Македонија
Рикер: Никој не може да ви ги одземе идентитетот
Нема американско влијание врз одлуката на Македонија да поднесе тужба против Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, вели американскиот амбасадор Филип Рикер во интервјуто за Радио Канал 77
„Ние веруваме дека може да се остане инволвиран во процесот кој се води во ОН со амбасадорот Нимиц за изнаоѓање решение. Во овој случај, решение на спорот би било победничка ситуација за сите. Нема американски план, македонските власти сами треба да си донесат одлука за тоа. Ние мислиме дека македонското членство во НАТО е добро не само за Македонија, туку и за целиот регион, а тоа значи и за Грција“, вели амбасадорот Филип Рикер. Тој смета дека и новата американска администрација сака да види решение за македонско-грчкиот спор околу името. „Јас не слушнав изјави од избраниот претседател Обама во неговата кампања кои се поинакви од позициите на американската влада. Многупати кажав дека САД ќе го продолжат своето силно партнерство, пријателство и поддршка за Македонија, бидејќи таа поддршка вклучува ваш влез во НАТО како полноправна членка и сојузник. Мислам дека помалку треба да се фокусирате на Грција, а повеќе на интересите на Македонија“, додава американскиот амбасадор во Република Македонија. Тој очекува најголемиот дел од актуелната американска администрација да ги задржи своите места и за време на претседателствувањето на Обама, затоа што назначувањето на службениците најчесто е врз професионална, а не партиска основа. „Јасно е дека новиот претседател ќе има свои лични именувања, а многу од нив треба да бидат одобрени од Сенатот. Но поголемиот дел од нашите колеги во владата остануваат на своите места, па луѓе како мене, како професионални дипломати ќе си останат на своите места“, вели Рикер. Американскиот амбасадор во земјава, кој зборува македонски јазик, вели дека на македонскиот народ никој не може да му го одземе идентитетот и јазикот. „Секогаш ќе кажам дека јас зборувам македонски. Никој не може да те натера да прифатиш она што не можеш да го прифатиш. Но мислам дека е важно да се помисли на она што прави разлика во твојот живот, во животот на децата и внуците. Кога доаѓа до ова прашање – јазик, идентитет, мора да имате доверба во тоа што сте и што ќе бидете. Да ви цитирам нешто што го има кажано Елеонор Рузвелт, една од најголемите жени на 20 век. Таа рече: ’Никој не може да те понижи без твое одобрување’. Треба да размислите за тоа“, порачува Рикер. Американскиот амбасадор ја оцени како успешна неодамнешната турнеја во САД со претставници на македонската Влада, наменета за промоција на земјата како бизнис-дестинација. Според Рикер, на успешноста на посетата не влијаела глобалната економска криза. „Паметни компании со добро резиме, од информатичкиот сектор, тие гледаат напред: што ќе биде по кризата, каде да се прошират, каде да бараат шанси за инвестирање, за гринфилд инвестиции и затоа мислам дека ова беше корисна посета”, додава американскиот амбасадор Филип Рикер во интервјуто за националното радио Канал 77.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратениците на СДСМ утре ќе поднесат предлог за надзорна расправа и Анкетна комисија за Кочани
Пратениците на СДСМ и Коалицијата утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“ објави претседателот на СДСМ, Венко Филипче повикувајќи ги сите пратеници да ги поддржат.
„Пратениците на СДСМ и Коалицијата ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и повредените во Кочани и утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“, за утврдување на вистината и одговори на сите прашања.
На денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во Македонија.
Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание.“ стои во објавата.
Македонија
Минчев во Рим: усвоена новата декларација за реформи на јавната администрација во Западен Балкан
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на 17. седница на Управниот одбор на Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA) на министерско ниво, која се одржа во рамките на конференцијата „Партнерство за реформи: Министерски дијалог Западен Балкан – Италија“ во Рим, Италија.
На седницата беа презентирани и усвоени Годишниот извештај за периодот од 19 октомври 2024 до 19 октомври 2025, кој ги акцентира постигнувањата во реформите на јавната администрација, како и Буџетот за 2026–2027 година, кој обезбедува континуитет во активностите и поддршката за земјите од регионот.
Изгласана беше и Министерската декларација за реформа на јавната администрација, која потврдува заложбата за регионална соработка.
Оваа година декларацијата се фокусира на модернизација, дигитализација и унапредување на соработката со земјите членки на ЕУ.
Седницата заврши со предавање на претседателството на Управниот одбор на ReSPA беше свечено од министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, на министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Србија, Снежана Пауновиќ.
Во рамките на оваа значајна регионална иницијатива, министерот Минчев со своето учество повторно ја потврди континуираната поддршка на Република Македонија за унапредување на реформите во јавната администрација, зајакнување на регионалната соработка и интеграцијата во европските административни стандарди.
Македонија
Два авиони наместо во Скопје пренасочени во Приштина поради силен ветер
Два вечерни лета кои требаше да слетаат на скопскиот аеродром, се пренасочени кон Приштина поради неповолни услови за слетување.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека во скопскиот регион дува силен јужен ветер, кој создава проблеми за безбедно слетување:
„Поради силен јужен ветер, кој го зафати скопскиот регион, два авиони се пренасочени за слетување кон приштинскиот аеродром, додека други два сè уште кружат и чекаат насоки за слетување“, рече Ангелов.
Според информациите, ветерот дува на поголема височина, што дополнително ги отежнува процедурите за приод и слетување на скопскиот аеродром.

