Свет
Бунтовници од Уганда убиле 255 луѓе, претежно деца
Една од најсуровите африкански бунтовнички групи „Божјата армија на отпорот“ убила најмалку 255 луѓе во последниве 18 месеци, тврди организацијата „Хјуман рајтс воч“, пренесува Асошиејтед прес
Организацијата во својот извештај посочува и дека светските медиуми речиси воопшто не известувале за кампањата на масовни убиства, грабнувања и масакри во Конго и во Централната африканска република во измината една ипол година. „Божјата армија на отпорот“ (БАО) започна да дејствува во Уганда пред 20 години и од тогаш е постојано потиснувана кон запад. Групата е сега активна во триаголникот што се протега на границите меѓу Конго, Централната африканска република и јужен Судан. Таму бунтовниците ги обновуваат своите редови преку грабнувања, во кои се вклучени и деца, кои се присилени да станат деца – војници или сексуални робови. И возрасните, кои ги користат како носачи, исто така се честа цел на грабнувачите. БАО по грабнувањето безмилосно ги убивала оние кои се движеле пребавно или кои паѓале под тешките товари што биле принудени да ги носат. Многумина од нив биле убиени со кршење на черепите, а децата биле присилувани да тепаат и да убиваат други деца, вклучувајќи ги и нивните браќа и сестри, се вели во извештајот. Малкуте кои успеале да побегнат живи од нападите на БОА раскажуваат дека во последно време групата е во потрага по места каде што има основни училишта, што значи дека имаат потреба и ќе грабнуваат уште деца. БОА е позната по тоа што своите редови најмногу ги пополнува со деца , од кои некои имаат по само 10 години, затоа што децата лесно се контролираат. Ги челичат со тоа што ги дрогираат и ги тераат да изведуваат незамисливи ѕверства. Од 45 деца кои ги интервјуирале од „Хјуман рајтс воч“, речиси сите признале дека биле присилени да убијат друго дете. На своите почетоци во текот на 1980-те години, БОА имала поддршка од локалното население на северот на Уганда, кои се чувствувале запоставени од централната влада. Поголем дел од грабнувањата и убиствата не се пријавуваат со месеци, бидејќи областите каде што делува БОА се толку зафрлени, што до таму немаат пристап ниту ОН ниту хуманитарните организации. /крај/ап/ссе/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бугарија се подготвува за продажба на рафинеријата на „Лукоил“
Партијата ГЕРБ во Бугарија планира да предложи закон што ќе му овозможи на специјален администратор да ја спроведе продажбата на рафинеријата на Лукоил во Бургас, најголемиот објект за преработка на нафта во земјата.
Иницијативата доаѓа во време кога САД и Велика Британија воведоа нови санкции против руските нафтени компании, вклучувајќи го и Лукоил, поради војната во Украина.
Законот, како што објави денес локалниот бугарски медиум Медиапул, ќе му овозможи на специјалниот администратор да го преземе надзорот врз рафинеријата во Бургас и да донесува одлуки за продажбата без право на рускиот сопственик да ја блокира одлуката, да ја оспори или да влијае на процесот, што би овозможило промена на сопственичката структура на рафинеријата и зачувување на нејзиното работење според новите услови на меѓународни санкции, пренесе „Б92“.
Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов изјави дека постои логика во ова решение и најави дека нацрт-законот ќе биде доставен до парламентот.
Целта е да се обезбеди непречено функционирање на клучната енергетска инфраструктура во земјата, почитувајќи го режимот на санкции од Западот, објавува Ројтерс.
Рафинеријата во Бургас, со капацитет од околу 190.000 барели дневно, е од стратешко значење за снабдувањето на Бугарија и делови од регионот.
Владата на Софија објави дека е во постојан контакт со американските институции за да може работењето на рафинеријата да продолжи и покрај санкциите.
Лукоил веќе се соочува со тешкотии во меѓународните операции поради ограничувања што влијаат на логистиката, трговијата и финансиските текови.
Компанијата, според изворите, имала проблеми со товарење во Ирак, пумпни станици во Финска и тргување во Швајцарија.
