана координаторка на Обединетите нации во Македонија.
На средбата беше разговарано за можностите за продлабочување на соработката во областа на обновливи извори на енергија, енергетската ефикасност, поддршка на ранливите категории и развој на иницијативи за климатски промени и животна средина.
Една од клучните теми беше поддршката од Обединетите нации за организацијата на 14-тиот Интернационален форум за енергија за одржлив развој (14-ИФЕСД), којшто во организација на Министерството за енергетика ќе се одржи од 28-30 октомври 2025 година во Скопје, Република Северна Македонија. Рита Колумбија ја потврди подготвеноста Обединетите нации да помогнат за учество на релевантни говорници на високо ниво, што ќе ја зголеми значајноста и ефектот од форумот.
„Соработката со Обединетите нации е клучна за унапредување на националните политики и за обезбедување конкретна корист за граѓаните. Со поддршката на ОН за нашиот форум ќе можеме да обезбедиме експерти и релевантни говорници кои ќе ја кренат дискусијата на високо ниво.“ истакна министерката Сања Божиновска.
На средбата беше дискутирано и за можностите за продлабочување на соработката околу Зелениот финансиски инструмент, воведување на државни обврзници врзани со одржливост и поддршка на енергетските заедници, со цел обезбедување на поинклузивни и одржливи решенија за граѓаните.