Македонија
Светски ден на слобода на медиумите
Денеска се одбележува Светскиот ден на слободата на медиумите 3. Мај, посветен на фундаменталните принципи за слобода на печатот и одбрана на медиумите од нападите врз нивната независност
На овој ден, секоја година им се оддава признание на новинарите кои ги загубија животите вршејќи ја својата професионална должност. По повод одбележувањето на 3. Мај, вчера, свое обраќање имаше генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, кој изрази жалење што во светот продолжуваат убиствата, заплашувањата и затворањата на новинари.“Бројот на напади врз новинари е шокирачки. Според податоци на Комитетот за заштита на новинарите, 41 новинар биле убиени во 2008 година додека ја вршеле својата професија, а 11 се убиени од почетокот на годината“, се вели во изјавата на Бан Ки-мун. Според податоците на ОН, 125 новинари кон крајот на 2008 година, се уште се наоѓаат во затвори. Некои од нив се приведени веќе десет години, а три земји – Куба, Кина и Еритреја, носат одговорност за половина од тие случаи на уапсени новинари. Светскиот ден на слободата на медиумите востановен е во 1993 година од страна на Генералното собрание на ОН по препорака на генералната конференција нa УНЕСКО во 1991 година. На овој ден Светската организација за образование, наука и култура ги собира професионалците новинари од цел свет на конференција со цел да направи пресек на состојбата со новинарството на глобално ниво, да се проговори за кршење на правото на слобода на изразување, но и да потсети дека новинарите секојдневно ги жртвуваат своите животи или се соочуват со затворски казни во напорите да обезбедат информации. Во чест на Гилермо Кано, колумбски новинар кој беше убиен во 1986 година објавувајќи текстови против водачи на нарко мафијата во неговата земја, од 1997 година УНЕСКО ја востанови и Меѓународната награда за слобода на печатот. Се доделува на заслужни личности, организации или институции за нивниот исклучителен придонес кон одбрана или промоција на слободата на печатот секаде во светот. Годинава, посмртно му е доделена на новинарот од Шри Ланка, Ласанта Викрематунга, кој беше убиен во јануари. Здружението на новинарите на Македонија по повод 3 мај – Светскиот ден на слободата на печатот, традиционално ќе се придружи на меѓународната акција Пет минути громогласна тишина!“, која годинава ќе ја спроведе под мотото За достоинство на новинарите, за достоинствена професија. Сите новинари се повикуваат да ја прекинат симболично својата работа во пет минути до 12 часот, без оглед каде се наоѓаат, во редакција или на терен, а на електронските медиуми да се исклучи програмата со испишано мото на кајронот. Во печатените медиуми да се одвои простор во кој на црна позадина ќе се испише мотото на протестот и повикот за протест на 4 мај, а во соодветна форма тоа да го одбележат и новинските агенции и медиумите во електронска форма. ЗНМ, в понеделник, организира и масовен протест на новинарите на плоштадот „Македонија“ против, како што стои во соопштението, лошата состојба на македонското новинарство воопшто, за пресудите, притисоците, за политичките влијанија и за платите. Во Извештајот за 2008 година на невладината организација Фридом Хаус, што е објавен спроти одбележување на Светскиот ден на слободата на медиумите, Македонија го дели 98. место по слободата на медиумите со Босна и Херцеговина, со оценка 47. Медиумите во Македонија се уште се оценуваат како „делумно слободни“.Хрватска е на 81. место во категоријата „делумно слободни медиуми“. Во истата категорија се Бугарија на 76, Црна Гора на 78, Србија на 83 и Албанија 101 место. Општа констатаација на Извештајот е дека слободата на медиумите во светски рамки опаѓа веќе седма година по ред и тоа со влошување кое првпат е забележано во сите региони. Меѓу земјите со најлош статус се Белорусија, Кина, Куба, Иран, Либија, Мјанмар, Палестинската територија, Руанда, Туркменистан, Узбекистан и Зимбабве. На последното 195. место е Северна Кореја со оценка 98. Западна Европа, особено скандинавските земји се на врвот по слободата на медиумите. Прв е Исланд кој има оценка девет, а следуваат Финска и Норвешка со 10. САД го дели 24 место со Чешка и Литванија со оценка 18.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Коалицијата Менуваме“ ќе предложи закон за онлајн регистар за деца и млади со попреченост
„Коалиција Менуваме“ соопшти дека подготвила нацрт-закон за онлајн регистар за деца и лица со попреченост и посебни потреби кој го споделува во јавноста за консултации и сугестии, по што ќе го достави во Собранието, Владата и во неколку министерства.
