Македонија
Петар Стојанов е добитник на признанието „Најдобар млад научник“ за 2013
Петар Стојанов, вработен на факултетот по медицина на Универзитетот Харвард, САД, е овогодишниот добитник на признанието „Најдобар млад научник“ што во среда му го врачи претседателот Ѓорѓе Иванов.
„Годинава наградата ја доделуваме на досега најмладиот добитник, Петар Стојанов, кој има неполни 26 години. Пред него се години и години научна работа. Со самото тоа што своето образование и професионална кариера ја минува во САД, покажува дека за квалитетот и за отворениот ум не постојат граници и бариери. Се надевам дека покрај интернационалната кариера ќе имаме можност многу почесто да го гледаме и во неговата матична земја”, рече Иванов.
Биоинформатичарот Стојанов рече деканаградата е од големо значење за промовирање на науката и поттикнување на младите научни умови во земјава, а за него е и мотив повеќе да придонесе за напредок на науката и образованието во Македонија.
Признанието се состои во диплома и парична награда, а Стојанов го понесе во конкуренција на 17 апликанти кои конкурирале на Конкурсот за „Најдобар млад научник” за 2013 година.
Стојанов завршил средно образование во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин”, а школувањето го продолжил во САД. Тој е член на една од водечките групи во областа на биоинформатиката, која се занимава со развивање нов пристап во анализата на карциномот, што претставува револуционерен пристап во основните познавања на оваа болест. Работи на Медицинскиот факултет на Харвард и има објавено трудови во врвни научни списанија и во последните три години се јавува како коавтор на 23 научни труда.
Досега ваквото признание од 2010 година го добија младите научници Никола Златанов, Трифче Сандев и Катерина Бачева./крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

