Свет
Под лупа имотот на Пановски, Стојовски, Димов и на Петровски
Никола Пановски, поранешниот директор на Фондот за здравство, бившиот директор на Гинекологија Марјан Стојовски, бившиот министер за здравство Владо Димов и поранешниот директор на Кардиологија Борче Петровски се четирите лица во бели мантили за кои Управата за јавни приходи се сомнева дека затајувале данок.
УЈП ЈА ТРЕСЕ БЕЛАТА МАФИЈА
Никола Пановски, поранешниот директор на Фондот за здравство, бившиот директор на Гинекологија Марјан Стојовски, бившиот министер за здравство Владо Димов и поранешниот директор на Кардиологија Борче Петровски се четирите лица во бели мантили за кои Управата за јавни приходи се сомнева дека затајувале данок. Во јавноста се вртат уште две имиња на поранешни директори на клиники чија имотна состојба е под лупата на УЈП.
Постапката за утврдување на потеклото на имотот на Пановски почнала завчера. УЈП го утврдува потеклото на парите на поранешниот директор на Фондот за здравство, како и неговиот несразмерно зголемен имот во однос на пополнетиот анкетен лист. Како што дознаваме, најалармантна била состојбата со потеклото на имотот на поранешниот министер за здравство Владо Димов. Тој, според досегашните сознанија на УЈП, не располагал со огромен имот во недвижнини, туку со акции, хартии од вредност и удели што биле префрлувани од една во друга фирма. Токму затоа, како што потврдуваат нашите извори, предметот за Димов е еден од најсложените и затоа на него најдолго се работи.
Во Управата подолго време работат на утврдувањето на потеклото на имотот на двајцата поранешни директори на Кардиологија и на Гинекологија Петровски и Стојовски. И двајцата демантираат дека биле на распит во УЈП и дека се стекнале со неоданочено богатство.
– Тоа се чисти шпекулации. Не сум бил на распит во УЈП. Анкетен лист немам пополнето бидејќи ние, како директори, требаше да пополниме анкетен лист, но потоа антикорупциската комисија се изјасни дека не треба бидејќи не спаѓаме во категоријата функционери – ни рече Стојовски.
Според законот за спречување на корупцијата, анкетни листови треба да пополнат само директорот на Клиничкиот центар и директорот на Фондот за здравство. Тоа значи дека за Петровски и Стојовски постапката се води според Законот за персонален данок на доход. Приврзаниците на нивниот табор велат дека станува збор за „хируршки прецизна селективност на управата“.
– Во целиот случај е препознатлива нишка на селективност. Едниот е опонент на Кедев, а другиот е претседател на комисијата за здравство. Зошто Управата почна токму од нив двајца? – велат нашите извори.
Никола Пановски, поранешниот директор на Фондот, вели дека редно време било УЈП да почне да си ја врши работата.
– Нека ја испитаат мојата имотна состојба, не ме интересира. На крајот на краиштата, редно време беше. Јас немам што да кријам. Анкетен лист пополнив еднаш додека бев заменик-министер, еднаш како директор на Фондот и еднаш на заминување. Освен тоа, двапати пријавив промена во имотната состојба – вели Пановски.
Тој вели дека имотниот лист му се состои од стан наследен од родителите, гарсониера од 30 квадратни метри, без имотен лист, автомобил „хонда сивик“ од 1996 година, три велосипеди, пет илјади евра на девизна сметка и еден милион денари на штедна книшка.
– Имотот, пак, на мојата сопруга се состои од 10 дуќани за оптика, 8 дуќани за накит, таа има 20 вработени и пријави данок на добивка од осум милиони денари. Сопругата има четири службени возила од 5.000 до 30.000 евра, како и деловен простор, а станот каде што живееме со води на име на фирмата – ни изјави Пановски.
Директорот на УЈП Горан Трајковски вчера не сакаше да ги потврди имињата на оние за кои се испитува потеклото на имотот.
– Постапката е завршена само за судијката Снежана Попчевска. За градоначалничката на Центар Виолета Аларова побаравме да и биде замрзнат имотот, исто како и за цариникот Момчило Георгиевски. Почнати се и постапки за некои од лицата во бели мантили. Денеска ќе имам подетални информации која постапка до каде е, бидејќи ќе ја добијам документацијата од работата на Управата во целата држава – ни изјави вчера Трајковски.
И да ги фатат, затајувачите нема каде да платат!
Стојмир Петров, директорот на ОЗТ Институти, единствениот за кого постои судска пресуда дека затајувал данок и дека на државата треба да и врати 100.000 евра, се уште не ги уплатил парите.
Во државава, како што велат упатените, не постои закон што предвидува кој треба да ги наплати парите од затајувачите, со оглед на тоа што извршителите можат да наплатат се, освен даноци. Така, додека државните институции не предвидат кој треба да го наплати данокот, УЈП работи во празно на утврдувањето на потеклото на имотот.
Според наодите на Управата, судијката Снежана Попчевска на државата треба да и врати 1,76 милион денари даночна обврска, градоначалничката на Центар Аларова – 6 милиони денари, а цариникот Георгиевски – 3 милиони денари. Дури и судот да донесе пресуда со која ќе им наложи на тројцата да ги уплатат парите, нема институција што може да ја изврши наплатата.
Ќе и се замрзне ли имотот на Аларова?
