Надворешна политика
Воена делегација на националната гарда на Вермонт примена од началникот на ГШ на АРМ
Висока воена делегација на националната гарда (НГ) на сојузната држава на САД Вермонт, предводена од командантот на НГ на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј, во понеделник беше пречекана во Генералштабот (ГШ) на АРМ, од страна на началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески.
За време на престојот во ГШ на АРМ генералот Креј беше примен од Министерот за одбрана Зоран Јолевски, на која присуствуваше и амбасадорот на САД во Република Македонија Н.Е. Пол Волерс.
На разговорите во ГШ на АРМ пред гостите од НГ на Вермонт од страна на ГШ на АРМ беа презентирани искуствата од научените лекции во мисиите предводени од НАТО, ЕУ и ООН, како и учеството на АРМ во новата мисија на НАТО во Авганистан „Одлучна поддршка“, а беа разгледани и можностите за јакнењето на понатамошната соработка со НГ на Вермонт.
Во изјавата за медиумите, генералот Котески ја истакна одличната соработка на АРМ со НГ на Вермонт, укажувајќи посебно на: заедничкото учество во мировни операции, реализацијата на голем број заеднички вежби, обуки и едукација на припадниците на двете армии. НГШ на АРМ ја нагласи намерата за понатамошна соработка со НГ на Вермонт во сите области, при што посебно потенцираше на иницијативата за реализација на заедничка конференција со учество на армиите од земјите во регионот и националните гарди од сојузните држави во САД како нивни партнери за разгледување на можностите за формирање на сили за справување со природни непогоди, како и обука на медицински персонал. Генералот Котески соработката помеѓу НГ на Вермонт и АРМ, ја посочи како пример и поттик за соработката на Република Македонија и сојузната држава Вермонт во повеќе области.
Генералот Креј истакна дека е горд на соработката со АРМ и дека пријателството кое изминатите години е изградено, значи и партнерство. Тој истакна дека бројните активности помеѓу двете армии во изминатите години, го прават навистина силно партнерството помеѓу нив, нарекувајќи ги припадниците на двете армии ,,браќа и сестри по оружје“. Генералот Креј додаде дека вредностите за кои тој се залага во НГ на Вермонт се интегритет, служба и извонредност, ги споделуваат припадниците на двете армии.
По изјавите, се одржа церемонија на која од страна на НГШ на АРМ му беше доделена плакета на АРМ на полковник Дан Пајпс од НГ на Вермонт, а од страна на командантот на НГ на Вермонт на полковникот Зоран Секуловски му беше доделен медал за заслуга.
За време на престојот, генералот Креј ќе ги посети Воено-медицинскиот центар на АРМ, Центарот за обука на пилоти и воздухопловната бригада. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.