Македонија
Билт е за директни преговори за името
Најсигурен пат за решавање на спорот со името е премиерите на Грција и на Македонија Јоргос Папандреу и Никола Груевски да седнат на иста маса, смета претседавачот со Европската Унија, Карл Билт
По вчерашните оптимистички пораки дека спорот за името е решлив, шведскиот министер за надворешни работи, Карл Билт, во ексклузивна изјава за Дојче веле им сугерира на Јоргос Папандреу и Никола Груевски да влезат во директни преговори за да му стават крај на спорот кој 18 години ги отежнува билатералните односи на Грција и на Македонија.„Мислам дека е важно двајцата премиери да разговараат директно, а потоа потребната техничка поддршка ќе ја обезбеди медијаторот на Обединетите нации, но пред се‘ мислам дека суштински е директниот политички дијалог помеѓу Скопје и Атина“, вели Карл Билт.Запрашан зошто е толкав оптимист по ова прашање, шведскиот министер и претседавач со Европската Унија во моментов објаснува дека решението лежи пред се‘ во политичката волја. „Сум видел дека големи работи можат да се постигнат со политичка волја. Јас гледам прилика за решавање на проблемот, која треба да се искористи. Ова е ситуација во која нема да има поразени за двете земји и за регионот и искрено се надевам дека политичките лидери ќе ја искористат. Одложувањето на овој проблем ќе биде на штета на двете држави, нема сомнеж, и двете страни би страдале од тоа“, вели Карл Билт.На иста линија е и еврокомесарот Оли Рен, кој во овој период исто така гледа одлична прилика за отстранување на проблемот.„Според мене, ова е реална прилика, која сега треба да се капитализира за да се реши проблемот и да се симне од дневен ред“, рече Рен, јави радио Дојче Веле на македонски јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поставен камен-темелник за новата спортска сала во ООУ „Блаже Конески“
Со свечено поставување на камен-темелник денеска официјално започна изградбата на новата спортска сала во рамките на ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин, со што стартува втората фаза од доградбата на ова училиште – еден од најзначајните и најголеми капитални проекти во Општина Аеродром.
На површина од 1.800 метри квадратни, втората фаза опфаќа изградба на современа спортска сала, како и 10 нови училници, кабинет за информатика, нова библиотека и простран хол за дружење и заеднички активност. Партерно уредување на целиот двор на училиштето со нова урбана опрема, ново отворено спортско игралиште, садници и зеленило.
Училиштето ќе добие комплетно нова опрема, клупи, столчиња, плакари, табли. Исто така, ќе биде изграден и нов паркинг за потребите на училиштето. Со изградбата на новата сала, ООУ „Блаже Конески“ ќе добие вкупно две спортски сали, современо опремени за спроведување на квалитетна настава по физичко и здравствено образование, што ќе придонесе за подобрување на спортските активности и развојот на младите.
Вкупната вредност на втората фаза изнесува 253 милиони денари, со предвиден рок за изведба од 18 месеци.
„Со овој камен-темелник започнуваме ново поглавје во развојот на образованието во Аеродром. ‘Блаже Конески’ е едно од најстарите училишта во нашата општина, изградено уште во 1954 година. Создаваме подобри услови за учениците и наставниците, и со тоа покажуваме дека нашите ветувања не остануваат само зборови,“ изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на поставувањето на камен-темелникот, истакна дека Владата ќе продолжи да поддржува вакви проекти кои инвестираат во иднината на децата.
„Станува збор за многу значајна инвестиција со која ќе им се овозможи на децата да учат и да растат во современи услови. Како Влада, ќе продолжиме да ги поддржуваме ваквите иницијативи што создаваат подобра иднина за младите,“ рече Мицкоски.
Во првата фаза од проектот, која е при крај, училиштето добива десет нови училници и осум кабинети по предметна настава, како и голем хол со бина, главни скали и лифт, кујна со трпезарија, нови тоалети и санитарии за лица со попреченост.
Со реализацијата на втората фаза, „Блаже Конески“ ќе прерасне во едно од најсовремените училишта во земјата – простор во кој знаењето, спортот и пријателството ќе бидат темел на новите генерации.
Македонија
(Видео) „Анима мунди“ бара итно одземање на кучињата од прифатилиште во Битола поради долгогодишна негрижа
Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, заедно со други организации, поднесе официјално барање до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за итно одземање на кучињата од битолското прифатилиште управувано од Л.С. (19), наведувајќи сериозни наводи за повеќегодишна запоставеност и нечовечко постапување кон животните.
Според соопштението на здружението, состојбата во прифатилиштето со години е состојба на преживување, а не на живеење. Од таму велат дека кучињата често останувале без храна и вода со денови, а кога добивале храна – тоа бил само леб. Наводно, водата била ретка дури и во летните горештини, а многу од животните биле болни, со видливи рани и инфекции кои не биле третирани.
Во соопштението се наведува дека животните не добивале ветеринарна нега, дека не биле стерилизирани и дека младенчињата кои се раѓале умирале за неколку дена поради глад, зарази или студ. Телата на угинатите животни, како што тврдат од здружението, останувале меѓу живите, распаѓајќи се или станувајќи храна за другите кучиња.
„Анима Мунди“ посочува дека постојат видеа и фотографии собрани од 2022 година до денес кои ја документираат оваа состојба, а дека и покрај редовните донации, условите за животните не се подобриле.
ВИДЕО на ЛИНКОТ
Здружението нагласува дека случајот не е изолиран, туку покажува како може да се злоупотреби довербата на граѓаните, здруженијата и донаторите. Со поднесеното барање до АХВ, доставени се докази, сведоштва и видео материјали.
„Нашата должност не е само да спасуваме животни, туку и да зборуваме кога тишината станува соучесник“, стои во соопштението.
Здружението додава дека животните мора да се згрижат под безбедни и хумани услови и дека ќе продолжи да бара одговорност за, како што наведува, долгогодишната негрижа.
Македонија
Во Центар се одржа Фестивал на симит и погача по повод Денот на ослободувањето на Скопје
По повод 13 Ноември – Денот на ослободување на Скопје, Општина Центар го организираше „Фестивалот на симит и погача во срцето на Скопје“ пред муралот на Горан Стефановски, во Дебар Маало.
Посетителите имаа можност да дегустираат скопска симит-погача и други домашни специјалитети, подготвени од Активот на жени пензионерки од Центар. Во богатата програма учествуваа пензионери од Здружението на пензионери на Општина Центар, ученици од основните училишта, членови на Сојузот на борци, како и претставници од културата и уметноста.
„Фестивалот на симит и погача е посветен на нашето Скопје, но пред се на човечноста. Средствата собрани од хуманитарниот базар ќе бидат донирани за Здружението „Супорт Кочани“. Да ја почитуваме традицијата на Центар, преку својата автентичност, домашните вкусови, сплотеноста и заедништвото, порача градоначалникот Герасимовски , заблагодарувајќи им се на учесниците.
Во рамките на настанот, Општина Центар додели пофалници за најдобрите ученички литературни творби посветени на Скопје.