Од скопскиот Основен суд 1 вчера одбија да кажат дали и го замрзнале имотот на градоначалничката на Центар Виолета Аларова, откако завчера тоа го побара Управата за јавни приходи. По барањето за замрзнување на имотот судот решава итно, а неофицијално се дознава дека имотот на Аларова вчера бил замрзнат и таа не смее да го продава или отуѓува. Од УЈП велат дека вчера на Аларова и го врачиле решението со кое се врши задолжување со персонален данок на доход по основа на непријавени и неоданочени приходи со даночна стапка од 70 отсто.
– Уште при самото пополнување на анкетниот лист функционерот мора да го пополни и делот каде што треба да се наведе и имотот на членовите на семејството. Тоа е законска обврска – велат од Управата.
Аларова, пак, тврди дека УЈП неосновано ја товари за стан што го купил нејзиниот син со кого таа не живеела во иста заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте не сакаше да ги коментира тензиите меѓу САД и европските сојузници околу Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека нема јавно да ги коментира тензиите меѓу САД и нивните европски сојузници поради барањето на американскиот претседател Доналд Трамп — САД да го преземат Гренланд.
„Можете да бидете сигурни дека работам на ова прашање зад сцената, но не можам тоа да го направам јавно“, рече Руте за време на панел-дискусија на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, пренесе „Ројтерс“.
Тој додаде дека претседателот Трамп и другите лидери се во право кога велат дека Арктикот мора да биде заштитен од руско и кинеско влијание.
„Мораме да сториме повеќе таму. Мораме да го заштитиме Арктикот од руско и кинеско влијание. Работиме на тоа — да обезбедиме колективна одбрана на арктичкиот регион“, изјави Руте.
Регион
Црна Гора ќе затвори уште едно поглавје во преговорите за пристапување кон ЕУ следната недела
Црна Гора би можела да затвори уште едно поглавје во преговорите за пристапување со Европската Унија (ЕУ) следната недела, а тоа е Поглавје 32, финансиски надзор, изјави црногорската министерка за европски прашања, Маида Горчевиќ.
Таа истакна дека поглавјето 32, кое е под надлежност на Министерството за финансии на Црна Гора, било технички подготвено претходната година, но неговото затворање било одложено поради внатрешните процедури на Европската комисија и земјите-членки.
„Од наша страна, беше испратена јасна порака дека ќе ги исполниме сите обврски што се очекуваат на европскиот пат. Од друга страна, Европската комисија очекува посилна борба против организираниот криминал и корупцијата, зајакнување на граничните премини и дополнително зајакнување на судството“, изјави Горчевиќ во изјава за Радио и телевизија на Црна Гора.
Според неа, брзото затворање на Поглавјето 32 би претставувало важен чекор во амбициозниот план на Владата да ги затвори сите преостанати поглавја до крајот на 2026 година, што би го отворило патот кон полноправно членство на Црна Гора во Европската Унија до 2028 година.
Црна Гора ја поднесе својата апликација за членство во ЕУ во декември 2008 година, а преговорите за пристапување започнаа во јуни 2012 година, и досега затвори 12 од 35 поглавја.
Во декември, Црна Гора затвори пет поглавја, од кои клучни се оние за јавни набавки, слободно движење на капитал и рурален развој, што беше оценето како пресвртница пред влегувањето во нова фаза од преговорите и трансформирањето на земјата од кандидат во сериозен кандидат за членство. Во последните две години, темпото на преговорите на Црна Гора за членство во ЕУ се забрза, но 2026 година е клучна година во која земјата се соочува со предизвици, особено во поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата.
Постои поглавје 31, кое ги опфаќа надворешната, безбедносната и одбранбената политика, чие затворање беше блокирано од Хрватска.
Иако Загреб во тоа време изјави дека не ја блокира Црна Гора, веќе постојат „отворени прашања“ што треба да се решат, меѓу кои бродот Јадран, демаркацијата, исчезнатите лица и гонењето на воените злосторства.
Свет
Италијански медиуми: Мелони бара начин да се извлече од мировната иницијатива на Трамп за Газа
Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, се двоуми дали да го прифати повикот од американскиот претседател Доналд Трамп за учество во новоформираниот „Одбор за мир“, објави италијанскиот весник „Кориере дела Сера“.
Весникот наведува дека Мелони на почетокот го поздравила повикот, но сега се обидува „да се извлече од таа ситуација“. Причината е Членот 11 од италијанскиот Устав, според кој Италија може да биде дел од меѓународни организации што работат за мир, но само врз основа на рамноправност со другите држави — нешто што не се однесува на одборот на Трамп.
Уредникот Симоне Канечиери објаснува дека Одборот што го замислил Трамп наликува на приватна верзија на Обединетите нации, во кој САД имаат водечка улога и каде учеството подразбира „влезна такса“ од една милијарда долари.
Според Канечиери, Трамп сака лично да го реши конфликтот во Газа, но неговата иницијатива сè повеќе наликува на „приватна влада на светот“, каде што членовите и правилата би ги одредувал тој самиот, дури и по напуштањето на Белата куќа.
Повеќе западни сојузници реагирале воздржано на планот, а дипломати предупредуваат дека таков одбор би можел да ја поткопа работата на Обединетите нации.
Според „Ројтерс“, Трамп треба да ја предводи церемонијата за основање на одборот во четврток, за време на Светскиот економски форум во Давос.
Фото: ЕПА

