Свет
Во невремето во Бразил уште најмалку 200 мртви
Спасувачките тимови во Бразил во петокот ја продолжија потрагата по околу 200 луѓе за кои се верува дека се затрупани во своите домови по лизгањето на земјиштето, по неколкудневните поројни дождови
Спасувачките тимови во Бразил во петокот ја продолжија потрагата по околу 200 луѓе за кои се верува дека се затрупани во своите домови по лизгањето на земјиштето во сиромашната населба Нитерои, во сојузната држава Рио де Женеиро, по неколкудневните поројни дождови, најсилни во последниве 50 години, јавува BBC.
Досега во оваа држава од лизгање на земјиштето и поплавите загинаа најмалку 170 луѓе, претежно во најсиромашните населби, наречени фавели. Повеќе од 50 куќи се заробени во лизгањето на земјиштето во Нитерои, кое беше најтешко погодено од катастрофата. Земјиштето се уште е презаситено со вода и властите стравуваат дека ќе има нови лизгања. Згора на тоа, куќите биле изградени на врвот на поранешна јаловина, што го прави местото високоризично. Од урнатините до сега се извлечени 20 луѓе, но се стравува дека уште околу 200 се уште се затрупани. Иако спасувачите веќе два дена непрекинато работат на расчистување на земјата, се помали се надежите дека ќе пронајдат уште преживеани. Меѓу затрупаните објекти била и детска градинка. ни. „Според нашето искуство, во ваквите ситуации настапува моментална смрт“, вели Педро Мачадо, портпарол на бразилската Цивилна заштита. Поројните дождови кои започнаа во понеделникот попладне предизвикаа десеттици лизгања на земјиштето. Градоначалникот на Рио де Женеиро, Едуардо Паес изјави дека ќе биде распределена помош од федералната влада во висина од 200 милиони долари, на жителите на сиромашнитѕе населби, а особено на преку 4.000 семејства кои останаа без своите домови, без да соопшти детали. Тој додаде дека уште 10.000 куќи и натаму се во голема опасност од свлечиштата и поплавите. Во таканаречените фавели живее една петтина од населението на градот Рио де Женеиро, кој е втор по големина во Бразил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Ќе видиме како еден комунист ќе го води Њујорк
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е подготвен да соработува со новоизбраниот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, но во исто време нагласи дека Мамдани ќе мора да покаже „целосно почитување“ кон Вашингтон ако сака да постигне успех.
Трамп ги даде овие изјави откако Мамдани ги претстави членовите на својот тим, кратко по историските избори на кои стана првиот муслимански и јужноазиски градоначалник на најголемиот град во САД.
Реагирајќи на изјавите на Мамдани во изборната ноќ, во кои вети дека ќе му се спротивстави на Трамп, американскиот претседател ги оцени тие коментари како „опасни“.
„Тој мора да покаже одредено почитување кон Вашингтон, бидејќи ако не го стори тоа, нема шанси да успее. И сакам тој да успее. Сакам градот да успее“, додаде Трамп, брзо појаснувајќи дека сака Њујорк да успее, а не мора самиот Мамдани.
Порано во средата, Трамп посочи дека неговата администрација ќе му помогне на новиот градоначалник иако го нарече „комунист“.
„Комунистите, марксистите и глобалистите имаа своја шанса и донесоа само катастрофа. Сега да видиме како еден комунист ќе го води Њујорк. Ќе видиме како ќе се покаже“, рече Трамп на состанокот на Американскиот бизнис форум во Мајами, Флорида.
Мамдани, чија програма вклучува бесплатна универзална грижа за деца, бесплатен јавен автобуски превоз и државни продавници за храна, ја отфрли комунистичката етикета, опишувајќи се себеси како демократски социјалист.
Во говорот во кој ги изложи своите приоритети во средата, Мамдани, кој треба да ја преземе функцијата на 1 јануари, ја повтори својата решеност да му се спротивстави на Трамп, но исто така изрази подготвеност за дијалог со неговата администрација.
„Нема да штедам зборови кога станува збор за претседателот Трамп. Ќе продолжам да ги опишувам неговите постапки какви што се, но секогаш ќе го правам тоа оставајќи ја вратата отворена за дијалог“, рече тој.
Фото: принтскрин
Свет
Кинески астронаути заробени во вселената откога беа погодени од вселенски отпад
Тројца кинески астронаути – Ванг Џие, Чен Жонгруи и Чен Донг – ќе мора да го продолжат својот престој на вселенската станица Тјангонг откако нивниот модул за враќање беше погоден од сомнително парче вселенски отпад, соопшти Кинеската вселенска агенција (CMSA).
Инцидентот се случил само неколку часа пред закажаното враќање на Земјата, што довело до одложување на мисијата Шенжоу-20. Засега не е познато колку е оштетена капсулата или кога екипажот ќе може да се врати.
Астронаутите кои престојуваат во Тјангонг од 24 април успешно ги предадоа должностите на новиот екипаж на Шенжоу-21, кој пристигна на 31 октомври. CMSA изјави дека во моментов се спроведува детална анализа на влијанието и проценка на ризикот за да се обезбеди безбедноста на сите шест астронаути на станицата.
Досега, кинеските власти не објавија никакви дополнителни информации за обемот на штетата или новиот датум на враќање.
Фото: принтскрин
Свет
ЕУ постигна договор за поврзување на Киев со Европскиот фонд за одбрана
Украина ќе биде поврзана со Европскиот фонд за одбрана – ова е вклучено во привремениот договор постигнат меѓу Советот на ЕУ и Европскиот парламент за мерки за стимулирање на инвестициите во одбраната во тековниот буџет на ЕУ со планот „Вооружете ја Европа“.
Одлуката ја нагласува континуираната посветеност на ЕУ кон безбедноста, отпорноста и постепената интеграција на Украина во европската одбранбена индустриска база.
За таа цел, двете институции се согласија да ја прошират финансиската поддршка на ЕУ во рамките на Хоризонт Европа за претпријатија со двојна намена и претпријатија поврзани со одбраната.
Договорот мора повторно да биде одобрен од Советот и Европскиот парламент пред официјално да стапи во сила.

