Свет
Лошото време во Казахстан го одложи спуштањето на дел од екипажот од МВС
Дел од екипажот на Меѓународната вселенска станица(МВС), двајца Руси и еден Американец, ќе останат уште еден ден во вселената бидејќи лошото време во степите на Казахстан не им дозволува во петок да се спуштат на Земјата, соопшти руската вселенска агенција Роскосмос.
Кевин Форд од НАСА и руските космонаути Олег Новицки и Евгениј Тарелкин од октомври 2012 година престојуваат на МВС, 100 милијарди долари вредната лабораторија која лета на околу 400 километри над Земјата.
Маглата и замрзнатиот дожд во Казахстан го спречија полетувањето на хеликоптерот со кој се прифатната екипа се транспортира на местото на слетување на транспортниот модул. Кормилото на МВС го презема Крис Хедфилд, прв Канаѓанец што управува со вселенската станица.
Ова е вторпат во 12 годишната историја на МВС, проект во кој учествуваат 15 држави, командата да ја преземе некој што не е Русин или Американец.
Хедфилд е еден од базичната тричлена посада која ќе ја одржува МВС и кон крајот на месецот ќе ги дочека Американецот Крис Кесиди и Русите Павел Виноградов и Александар Мисуркин, кои би требало да стигнат на станицата кон крајот на март. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Бројот на умрени во Франција за прв пат од Втората светска војна го надмина бројот на родени
Франција евидентираше повеќе умрени отколку родени во 2025 година за прв пат од крајот на Втората светска војна, со што се намали нејзината долгогодишна демографска предност во однос на другите земји од Европската Унија, покажаа официјалните податоци.
Националниот институт за статистика INSEE објави дека минатата година починале 651.000 луѓе, а се родиле 645.000 бебиња, бројка што постепено се намалува од пандемијата на коронавирусот.
Франција традиционално е демографски посилна од повеќето други европски земји, но стареењето на населението и опаѓањето на стапките на наталитет покажуваат дека дури ни таа држава не е имуна на демографската криза што ги оптоварува јавните финансии низ Стариот континент.
INSEE објави дека стапката на фертилитет паднала минатата година на 1,56 деца по жена, најниско ниво од Првата светска војна и далеку под 1,8 предвидени од советодавниот совет за пензии во своите прогнози за финансирање на пензии. Во 2023 година, последната година за која беа направени споредби со другите членки на ЕУ, Франција се рангираше на второ место со стапка на наталитет од 1,65, зад Бугарија, која имаше стапка од 1,81.
Националната канцеларија за ревизија минатиот месец предупреди дека демографската промена во наредните години ќе ги доведе јавните расходи до нивоа од ерата на пандемија, а воедно ќе ја намали даночната основа.
Иако бројот на смртни случаи е поголем од бројот на раѓања, населението на Франција малку се зголеми на 69,1 милиони минатата година поради нето миграцијата, која според INSEE е проценета на 176.000.
Очекуваниот животен век достигна рекордно високо ниво минатата година – 85,9 години за жени и 80,3 години за мажи – додека процентот на оние на возраст од 65 години или повеќе кои живеат се искачи на 22 проценти, речиси изедначувајќи го процентот на оние под 20 години.
Свет
Сириските власти разбија терористички ќелии на ИСИС во Дамаск
Сириското Министерство за внатрешни работи денес соопшти дека неговите безбедносни сили разбиле ќелија на ИСИС и ги уапсиле нејзините членови во предградие на Дамаск.
„Членови на терористичка ќелија на ИСИС беа уапсени во градот Џадидат ал-Шибани во долината Барада, предградие на Дамаск“, изјави извор од министерството за Сириската арапска новинска агенција (САНА), без да даде дополнителни детали.
Американски војници убиени во претходна заседа
Тројца Американци, меѓу кои двајца воени лица и еден цивил, беа убиени на 13 декември, а тројца американски војници беа ранети во заседа на ИСИС во централниот град Палмира, според Централната команда на САД (CENTCOM).
Сирија официјално се приклучи на меѓународната коалиција предводена од САД против ИСИС на 12 ноември.
Коалицијата беше формирана во 2014 година и спроведува воени операции против терористичката група во Сирија и Ирак, иако Дамаск претходно не беше член.
Новата сириска администрација работи на заострување на безбедносните услови низ целата земја од падот на режимот на Башар ал-Асад кон крајот на 2024 година.
Свет
Трамп прашан што мисли со објавата „помошта е на пат“ за иранските демонстранти: Ќе мора сами да го сфатите тоа. Жал ми е
Американскиот претседател Доналд Трамп остана мистериозен во врска со можната помош за иранските демонстранти, откако претходно објави на социјалните мрежи дека „помошта е на пат“.
Кога новинарите го прашаа што мисли со објавата, Трамп одговори: „Ќе мора сами да го сфатите тоа. Жал ми е“, пишува „Аксиос“.
Познато е дека администрацијата на Трамп размислува како да изврши притисок врз иранскиот режим по неговото смртоносно задушување на протестите.
Прес-секретарката на Белата куќа, Керолајн Ливит, вчера изјави дека воздушните напади се меѓу „многуте, многуте опции“ што се разгледуваат, но нагласи дека „дипломатијата е секогаш првата опција за претседателот“.