„Коалиција Менуваме“ соопшти дека регистарот е дизајниран исклучиво за подобрување на институционалната координација, обезбедување континуитет на поддршката, намалување на административната дупликација и овозможување развој на информирани јавни политики преку агрегирани и анонимизирани податоци. Во сите фази од неговото воспоставување и употреба, како што наведува, регистарот целосно ќе ја почитува заштитата на личните податоци, приватноста, минимизирањето на податоците и ограничувањето на намената, во согласност со националното законодавство и меѓународните стандарди. Посочува и дека законот што го подготвиле не воведува нови механизми за категоризација или надзор ниту, пак, создава јавна база на податоци.
-Напротив, воспоставува строги контроли на пристап, јасно дефинирани институционални одговорности и робусни заштитни мерки за спречување на злоупотреба, неовластен пристап или откривање на чувствителни информации. Децата и лицата со попреченост и посебни потреби се меѓу најранливите членови на општеството и им е потребна навремена, координирана и континуирана поддршка од повеќе институции. Остварувањето на нивните законски загарантирани права често зависи од ефикасноста, точноста и интероперабилноста на административните, социјалните, образовните, здравствените и другите јавни институции. Во огласност со принципите на човеково достоинство, еднаквост, недискриминација и најдобриот интерес на детето и лицето, овој нацрт-закон воспоставува онлајн регистар за деца и лица со попреченост и посебни потреби како безбеден, централизиран и нејавен електронски систем, се наведува во соопштението.
Јавната кокуникација за одготвениот нацрт-закон, додава „Коалиција Менуваме“ ќе биде ограничена на општа, објаснувачка и образовна содржина, обезбедувајќи целосно заштита на достоинството, приватноста и правата на децата и лицата со попреченост и посебни потреби.
-Со донесувањето на овој закон, Република Северна Македонија ја потврдува својата посветеност на инклузивно управување, дигитална одговорност и создавање систем кој одговара на реалните потреби на децата и лицата со попреченост и посебни потреби, ставајќи ги нивните права, достоинство и благосостојба во центарот на јавното дејствување, стои во известувањето.
Македонија
Петте тони марихуана откриени кај Крушевац биле набавени во Македонија
Вишиот суд во Белград синоќа им одреди притвор на тројца уапсени по заплената на пет тони марихуана во селото Коњух кај Крушевац. Притворот им е одреден на Н.С., Р.С. и И.Д. односно поради опасност од бегство, за да не се влијае врз сведоците, за да не се повтори кривичното дело и поради можно нарушување на јавниот ред и мир, соопштија од тој суд.
Јавното обвинителство за организиран криминал претходно вечерва објави дека е донесена наредба за спроведување истрага против Александар Мијајловиќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски.
Со оглед на тоа што осомничениот Александар Мијајловиќ, кој е означен како организатор на оваа организирана криминална група, е во бегство, до судијата за претходна постапка е поднесен предлог за издавање потерница против него, вклучително и меѓународна.
Како што е наведено во соопштението, оваа организирана криминална група дејствувала на меѓународно ниво, со тоа што во текот на јануари набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на Македонија.
Според планот на организаторот, осомничениот Иван Драгниќ ја транспортирал дрогат преку границата до магацинот на семејството на осомничените Спасојевиќ, од каде што осомничениот Урош Младеновски ја земал за понатамошна продажба.
Оваа акција се смета за најголема заплена на дрога во историјата на српската полиција – претходната најголема заплена беше 1.960 килограми.
Македонија
Забрана за сообраќај поради снег на камиони од утрово на патот Маврово – Дебар
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот.
Како што информираат АМСМ и ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег со променлив интензитет утрово има во Крушево, на Попова Шапка, во Маврово и на планинските превои Стража, Ѓавато и Пресека. На планинскиот превој Буково врнежите се од дожд и снег.
Забрана за сообраќај на тешки товарни возила поради врнежи од снег од 5.45 часот е воведена на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
На возачите им се препорачува да ја приспособат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да возат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде што има можност од појава на одрони.

