Македонија
Македонски, српски и норвешки воено-медицински тимови на вежба на „Пепелиште“

Вкупно два милиони евра изнесува вредноста на норвешката донација – полска волница РОЛЕ 2 (ROLE 2 Medical Treatment Facility), што свечено беше предадена во четвртокот на вежбата „Безбедна патека – 2012“ на Пепелиште.
Заблагодарувајќи и се на неговата норвешка колешка Ан-Грете Стром-Ериксен, министерот за одбрана Фатмир Бесими посочи дека со ова Македонија исполнува значаен критериум во декларираните единици на земјата за учество во мировни мисии преку развој на подвижната болница од ниво 2.
„Поздравувајќи ја помошта од Кралството Норвешка на севкупните Евро-Атлантски напори на Република Македонија, уште еднаш би сакал Ви се заблагодарам почитувана Министерке на Вашата земја за несебичната материјална и финансиска поддршка неопходна за успешната реализација и на овој наш заеднички проект, изразувајќи надеж дека во иднина ќе имаме можност за нови форми на соработка и заеднички успешни проекти“, рече Бесими.
На вежбата учествуваа воено-медицински тимови од Македонија, Србија и Норвешка.
„Регионалната доверба се потврдува токму преку овие заеднички проекти на соработка во областа на обраната, мирот и безбедноста“, рече Бесими. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Вработување на Албанците има само за роднините на Изет Меџити

Демократската унија за интеграција реагираше на изјавите на Изет Меџити дадени за време на посетата кај едно семејство во Гази Баба.
„Изет Меџити синоќа уште еднаш покажа дека за него лагите и манипулациите немаат граници,“ изјави Решат Ахмети на прес конференцијата.
„Тој тврдеше дека за една година владеење на ВЛЕН биле вработени двојно повеќе Албанци отколку за целото владеење на ДУИ. Таква лага заслужува да биде запишана во Гинисовата книга на рекорди. Вистината е сосема поинаква и дека кога Меџити зборува за „вработувања“, мисли само на своите роднини и најблиски. Додека илјадници граѓани на Чаир и Скопје со години чекаат за една чесна можност, неговиот клан собира по две или повеќе плати,“ рече Ахмети.
Тој го повика Меџити јавно да покаже само две имиња на луѓе од Чаир кои добиле работа во изминатата година, а не се негови семејни членови или пријатели. „Само две имиња, ништо повеќе,“ подвлече Ахмети.
Ахмети потсети и на список од десетици имиња поврзани со непотизмот на Меџити, од неговиот братучед Бурим Латифи, директор на МЕПСО, до брачниот пар Имери, кои, како што рече, „се само дел од мрежата на блиски луѓе што ги вработува и унапредува Меџити“.
„Оваа листа е само мал дел од она што граѓаните на Чаир и Скопје многу добро го знаат: дека за Изет Меџити политиката отсекогаш била средство за вдомување на семејството и пријателите, а не за служење на граѓаните,“ истакна Ахмети.
Македонија
Времето утре променливо облачно, локално со невреме

Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб до умерен ветер од северен правец. На повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 20 l/m²), засилен ветер (над 60 km/h) и услови за изолирана појава на град, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи, во делови од котлината во форма на краткотрајно невреме. Во текот на денот ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 30 степени.
Од петок следува период на претежно стабилно време. До недела ќе дува слаб до умерен северен ветер, a од понеделник ветерот ќе го смени правецот во јужен.
Македонија
Тошковски: Граѓаните заслужуваат полиција која ќе се грижи за нивната безбедност и благосостојба

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со раководството на министерството и полицијата учествуваше на семинар за професионалност и оперативна независност во рамки на проектот „Промоција на интегритет и добро управување во земјите на Западен Балкан“ под покровителство на Центарот за интегритет во одбранбениот сектор на Кралството Норвешка (CIDS).
Главна цел е унапредување во менаџирањето на полицијата и безбедноста на граѓаните во насока на балансирање на професионализмот и оперативната независност со политичкото влијание и пристапи кои не се засновани на заслуги. Главната цел е дефинирање на стратешки комуникациски модел кој ја исполнува улогата на политички надзор на МВР врз полицијата, почитувајќи на нејзината независност.
„Секојдневно треба да се реформираме и унапредуваме со една јасна цел, градење на модерна европска полиција која ќе ја гарантира безбедноста и благосостојбата на сите свои граѓани, ќе се бори со сите видови криминал ослободена од било какви притисоци и влијанија.“, потенцираше министерот Тошковски.