Свет
Визионерот Стив Џобс почина на 56 години (проширена)
Незавршен студент и посвоено дете, човекот кој го смени светот на технологијата во 1970-те години и повторно во 2000-те години , коосновачот на една од најмоќните компјутерски компании во светот, Apple, Стив Џобс, почина денеска на 56-годишна возраст.
Незавршен студент и посвоено дете, човекот кој го смени светот на технологијата во 1970-те години и повторно во 2000-те години ги измисли компјутерите, мобилните телефони и начинот на слушање на музика, коосновачот на една од најмоќните компјутерски компании во светот, Apple, Стив Џобс, почина денеска на 56-годишна возраст.
Стив Џобс умрел тивко, опкружен со својата сопруга и потесното семејство во неговата куќа во Пало Алто во Калифорнија.
Apple изгуби лидер-визионер, кој беше инспирација за создавањето на персоналните компјутери и иконските производи како што се iPod, iPhone и iPad, што го издигна Џобс на пиедесталот на најзначаен лидер на индустријата на неговата генерација.
Неговата смрт, по седум годишната борба со ретката врста на рак на панкреасот, покрена цел порој од последни поздрави кои ги обединија светските лидери, деловните ривали и обичните луѓе во жалењето по неговата прерана смрт и во прославата на неговите монументални постигнувања.
„Светот изгуби визионер. И можеби не постои поголема почит кон успехот на Стив од фактот дека најголемиот дел од светот дозна за неговата смрт на направата која тој ја измисли,“ вели американскиот претседател Барак Обама во својата изјава.
Неговите обожуватели му ја дадоа последната почит пред продавниците на Apple ширум светот. Пред една од тие продавници во Њујорк, натажените оставиле свеќи, букети цвеќе, но и едно јаболко (Apple – јаболко) и еден iPod Touch.
Во Сан Франциско корисниците на производите кои тој ги измисли масовно ставија негова црно-бела фотографија на екраните на своите технолошки миленичиња. Во Токио се одржаа бдеење на зајдисонце, со апликации на свеќи кои треперат на своите телефони и помагала. Огромен број на интернет страници, вклучувајќи и таа на Apple (која е целата претворена во црно-бела фотографија со краток напис: Стив Џобс, 1955 – 2011) се претворија во он-лајн меморијали. Пребарувачот Googleна својата главна страница додаде и посебен линк кон страницата на Apple.
„За оние од нас кои ја имаа среќата да работат со него, тоа беше ненормално голема чест“, изјави коосновачот на Microsoft Бил Гејтс, кој во еден период триумфираше над Џобс, но во последните години беше повторно ставен во сенка од неговиот легендарен деловен ривал.
Џобс даде оставка на местото Извршен директор на Apple во август годинава и уздите му ги предаде на долгогодишниот оперативен директор Тим Кук. Сo страст за минималистички дизајн и гениј за маркетинг, Џобс ги постави темелите врз кои неговата компанија ќе може да продолжи да се развива и по неговата смрт.
Но, според многумина аналитичари, Apple сега се соочува со огромни предизвици, а повеќе не со нив нивниот долгогодишен шеф, кој беше и главен дизајнер на производите, маркетинг гуру и трговец на кој му немаше рамен. Сега телефоните кои го користат Android софтверот на Google се повеќе го преземаат пазарот, а никој не знае, ниту кажува каква голема идеја се подготвува да излезе од производните линии на Apple.
Легендарен претприемач
Џобс беше посвоено дете, а и се откажа од студирање, но од корен го смени светот на технологијата со создавањето на првиот персонален компјутер кон крајот на 1970-те години, Apple II, кој привлече огромен број на приврзаници. Тој повторно постигна огромен успех во 1984 година со Macintosh, изграден врз најновите технологии развиени од компанијата Xerox Parc и од други компании, со што го промовираше персоналното користење на компјутерите какво што го гледаме денеска.
