Свет
За систем што не се користи уште пола милион евра
Набавката на надградбата на симулаторот кренала прашина во Управата за цивилна воздушна пловидба зашто се прави од истата фирма на која за постоечкиот симулатор во 1998 година и се платени 509.000 долари
РАСИПНИШТВО: СЕ НАДГРАДУВА СИМУЛАТОРОТ НА КОНТРОЛА НА ЛЕТАЊЕ
Набавката на надградбата на симулаторот кренала прашина во Управата за цивилна воздушна пловидба зашто се прави од истата фирма на која за постоечкиот симулатор во 1998 година и се платени 509.000 долари
Управата за цивилна воздушна пловидба ќе го надградува симулаторот на Обласната Контрола на летање во Скопје. Вредноста на зафатот е многу поголема од сумата што била платена кога на времето бил купена основната опрема. Симулаторот што сега го имаме повеќе стои како украс, а контролорите на летање за добри пари ги користат за обука и тренажа симулаторите од Чешка, Скандинавските земји и Бугарија.
Управата за цивилна воздушна пловидба, со договор од 25 јануари годинава, прифатила цена од 550 илјади евра за надградбата на симулаторот, но, договорената надградба никако да се направи, затоа што италијанската фирма што треба да ја изведе не можела да ги задоволи барањата. Извори на Вест велат дека случајот со симулаторот кренал прашина во Управата за цивилна воздушна пловидба.
“Ова се пари од кредитот од ЕБРД банката. Експерти за прием на софтверот, кој е носечкиот дел на симулаторот, веќе два пати беа во Рим, и утврдија дека не ги исполнува договорените параметри. Симулаторот се набавува од фирмата ‘Алениа’, од истата фирма на која за постоечкиот симулатор во 1998 година се платени 509.000 долари, а излезе неупотреблив. Дали ви е логично за реновирање да платите поскапо отколку за новокупена стока?”, вели вработен во Контрола на летање.
Извори од Управата за цивила воздушна пловидба велат дека договорот за симулаторот, и покрај тоа што тежи пола милион евра, е договорен со директна спогодба. “Затоа што се врши надградба на постоечки систем, мора да се обратите кај производителот на основниот модел. Но тука е и замката-тоа отвора можности за калкулации. Јасно, секогаш има супервизија од кредиторот, но дилемата останува-кога нема јавен тендер на кој конкурираат повеќе понудувачи, постои можност за надградување на сумата. А, кога зделката ќе се затвори, многу тешко некоја од државните форми на контрола може да ја најде ‘цаката’, “вели нашиот извор.
Тој укажува на уште еден интересен факт-комисиите за избор на опрема за Контрола на летање, меѓу кои и на симулаторот, во изминатиов период неколку пати се менувале. Некои од членовите на првите комисии јасно кажале дека не сакаат да стават потпис на договор за купување ваква италијанска опрема.
За контролорите на летање добра вест е што симулаторот конечно ќе се оспособи за работа, зашто тоа ќе го намали одлевањето на пари во странство за задолжителните обуки. “Постоечкиот не го користиме. Кога ќе се надгради, ќе биде оперативен”, вели еден од контролорите.(А.С.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бројот на жртви варира во голема мера: „Иран Интернешнл“ тврди дека најмалку 12.000 луѓе се убиени во протестите
Се појавуваат извештаи за илјадници жртви на неодамнешните немири во Иран, што би претставувало најголем број смртни случаи во протестите од Исламската револуција од 1979 година. Информациите објавени од различни агенции и медиуми значително варираат.
Американската новинска агенција „Human Rights Activists News Agency“ (HRANA), која ги следи протестите во Иран повеќе од 20 години, вели дека најмалку 2.000 луѓе се убиени, од кои 1.850 биле демонстранти. Агенцијата вчера соопшти дека досега идентификувала околу 500 жртви и додаде дека повеќе од 16.000 демонстранти се уапсени.
Од друга страна, „Иран Интернешнл“ проценува дека најмалку 12.000 луѓе се убиени само во протестите на 8 и 9 јануари. Тоа е персиски телевизиски канал со седиште во Велика Британија, поврзан со саудиската влада, и ги базира своите бројки на извори во земјата и медицински податоци.
„Врз основа на достапните податоци и вкрстените проверки на информациите добиени од сигурни извори, вклучувајќи го Врховниот совет за национална безбедност и претседателската канцеларија, првичната проценка на безбедносните институции на Исламската Република е дека најмалку 12.000 луѓе се убиени во овој национален масакр“, рекоа тие.
Свет
Каја Калас: Историјата е полна со примери за паѓање на режими, но прашањето е што следува потоа
Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изјави дека е неизвесно што ќе се случи по евентуалниот пад на иранскиот режим. Одговарајќи на прашање од европски дописник, Калас предупреди дека промената на владата не мора да гарантира подобра иднина за земјата.
„Историјата е полна со примери за паѓање на режими, но прашањето е што следува потоа“, рече таа.
Во врска со моменталната ситуација во Иран, Калас рече дека исходот е нејасен. „Во моментов е нејасно дали режимот ќе падне или не, јасно е дека протестите се масовни“, рече таа.
„Исто така е јасно дека режимот брутално ги потиснува и убива луѓето за да навистина всади страв во општеството“, додаде таа.
Свет
Трамп со порака до демонстрантите во Иран: Продолжете да протестирате, помошта доаѓа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги поддржа демонстрантите во Иран и ги повика да продолжат да протестираат.
Тој ги откажа средбите со иранските претставници и рече дека американската помош е на пат.
„Ирански патриоти, ПРОДОЛЖЕТЕ ДА ПРОТЕСТИРАТЕ – ПРЕЗЕМЕТЕ ГИ ВАШИТЕ ИНСТИТУЦИИ!!! Запишете ги имињата на убијците и насилниците. Тие ќе платат висока цена. Ги откажав сите средби со иранските претставници сè додека не престане бесмисленото убивање на демонстрантите. ПОМОШТА ДОАЃА. МИГА!!! ПРЕТСЕДАТЕЛ ДОНАЛД Џ. ТРАМП“, објави тој на својот профил на социјалните мрежи Truth Social.
фото/Depositphotos

