Свет
Службената злоупотреба ќе ја снема со 61 глас?
Измените на Кривичниот законик за заострување на казните за изборни нерегуларности и за злоупотребата на службените овластувања експресно ќе се најдат во веќе изгласаната форма пред пратениците в понеделник.
Измените на Кривичниот законик за заострување на казните за изборни нерегуларности и за злоупотребата на службените овластувања експресно ќе се најдат во веќе изгласаната форма пред пратениците в понеделник. Претседателот на државата Бранко Црвенковски одби да го потпише указот за законот, со обраложение дека така ќе се попречи борбата против криминалот.
Законот во иста форма во која го одби шефот на државата веќе е вратен до пратениците, а претседателот на Собранието Љупчо Јордановски ги известил дека за него повторно ќе гласаат на седницата в понеделник.
Официјално, пратеничките групи се’ уште не се координирале дали при повторното гласање ќе ги поддржат измените. Неофицијално се дознава дека тоа веќе било договорено помеѓу СДСМ и ВМРО-НП. Пратениците на двете партии вчера неофицијално зборуваа дека не може сега туку-така да го сменат ставот за злоупотребата на службените овластувања. Било договорено СДСМ да ги поддржи измените на Кривичниот законик во пакет со амандманот на ВМРО-НП, а за возврат партијата на Љубчо Георгиевски да обезбеди двотретинско мнозинство за законите за следење на комуникациите и за полиција.
Пратениците коментираат дека „гаранција“ дека законот повторно ќе добие поддршка е и тоа што при репризното гласање не е потребно двотретинско мнозинство, туку се потребни 61 глас. Ако пратениците повторно го изгласаат законот, шефот на државата мора да го потпише, но за тоа не е одреден рок.
При првото гласање законот го поддржаа сите пратенички групи освен ДУИ иако потоа во ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека тие не гласале. Во ДУИ вчера рекоа дека најверојатно повторно нема да ги поддржат измените за службената злоупотреба, бидејќи нивните аргументи се исти како оние на претседателот Црвенковски. Таму коментираа дека не е во ред да се амнестираат „функционерите криминалци“.
(М.Т.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нова вакцина против рак на кожа го намалува ризикот од смрт за 49 проценти
Експериментална вакцина против рак на кожа, развиена во соработка помеѓу фармацевтските компании „Модерна“ и „Мерк“, покажува силни и трајни антитуморски ефекти кај пациенти со напреднат меланом.
Петгодишното следење на вакцината во клиничките испитувања укажува на значителни придобивки од преживување, објавува „Euronews“.
Терапијата, која моментално е во фаза 2 на клинички испитувања, ја комбинира персонализираната mRNA технологија на „Модерна“, Intismera Autogen, со имунотерапевтскиот лек Keytruda на „Мерк“.
Заедно, третманите го намалија ризикот од повторна појава на рак или смрт за 49 проценти кај пациенти со висок ризик од меланом кои биле подложени на операција, во споредба само со Keytruda.
„Продолжуваме да инвестираме во нашата платформа за онкологија поради охрабрувачки резултати како овие, кои го илустрираат потенцијалот на mRNA во третманот на рак“, рече Кајл Холен, виш потпретседател на „Модерна“.
Свет
Путин: Русија не е заинтересирана за темата Гренланд и САД, но ние го имаме искуството со Алјаска
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија не е заинтересирана за темата Гренланд и САД.
„Она што се случува со Гренланд не е наша работа, но ние имаме искуство во решавање на слични проблеми со САД, на пример Алјаска. Во 19 век, мислам во 1867 година, како што знаеме, Русија им продаде на САД, а САД ја купи Алјаска од нас“, рече претседателот на Русија на седница на Рускиот совет за безбедност, според Спутник, пренесува РТРС.
Тој верува дека Данска отсекогаш се однесувала кон Гренланд како кон колонија и, како што вели, грубо, практично жестоко.
„САД имаат на располагање една милијарда долари за да го купат Гренланд“, вели Путин и верува дека врз основа на примерот на Алјаска, цената за Гренланд би можела да биде 200-250 милиони долари.
„Ако споредиме со цените на златото од тогаш, таа бројка би била многу поголема, веројатно милијарда долари“, рече Путин и додаде: „Но, мислам дека и САД можат да си ја дозволат таа бројка“, според агенциите.
Фото: ЕПА
Свет
Трамп објави договор со НАТО за Гренланд и ги одложи царините за Европа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека по состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е формирана рамка за иден договор за Гренланд и арктичкиот регион, пренесуваат медиумите во регионот.
Најави одложување на воведувањето царини што требаше да стапат на сила на 1 февруари, напиша тој на социјалната мрежа Truth Social.
Трамп изјави дека на „многу продуктивен состанок“ со Руте е формирана „рамка за иден договор во врска со Гренланд и, всушност, целиот арктички регион“. Тој оцени дека решението, „доколку се реализира, ќе биде одлично за Соединетите Американски Држави и сите земји-членки на НАТО“.
Врз основа на постигнатото разбирање, Трамп потврди дека се откажува од воведувањето царини. „Нема да ги воведам царините што требаше да стапат на сила на 1 февруари“, се вели во соопштението. Тој додаде дека има и „дополнителни дискусии во врска со „Златната купола“ во Гренланд“ и дека повеќе информации ќе бидат достапни како што напредуваат разговорите.
Според Трамп, потпретседателот Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе бидат задолжени за преговорите. Тој нагласи дека тие ќе „поднесуваат извештаи директно до него“.