Бунтовничката жичка, која беше негова главна карактерна особина, го доведе до тоа да биде избркан од сопствената компанија во 1985 година, но се врати – по многу долго убедување – во 1997 година и по неколку години на светот му ја претстави „тројката“ производи – iPod, iPhone и iPad – кои повторно предизвикаа револуција во областа на информатичката технологија.
Дијагнозата на редок вид на рак на панкреасот во 2004 година само накратко го подзастана Џобс, но тој продолжи со истиот елан, тврдејќи дека тој вид на рак се лечи. Но, неговото здравје бргу се влошуваше во годините кои следеа и по две подолги отсуства од работа, тој во август си поднесе конечна оставка на својата функција.
Неговата здравствена состојба беше контроверза повеќе години. Исклучително приватен човек, тој својата вистинска состојба ја криел дури и од неговите најблиски соработници во компанијата.
Неговата смрт дојде на само еден ден откако неговата замена Тим Кук на гала презентација (маркетиншки трик промовиран повторно од Стив Џобс) го претстави новиот iPhone 4c, кој доби многу млаки критики, особено поради тоа што не претставува технолошки скок каков што јавноста се навикна да очекува од Apple.
Џобс, со неговиот карактеристичен стил на облекување, фармерки и црна ролка, беше срцето и душата на компанијата, која се бори со Exxon Mobil за местото највредна компанија во САД. Според специјализираниот магазин Forbes, нето богатството на Џобс изнесува седум милијарди долари. Не се знае како ќе биде поделен неговиот имот.
Стив Џобс е роден во Сан Франциско, а компанијата Apple ја покрена во 1976 година со својот другар Стив Вознијак во гаражата на своите родители.
Покрај величенствените пронајдоци, Стив Џобс во јавноста ќе остане запаметен и по својот говор во 2005 година на Универзитетот Станфорд, во кој тој истакна дека неговото соочување со сопствената смртност било главен двигател на неговата визија.
„Сфаќајќи дека наскоро ќе бидам мртов е најважното орудие ко еми помогна да ги донесам големите одлуки во мојот живот. Затоа што речиси се – сите надворешни очекувања, сета гордост, сиот страв од посрамување или неуспех – сите овие нешта едноставно исчезнуваат кога сте соочени со смртта, оставајќи го само она што е навистина битно. Сфаќањето дека ќе умрете е најдобриот начин што го знам за да се одбегне замката на мислењето дека имате многу да загубите. Веќе сте соголени. Повеќе не постои причина да не си го следите срцето“, рече во својот легендарен говор Стив Џобс. /крај/reuters/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тринаесетгодишно момче нападна двајца врсници во Лондон со нож: уапсен е во џамија
Тринаесетгодишно момче уапсено под сомнение дека избодел двајца ученици во средното училиште Кингсбери во Лондон е поранешен ученик во училиштето, потврди полицијата. Двајцата нападнати ученици, на возраст од 12 и 13 години, се префрлени во болница и се во сериозна состојба. Настанот не се третира како терористички напад, пишува „Скај њуз“.
Главната началничка Хелен Фланаган им изјави на новинарите дека се верува дека осомничениот тинејџер, британски државјанин, влегол во училишната зграда во Брент, северозападен Лондон, и се упатил кон училница на првиот кат.
„Тој влегол во училницата и веруваме дека додека влегувал низ вратата, испрскал ученик со некоја супстанца“, рече Фланаган.
„Потоа осомничениот нападнал друг ученик во училницата, 13-годишник, и го избодел. Потоа избегал, трчајќи по училишниот ходник“, додаде таа. „Додека бегаше, тој нападнал друга жртва, 12-годишно дете, кое исто така го избодел пред да избега од училиштето“, рече таа.
Уапсен во џамија
Полицијата и службите за итни случаи биле повикани околу 12:40 часот, а по обемна потрага, осомничениот бил уапсен кратко по 18 часот. Според началникот Фланаган, дојавата од јавноста била клучна. „Еден граѓанин се јавил во полиција околу 16:50 часот, загрижен за тинејџер што го видел во џамија во северозападен Лондон“, објасни таа.
