Македонија
Неделкова: Неетичко и непрофесионално однесување на адвокатите од „Пајажина“
Неетичка и непрофесионална е вчерашната реакција на адвокатите на 14-те обвинети во случајот „Пајажина“, реагира претседателката на Основниот суд 1, Лидија Неделкова.
Според неа, не е етички да зборуваат и да откриваат детали од доказите што се добиени со посебни истражни мерки, затоа што како што појаснува Неделкова тоа се класифицирани информации и со изнесувањето на вакви информации адвокатите го прекршуваат Законот за класифицирани информации.
Како што вели Неделкова вакви докази има уште и допрва ќе им бидат презентирани на обвинетите.
Вчера адвокатите на притворените во „Пајажина“ реагираа за тоа што на обвинетите им биле прикажувани снимки од приватниот живот.
„Имавме прилика да видиме снимки коишто од правен аспект се многу проблематични. Мислам дека правата оценка може да се даде за нивниот квалитет по гледањето на целиот материјал. Но паѓа во очи фактот што на денешното рочиште не беше присутен јавниот обвинител за да ни појасни на пример во каква врска се некои лични приватни работи на притворените со даночно затајување перење пари. На пример имаше снимки кога се оди на тенис, кога се оди на риболов, кога се оди на лов , кога се оди на лекар”, појасни адвокатот Стеван Павлески што видел на снимките.
И адвокатот на Рамковски, Мирослав Вујиќ, зачуден од снимките. Тој рече дека и самиот бил снимен и се видел како пие кафе со правниот застапник на А1 и Емел Рамковска, ќерката на Велија.
„Постојат наводно и транскрипти од телефонски разговори. Доколку остане ова што е дадено сите треба да се замислиме каде живееме и кој е тој што треба да го спроведува законот. За што се користат посебните истражни мерки некој треба добро да размисли. Ова не може да бидат докази за финансиски материјал. Валиден доказ би било само вештачење кое и го бараме”, изјави Вујиќ.
Пет часа во Основниот суд 1 во Скопје во судница беа притворените од случајот „Пајажина“. Рамковски и неговите роднини и соработници придружувани од нивните бранители, со истражниот судија гледаа цедиња на кои биле снимени од полицијата. Тоа е дел од доказниот материјал на Обвинителството. Видео материјалите биле снимани 4 месеци. Во судницата не се појавила обвинителката за која судијата појаснил дека има уредна покана, но не знае и нема оправдување зошто не дошла./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

