Економија
Битката за границата на долгот со голем залог

Политичкото превирање во Вашингтон во врска со федералниот буџет најверојатно ќе се интензивира како што залогот расте од милијарди до трилиони долари.
Политичкото превирање во Вашингтон во врска со федералниот буџет најверојатно ќе се интензивира како што залогот расте од милијарди до трилиони долари. Дел од фокусот се менува, од несогласувања во врска со владините трошоци за една година, на поголема битка за се` поголемиот долг акумулиран во текот на многу години.
Американскиот секретар за финансии Тимоти Гајтнер вели дека залогот во борбата за лимитот на долгот е многу висок.„Последиците би биле катастрофални за САД. Несолвентноста на САД ќе ги вовлече во криза далеку полоша од онаа низ која штотуку поминавме. Мислам дека кризата низ која минавме ќе изгледа скромна во споредба“, вели Гајтнер.
Поентата на Гајтнер е – ако Конгресот не преземе акција за кревање на лимитот на долгот, сегашните обврски и потребата од рефинансирање на поранешните заеми може да го натераат Вашингтон да го испушти плаќањето на ратите на постојниот американски долг. Тоа може да предизвика големи економски проблеми зашто инвеститорите можат драстично да ги кренат каматните стапки што ќе ги зголеми трошоците и ќе го усложни проблемот.
Гајтнер смета дека е крајно неверојатно Конгресот да постапи на толку неодговорен начин и да не го зголеми лимитот.
Многу години, Вашингтон трошел повеќе отколку што собирал од даноци и од други извори на приход. Тоа прави дефицит во годишниот буџет. Владата мора да позајмува пари за да ја покрие разликата. Сите овие годишни дефицити заедно го сочинуваат тоталниот долг.Според американскиот закон, Одделот за финансии не може да позајмува повеќе пари со издавање обврзници ако Конгресот тоа не го одобри со кревање на законскиот лимит на позајмувањето. Сегашната граница е 14 трилиони долари, сума речиси еквивалентна на сите добра и услуги произведени во САД за една година.
Владата се очекува да го достигне својот должнички лимит следниот месец. Во САД има закон за границата на долгот речиси еден век. За тоа време, лимитот бил намален неколку пати, и зголемен повеќе од 60 пати.
Како што се приближува таа граница, републиканците вршат притисок на претседателот Барак Обама и неговите демократи во Конгресот да ги намалат трошоците по социјалните програми и да ги држат ниски даноците. Демократите сакаат да се справат со долгот преку зголемување на даноците за богатите Американци и намалување на програмите за армијата.Многумина веруваат дека двете страни ќе дојдат до договор за да се избегне несолвентноста, но само по жестока реторика, што ќе биде голем политички театар.
Последователните годишни дефицити направија тоталниот долг да се удвои за последниве неколку години, и многу членови на Конгресот веруваат дека продолжувањето на тој курс со време ќе доведе до толку голем долг што ќе предизвика сериозна економска криза. крај/ВОА/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство

Денеска е објавен Јавниот повик 08/2025 за доставување на барање за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2025 година.
Поддршката е наменета за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство, со цел зачувување на руралните подрачја и промовирање на одржливо земјоделство.
Право на поддршка имаат земјоделски стопанства регистрирани согласно Законот за земјоделство и рурален развој во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Висина на поддршката:
• 100% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина еднаква или повисока од 700 метри;
• 60% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина пониска од 700 метри.
Услови за доделување:
• 1 вработено лице на 150 овци;
• 1 вработено лице на 100 кози;
• 1 вработено лице на 50 говеда, но не повеќе од 620.000 денари по вработено лице.
Задржување на истиот број вработени најмалку една година по исплатата.
Барањата со потребната документација потребно е да се поднесат најдоцна до 30.07.2025 година.
Економија
Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем, земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според неа, со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор.
Божиновска најави дека во следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција.
„Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија“, рече таа.
Во меѓувреме, додаде Божиновска, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори“, рече таа.
Изградбата на 400/110 kV врската Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.
„Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот.“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.