Европа
Јункер е против Грекзит-от, но бара објаснување за што гласале Грците
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, силно во вторникот се изјасни против излегувањето на Грција од еврозоната, и истакна дека од самитот на челниците на земјите членки на европската монетарна унија, кој ќе се одржи подоцна вечерта, треба да се очекува отворање пат за решение, но не и решение, а најави и дека од грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе бара објаснување што точно е гласано на референдумот.
„Јас сум против Грекзит (излегување на Грција од еврозоната – з.м.). Сакам да се избегне Грекзит-от. Во Европската унија има такви коишто, отворено или условно, го посакуваат излегувањето на Грција од еврозоната, но едноставните одговори честопати се лоши одговори… Европската комисија ќе стори сé преговорите повторно да бидат отворени, треба да се седне на преговарачката маса. Мораме да бараме решение, иако нема да го најдеме денеска, но ќе отвориме пат за тоа решение“, изјави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер на пленарната седмица на Европскиот парламент во Стразбур, во својот прв настап по неделниот референдум на кој Грците ги отфрлија предлозите на доверителите за продолжување на програмата за надворешно финансирање на земјата со дополнителни услови за штедење.
Јункер истакна дека на потег сега е Грција и оти Европската комисија е подготвена да помогне во постигнувањето на договорот. Притоа остро ја критикуваше изјавата на сега веќе поранешниот грчки министер за финансии, Јанис Варуфакис, кој трите институции – Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд – доверители на Грција ги нарече терористи.
Од Грчкиот премиер Алексис Ципрас, тој побара да објасни против што точно гласале грчките граѓани, кои на негов повик уверливо со над 61 отсто го отфрлија предлогот на кредиторите, имајќи го предвид нејасно поставеното референдумско прашање. „Грчкиот народ го кажа своето, а јас би сакал да разберам што кажа“, порача Јункер.
А референдумското прашање гласеше: „Треба ли предлогот кој го изнесоа Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд на состанокот на Еврогрупата на 25-ти јуни 2015-та, а кој се состои од два дела, кои заедно го прават нивниот сеопфатен предлог, да биде прифатен? Првиот предлог за вика ‘Реформи за завршување на актуелната програма и понатака’ и вториот ‘Анализа на одржливоста на прелиминарниот долг’“.
„Неопходно е да се почитува мислењето што го изразија Грците. Но, следува да се анализира и да се разбере што значи тоа мислење и што значи искажаното ‘не’ на референдумот. Грчкиот премиер многу убаво знае дека прашањето коешто беше поставено на референдумот не одговараше на ситуацијата на преговорите којашто владееше за време на неговото спроведување во Грција. Имам намера да барам од грчкиот премиер да даде соодветно објаснување во врска се резултатите од гласањето. Бидејќи прашањата поставени на референдумот веќе долго пред тоа не беа на дневен ред. И тоа му е прекрасно јасно на оној кој го следи процесот на преговорите“, рече Јункер.
„Но во моментов веќе не е важно кој бил во право, а кој е виновен. Треба да оставиме настрана сите многубројни претензии и лични амбиции. Треба непосредно да се занимаваме со ситуацијата. Но јас сум против упростен пристап кон ова прашање и слични решенија“, додаде челникот на Европската комисија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

