Свет
Затвореник пронајден мртов во ќелија за изолација
Исмет Зекировски (25) од Куманово, регистриран наркозависник, вчераутро е пронајден мртов во самица, каде што ја издржувал четиригодишната затворска казна за повеќе сторени дела
Нов инцидент во Казнено-поправната установа “Идризово”
Исмет Зекировски (25) од Куманово, регистриран наркозависник, вчераутро е пронајден мртов во самица, каде што ја издржувал четиригодишната затворска казна за повеќе сторени дела
Горан АДАМОВСКИ
Исмет Зекировски (25) од Куманово, штитеник на Казнено-поправната установа “Идризово”, вчераутро бил пронајден мртов во ќелија за изолација, во која бил сместен од минатиот четврток. Неговото тело е предадено во Институтот за судска медицина за обдукција, по што би требало да бидат познати причините за смртта.
Исмет Зекировски, кој минатата среда го прославил 25-тиот роденден, бил регистриран наркозависник. Тој кон крајот на октомври 2003 година во “Идризово” почнал да ја издржува четиригодишната затворска казна, на која бил осуден за повеќе сторени кривични дела. На 1 август годинава избегал, односно се оддалечил од затворот, но брзо бил вратен во “Идризово”. Поради тоа, на 6 октомври бил казнет со 15-дневен престој во самица, што е вообичаена казна за бегалци, но не го дочекал крајот. Затворските чувари го пронашле во несвест, но починал на пат кон Ургентниот центар. Била повикана полиција, по што бил извршен увид. Според првичните сознанија, на телото на Зекировски немало траги на насилство.
“Затвореникот Зекировски, како регистриран наркозависник, иако во самица, беше на секојдневна метадонска терапија”, вели директорот на затворот, Јовица Стојановиќ. Тој не знае дали Зекировски починал од предозирање. “Ќе покаже обдукцијата”, вели Стојановиќ.
Неофицијални извори тврдат дека токму предозираноста била причина за смртта на младиот кумановец. Тоа, пак, по којзнае кој пат го отвора прашањето како е можно осуденик среде затвор да умре поради предозираност. “Искрено, можноста за шверц на дрога во затворот е огромна. Имаме мал број чувари, а околу 1.380 лица што ја издржуваат казната тука. Одвреме-навреме успеваме да пресечеме понекој канал за дотур на дрога, но тоа ни оддалеку не значи дека со тоа сме ја завршиле работата. Токму затоа правиме напор за обезбедување камери кои ќе ја снимаат надворешната страна од оградата на затворот”, вели Стојановиќ.
Тој ги негира последните написи во одредени медиуми дека во најголемиот затвор секојдневно се случуваат инциденти. “Вие знаете каков профил на луѓе има во затворот и сосема нормална појава е, на пример, двајца затвореници да се тепаат. Но, тоа апсолутно не е масовна тепачка. Можам да кажам дека на оваа функција бев поставен пред 38 дена и тоа е многу мал период за целосно расчистување со сите аномалии кои, несомнено, постојат во затворот. Но, секој ден напредуваме сў повеќе. Мојата намера е на затворениците да им се подобрат условите, а не спрема нив да биде вршена тортура”, објаснува директорот на “Идризово”, Јовица Стојановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

