Регион
Романија во шок по загинувањето на 27 млади во дискотека
Во големиот пожар кој избувна ноќта кон саботата во еден од најпосетените ноќни клубови во Букурешт загинаа 27 млади луѓе, а повеќе од 180 се повредени, што е едена од најтешките трагедии во романската престолнина.
„Ова е голема трагедија. Ова е најтешката несреќа од овој вид“, изјави романскиот министер за внатрешни работи Габриел Опреа.Во несреќата загинаа 27 млади луѓе, меѓу кои има и малолетници, се наведува со соопштението на романското министерство за внатрешни работи, и се додава дека 162 лица повредени во оваа несреќа се хоспитализирани во повеќе болници во Букурешт. Се стравува дека бројот на жртвите може да биде повисок, биејќи најмалку 25 од повредените се наоѓаат во критична состојба.Во тек е истрага за причините на несреќата којашто се случила по 23 часот по локално време. Во дискотеката „Colectiv“ се собрале неколку стотици млади луѓе, според очевидци меѓу 200 и 400, на концертот на романскиот хардрок бенд Goodbye to Gravity, кој таа вечер го промовирал својот нов албум.Повикувајќи се на очевидци, романските медиуми пишуваат дека во текот на пиротехничкото шоу се случила експлозија по која се запалил столб и дел од таванот, а просторијата ја исполнил густ чад, што предизвикало паника. Многумина кои се обидувале да се пробијат кон излезот, се здобиле со повреди на нозете а поголем рој се затруени од чадот, соопшти министерството за здравство.„Луѓето паѓале во несвест од чадот. Завладеал хаос, луѓето газеле преку другите“, изјави за порталот EVZ, Виктор Јонески, очевидец на несреќата. Според други сведоштва, во текот на несреќата во функција бил само главниот влез на дискотеката, а се наведува и дека сопственикот на клубот немал дозвола за употреба на пиротехнички средства.Романскиот претседател Клаус Иоханис на својата страница на Facebook објави дека е „потресен и тажен поради несреќата“, и изрази „солидарност и сочувство“ со членовите на семејствата на жртвите.Идентификацијата на жртвите е отежната поради тоа што многумина немале кај себе лични исправи. На социјалните мрежи се отворени страници на коишто се повикуваат граѓаните да даруваат крв за повредените./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Инцидент во Словенија: член на паравоена група се обидел да му даде пиштол на премиерот Голоб
Попладнево, полицијата интервенираше пред зградата на словенечката влада во Љубљана, кога припадник на т.н. Штаерската гарда, паравоена група и самопрогласена милиција, се обиде лично да му предаде нелегален пиштол на премиерот на Словенија, Роберт Голоб.
Инцидентот се случи еден ден откако Голоб објави закон што ќе овозможи доброволно предавање на нелегално оружје без последици, јавува агенцијата СТА.
Канцеларијата на премиерот одби да коментира за инцидентот, истакнувајќи дека очекува полицијата да постапи во согласност со законот.
Јавноста првпат дозна за Штаерската гарда во 2018 година, кога на Интернет беше објавено видео на кое се гледа група од неколку стотици маскирани мажи во воена опрема, некои од нив со секири и автоматски пушки, наредени во шума. Подоцна рекоа дека станува збор за воздушни пиштоли.
Видеото предизвика загриженост за паравоената природа на групата и нејзиното потенцијално влијание врз јавниот ред.
Групата често е критикувана за своите екстремни ставови и напори да влијае врз политичките процеси во земјата со употреба на насилство или закани.
Водачот на групата, Андреј Шишко, беше осуден на осум месеци затвор за обид за поткопување на уставниот поредок.
Регион
Загреб ја забрани „За дом спремни“ на концерти и јавни настани
Градското собрание на Загреб денес гласаше за Заклучок со кој се повикува градоначалникот да преземе сите потребни мерки за да се спречи употребата на фашистички и усташки симболи, слогани и пароли, вклучително и „За дом спремни“, на сите јавни површини и настани под надлежност на градот, пренесе хрватски „Индекс“.
Одлуката се однесува на областите управувани од градските институции и комерцијалните компании, како и на сите јавни површини за кои Градот издава дозволи за одржување настани. Целта, рекоа претставниците, е да се заштити јавниот простор од пораки што поттикнуваат омраза, насилство и ексклузивност.
Претходно денес беше соопштено дека употребата на усташки симболи ќе биде забранета во просторите управувани од Градот Загреб, но дека концертот на Марко Перковиќ Томпсон на 27 декември сепак ќе се одржи, бидејќи претходно беше потпишан договор за него.
Ива Ившиќ, претседателка на Клубот на претставници „Можеме“, истакна дека Заклучокот се базира на антифашистичките вредности на Уставот на Република Хрватска и ставовите на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права.
„Уставниот суд јасно кажа дека „За дом спремни“ е усташки поздрав на Независната Држава Хрватска и дека не е во согласност со Уставот, додека Европскиот суд за човекови права во случајот Шимуниќ против Хрватска утврди дека неговата јавна употреба не е заштитена со слобода на изразување бидејќи поттикнува омраза“, потсети Ившиќ.
Таа нагласи дека одлуката не се однесува на забраната за уметност, музика или слобода на изразување, туку јасно ја поставува границата дефинирана со член 39 од Уставот на Република Хрватска, кој забранува поттикнување на национална, расна или верска омраза и насилство.
Платформата „Можемо“ соопшти дека овој Заклучок има за цел да го заштити јавниот простор од пораки што ја уништуваат социјалната кохезија.
„Во време кога сме сведоци на раст на нетолеранцијата и насилството кон другите и кон оние кои се различни, наша должност е да го заштитиме јавниот простор – бидејќи им припаѓа на сите. Загреб мора да биде град каде што училиштата, градинките, културните центри и улиците се безбедни места, каде што се воспитуваат генерации кои знаат дека почитта, солидарноста и еднаквоста се основа на добро општество“, рекоа претставниците.
Регион
Доктор од Македонија прегазил куче во Софија и продолжил да вози, случајот ја разбранува Бугарија
Дваесет и деветгодишен маж од Македонија со автомобил прегазил куче, а потоа побегнал од местото на настанот, јави „БТВ“. Инцидентот бил снимен со безбедносна камера.
Маја, улично куче за кое жителите од маалото се грижеле веќе 14 години, била прегазена пред гаража. На снимката се гледа како возачот запира по ударот, излегува од автомобилот, но наместо да помогне – си заминува. Настанот предизвика илјадници коментари и осуди на социјалните мрежи.
Според „Офњуз“, сторителот признал дека го удрил кучето, но тврдел дека маневрот бил ненамерен и дека немал никаква намера да ѝ наштети. Полицијата потврди дека мажот е државјанин на Македонија, без криминално досие и дека не бил под дејство на алкохол.
Материјалите од истрагата се доставени до Окружното обвинителство во Софија, идентификувани се тројца сведоци и запленет е видеозаписот од безбедносната камера.
Од Военомедицинската академија (ВМА) во Софија, за БТВ изјавиле дека раководството е информирано за инцидентот и дека соработуваат со надлежните органи.