Министерството за финансии на САД издаде привремена дозвола што им овозможува на компаниите да ги прекинат постојните трансакции со Лукоил до 21 ноември.
Свет
(Видео) Големото интервју на Трамп за „60 минути“ цензурирано: што се беше исечено
Емисијата „60 минути“ на Си-би-ес драстично го скрати интервјуто со Доналд Трамп што се емитуваше во недела навечер, отсекувајќи ги клучните делови во кои поранешниот претседател се фалеше со финансиска спогодба што ја добил од таа медиска куќа.
Од 90-минутното интервју со новинарката Нора О’Донел, беа емитувани само околу 28. Тоа беше неговото прво интервју во емисијата по пет години, објавува „Гардијан“.
Уредувањето на интервјуто е особено значајно бидејќи точно пред една година, Трамп го тужеше Си-би-ес за она што тој го тврдеше дека е погрешно монтирање на интервју со тогашната потпретседателка Камала Харис за да ѝ помогне да победи на претседателските избори.
Иако правните експерти ја отфрлија тужбата како „неоснована“, Си-би-ес се договори со Трамп во јули за 16 милиони долари. Како дел од спогодбата, мрежата се согласи да објави транскрипти од идните интервјуа со претседателските кандидати, а целиот транскрипт и проширената верзија од ова интервју беа објавени онлајн.
Неемитувана провокација
Во делот од интервјуто што не беше емитуван на телевизија, Трамп го провоцираше Си-би-ес за спогодбата и ги повтори своите обвинувања.
„Всушност, ’60 минути’ ми плати многу пари. И не мора да го емитувате ова, бидејќи не сакам да ве засрамам, а сигурен сум дека не сакате“, рече Трамп.
„Но, ’60 минути’ беше принудена да ми плати многу пари бидејќи го отстранија нејзиниот одговор што беше толку лош, што ги промени изборите, две ноќи пред изборите. И ставија нов одговор. И ми платија многу пари за тоа. Не можете да имате лажни вести. Мора да имате легитимни вести. И мислам дека тоа се случува“, рече Трамп.
Кратења и на други теми
Меѓу многуте кратења на одговорите имаше коментари во кои Трамп го доведуваше во прашање интегритетот на претседателските избори во 2020 година, за кои повторно рече дека биле „наместени и украдени“.
Во еден од неемитуваните сегменти, Трамп се обиде да ја натера О’Донел да признае дека криминалот во Вашингтон, каде што живее, е намален. „Ти живееш тука. И го знаеш тоа“, рече Трамп, прашувајќи ја: „Дали ја гледаш разликата?“
„Мислам дека работев премногу“, одговори О’Донел. „Не бев толку многу надвор… Седнувам во мојот автомобил и одам на работа и си одам дома“. Трамп го нарече нејзиниот одговор нечесен, а потоа предложи дел од разговорот да не се емитува.
„Не мора да го користите тоа“, рече тој. „Не грижи се, не грижи се, не сакам да ја засрамам“.
Свет
Макрон за нападот во Франција: Правдата ќе ја утврди вистината
Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека има целосна доверба дека правосудниот систем на земјата ќе ја утврди вистината и ќе реагира со најголема цврстина откако возач на автомобил намерно удри неколку луѓе на островот Олерон во средата.
„Сите сме шокирани од нападот. Изразувам најдлабоко сочувство до повредените и семејствата на погодените. Им се заблагодарувам на нашите безбедносни и спасувачки сили кои беа мобилизирани за да го заштитат францускиот народ“, изјави Макрон, кој моментално е во Бразил, каде што учествува на климатскиот самит.
Возачот, 35-годишен маж кој живее на островот, намерно прегазил пет лица вчера, соопштија обвинителите.
Градоначалникот на Сен Пјер д’Олерон ја потврди намерата на возачот да удира во случајни минувачи.
Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека осомничениот покажувал експлицитен религиозен став и бил предмет на саморадикализација.
Сепак, во оваа фаза од истрагата, не е јасно дали религиозните мотиви биле причина за нападот, објави Ројтерс. Две лица повредени во инцидентот се уште се во сериозна здравствена состојба.

