Македонија
Милошоски: Македонија е мотивирана да оди напред
Советот за стабилизација и асоцијација смета дека Република Македонија прави добар напредок, сепак постојат отворени прашања
Македонија прави добар наредок иако се’ уште постојат отворени прашања, оценија во понедленик вечерта во Брисел, Карл Билт, министер за надворешни работи на Шведска, која претседава со ЕУ, и шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски, на прес-конференција по шестиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација. На состанокот, на кој присуствуваа и вицепремиерите Васко Наумовски и Абдулаќим Адеми, беше разгледуван напредокот на Македонија во процесот на приближување кон ЕУ и спроведувањето на Спогодбата. „Мислам дека правиме добар напредок. Постојат отворени прашања на кои работиме. Имавме можност да ги размениме нашите погледи и за состојбата во Западен Балкан. Расправавме и за можноста да го придвижиме регионот кон европските интеграции. Нема прашање дека Западен Балкан е интересен за Унијата“, смета Билт.Министерот Милошоски истакнал дека целосно се согласува со заклучокот на шведскиот колега дека е направен добар напредок, иако, според него, се’ уште има некои работи што треба да се довршат во наредниот период и дека во Македонија постои огрoмна мотивација тоа да се направи.„Блиската соработка што ја воспоставивме со Европската комисија е круцијална за доближување на Македонија кон европските интеграции. Македонија се чувствува подготвена и мотивирана да оди напред по ова прашање. Октомврискиот извештај е нашиот приоритет за да ги исполниме одредниците и покрај препораката за визна либерализација, Европската комисија да препорача и почеток на преговорите за членство во Унијата до крајот на годинава“, рекол Милошоски синоќа во Брисел. Прашан дали го дели оптимизмот на еврокомесарот за проширување Оли Рен дека Македонија и Грција можат да го решат проблемот со името и Македонија да ги почне преговорите, шефот на шведската дипломатија Билт рекол дека тој не може да биде ниту оптимист ниту, пак, песимист и дека прво треба да го почека октомврискиот извештај на ЕК. Милошоски бил запрашан и зошто се чека долго време да се исполнат одредниците, на што одговорил дека станува збор за континуриана работа и дека сега останува да се направат завршните финеси, што било констатирано и од страна на еврокомесарот Оли Рен при посетата на Скопје.Во врска со слободата на медиумите, Милошоски рече дека во Македонија во последниов период се отворени повеќе приватни печатени и електронски медиуми кои известуваат различно и понезависно и со тоа, смета тој, се зголемила слободата на медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Уставен експеримент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