„Полициските службеници брзо пристигнале и уапсиле 13-годишно момче под сомнение за обид за убиство. Тој останува во притвор. Во овој момент, не веруваме дека осомничениот има каква било посебна врска со џамијата и веруваме дека веројатно бил таму случајно. Сите во џамијата дадоа огромна поддршка на истрагата“, рече Фланаган.
Иако нападот го истражуваше полицијата за борба против тероризмот вчера, инцидентот не е прогласен за терористички инцидент, соопшти полицијата. Во писмо до родителите, директорката на училиштето изјави дека станува збор за „длабоко трауматичен настан за целата училишна заедница“. Министерката за внатрешни работи го опиша нападот како „шокантен“.
Свет
Зеленски: Првпат слушам за 24 февруари како датум на избори во Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави, коментирајќи ги извештаите на некои медиуми, дека за прв пат слушнал оти датумот на изборите во Украина може да биде 24 февруари и нагласи дека одржувањето на изборите зависи од безбедносната состојба.
Како што објави Укринформ, претседателот на Украина го кажа ова на новинарите коментирајќи ја информацијата на „Фајненшл тајмс“ за наводната намера да се објави датумот на претседателските избори и референдумот за територијален интегритет на 24 февруари.
„Во врска со изборите и намерата да се објави датумот на 24-ти, ова е прв пат што го слушам тоа. Веројатно првпат го слушнав од „Фајненшл тајмс“. Сега го слушам од вас по втор пат. Второ, многу пати зборував за изборите – ќе дојдеме до нив кога ќе ги има сите потребни безбедносни гаранции“, рече Зеленски, пренесува Танјуг.
Претседателот на Украина додаде дека прашањето за избори повремено го поставуваат некои партнери, но дека Украина никогаш самата не го иницирала ова прашање.
„Без сомнение, ние сме подготвени за избори. Јас го кажав тоа: само обезбедете прекин на огнот – ќе има избори. Тоа е безбедносно прашање“, додаде тој.
Зеленски, исто така, изјави дека САД ја покренале темата за изборите, но не сакаше да даде детали.
Фајненшл тајмс, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Украина се подготвува за претседателски избори и референдум за мировен договор со Русија, откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара организирање на гласањето до 15 мај, заканувајќи се во спротивно дека ќе го условува Киев со негирање на безбедносните гаранции, пренесуваат медиумите.
Свет
Макрон: Единственото решение е Европа да стане независна сила
Францускиот претседател Емануел Макрон денес во Антверпен изјави дека „единственото“ решение за економските закани што ги претставуваат Кина и Соединетите Американски Држави е Европа да стане независна сила.
„Ни треба нова скала и нова брзина во нашиот пристап за да се стави крај на фрагментацијата што ја ослабува и ризикува да ја понижи Европа“, им рече Макрон на бизнис лидерите во Антверпен, Белгија, објавија француските медиуми.
Францускиот претседател повторно ја лансираше идејата за „еврообврзници“, заеднички европски обврзници за финансирање на големи инвестиции и Европа да остане конкурентна со Пекинг и Вашингтон.
„Ако сакаме да инвестираме доволно во одбраната и вселенската безбедност, чистите технологии, вештачката интелигенција и квантното пресметување и да ја трансформираме нашата продуктивност и конкурентност, единственото решение е да се издаде заеднички долг“, додаде Макрон.
Оваа идеја за заеднички европски долг ја застапува Франција со години, но други земји, вклучително и Германија, постојано ја отфрлаат.
„Никогаш не сме живееле во ваков период. Затоа, мора да прифатиме преземање клучни мерки што не се многу вообичаени во традиционалните европски алатки за мерки“, рече Макрон.
Францускиот претседател рече дека Европа е во вонредна ситуација и додаде дека сите треба да бидат свесни за ова бидејќи наскоро ќе биде предоцна.
Макрон, исто така, ги повика земјите кои се подготвени да ги спроведат реформите на единствениот европски пазар предложени од Комисијата, да ја зајакнат соработката, со цел што поскоро да се постигне напредок.

