Македонија
Дводневна национална младинска конференција “Заеднички визии”
По Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која се одржа минатата недела во Охрид, заедничката програма на Обединетите нации ”Подобрување на меѓуетничкиот дијалог и соработка помеѓу заедниците“.
По Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која се одржа минатата недела во Охрид, заедничката програма на Обединетите нации ”Подобрување на меѓуетничкиот дијалог и соработка помеѓу заедниците” продолжува со поддршка на активностите кои се во функција на зајакнување на соработката меѓу различните заедници во нашата земја.
Под покровителство на Канцеларијата на УНЕСКО во Венеција и со финансиска поддршка на Фондот за остварување на Милениумските развојни цели и Владата на Шпанија, во рамките на оваа програма, Институтот за развој на заедницата (ИРЗ) од Тетово и Високата школа за новинарство и за односи со јавноста (ВС) ја организираат националната младинска конференција „Заеднички визии“, која ќе се одржи во Чифте Амам во Старата скопска чаршија денеска и утре на 16 мај.
На отворањето покрај претставниците на партнерските организации во проектот (ИРЗ и ВС) свое обраќање ќе има и претставник на агенциите на ОН во земјава. Конференцијата претставува единствена можност за 40 млади луѓе на возраст од 16-24 години од различни етникуми и од различни делови на Република Македонија отворено и без никакви предрасуди да разговараат за разликите меѓу нив, и преку забава и дружење да ги надминат предизвиците кои постојат помеѓу младите и да почнат да ги чувствуваат придобивките од можноста да живеат во земја која што е богата со различности.
Во рамки на конференцијата, на 15 мај навечер, со почеток во 20 часот, во Чифте амамот ќе се одржи и мултимедијален настан, каде што ќе бидат изложени фотографиите од конкурсот “Заеднички визии” и ќе бидат прогласени наградените млади уметници, а ќе настапуваат и неколку познати музички состави и диџеи од земјава./крај/со/ит
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Божиновска со студентите инженери од проектот „Македонска Формула“: Македонија има талент за европската инженерска сцена
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини оствари работна средба со студентите инженери од проектот „Македонска Формула“. Тимот MES Racing – првиот и единствен македонски Formula Student тим, кој успешно ја претставува државата на меѓународната инженерска и технолошка сцена.
На средбата, студентите го презентираа својот проект, визијата и досегашните активности, преку кои младите инженери стекнуваат практични знаења и работат по принципи на реална инженерска компанија, развивајќи иновативни решенија и современи технологии. На проектот работат четириесетина студенти од различни факултети и секој во рамки на својата област дава придонес за развој на овој проект.
Министерката ја нагласи важноста од континуирана институционална поддршка за младите инженери, потенцирајќи дека инвестицијата во нивното знаење, креативност и иновации е директна инвестиција во иднината на државата. Таа истакна дека ваквите студентски иницијативи се од исклучително значење за развојот на техничките науки, јакнењето на домашниот инженерски кадар и задржувањето на младите таленти во земјата.
„Наш приоритет е да создадеме средина во која младите инженери ќе бидат охрабрени, поддржани и мотивирани да ги развиваат своите идеи и иновации. Проекти како ‘Македонска Формула’ покажуваат дека Македонија има знаење, визија и потенцијал да биде дел од европската и светската инженерска заедница,“ истакна министерката.
Од тимот MES Racing нагласија дека поддршката и соработката со институциите претставуваат значаен поттик за понатамошен развој на студентското инженерство, како и за унапредување на практичната едукација и технолошките капацитети во земјата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на поддршка на младите, науката, иновациите и инженерските решенија, како клучен сегмент во градењето на одржлива и конкурентна економија, додаваат од министерството.
Македонија
Владата на Мицоски ја отвори вратата за 10.000 странски работници, велат од СДСМ
Владата на Мицкоски донела одлука со која се отвора вратата за нови 10.000 странски работници во земјава во 2026 година, истакнуваат од СДСМ.
„Одлуката од денеска стапува на сила и се однесува на значително зголемен број во споредба со лани од дури 4.500 лица.
Доаѓаат таканаречените „економски работници“. Иако во Македонија се уште има речиси 100.000 невработени и стапката на невработеност е двоцифрена. Се беше подготвено, сега само се реализира планот. Склучија „стратешки договор“ за кој известија британските медиуми, за мигранти, потоа го сменија Законот за странци со кои ги олеснија условите за доаѓање, престој и работа“.
Ги скратија процедурите, додаваат од опозициската партија, го продолжија времетраењето на дозволите.
„Се создаде правна рамка за долгорочно задржување во државата, ако има „стратешки парнер“ секако. Донесоа резолуција – Декрет за да и забранат на опозицијата да говори за мигранти.
Тоа што се подготвуваше, почна“.
Македонија
Лекарската комора дава поддршка за новиот Закон за заштита од пушење
Лекарска комора на Република Северна Македонија изрази поддршка за новиот Предлог-закон за заштита од пушење и за мерките што со него се воведуваат, оценувајќи дека тие се во насока на унапредување на јавното здравје и заштита на населението, особено на децата, младите и ранливите групи.
Од Комората посочуваат дека лекарите секојдневно се соочуваат со последиците од употребата на тутунски и никотински производи и изложеноста на чад, кои, како што наведуваат, се директно или индиректно поврзани со кардиоваскуларни заболувања, малигни болести, хронични белодробни состојби и други сериозни здравствени проблеми.
Следејќи ги добрите европски практики, Лекарската комора смета дека новите мерки за контрола на тутунските и никотинските производи, како и заштитата од пасивно пушење, ќе придонесат за намалување на бројот на нови корисници, особено кај младите, поефикасна заштита на непушачите во затворени простории и создавање поздрава животна и работна средина.
Во соопштението се нагласува дека здравјето на граѓаните мора да биде над сите други интереси и дека доследното почитување на законските ограничувања може да резултира со помал број хоспитализации и долгорочни придобивки за целото општество.
Од Лекарската комора информираат дека остануваат подготвени активно да учествуваат во подигање на јавната свест за опасностите од употребата на тутунски и никотински производи и да дадат поддршка на мерките кои водат кон поздрава и побезбедна заедница.

