Економија
Данокот „Робин Худ“ се поизвесен во ЕУ
Откако Европската комисија (ЕК) го предложи воведувањето на данокот на финансиски трансакции, популарно наречен „Робин Худ“, оваа десет години стара идеја се чини се пореална, оценуваат европските медиуми.
Откако Европската комисија (ЕК) го предложи воведувањето на данокот на финансиски трансакции, популарно наречен „Робин Худ“, оваа десет години стара идеја која ја поддржуваат хуманитарните организации, еколозите, синдикатите, верските здруженија, па дури и некои од најбогатите луѓе, се чини се пореална, оценуваат европските медиуми.
„Сценарио од кое ни Холивуд не би се засрамил: една шака весели мажи и жени планира да ги заштити сиромашните со тоа што ќе им одземе на светските финансиски титани и ќе ги натера да си го платат својот дел. Во завршната сцена, (банката) Goldman Sachs станува добриот Самариќанин, кој произведува милијарди и ги решава светските проблеми“, објави во хумористичен тон британскиот The Guardian (левичарски весник).
Оваа замисла престана да биде утопија откако претседателот на ЕК, Хозе Мануел Баросо во средата предложи воведување на данок на финансиски трансакции, од кои годишно би се добиле 55 милијарди евра, од кои половината би завршиле во европскиот буџет, а остатокот би го поделиле државите – членки.
Според некои студии на кои се повикува францускиот весник Le Monde, данокот од 0,05 проценти би можел да собере дури и до 200 милијарди евра годишно. Брисел предложи 0,1 процент данок за трансакциите на берзите за акции и обврзници, а за останатите финансиски производи 0,01 процент, со што годишно би се добиел 55 милијарди евра.
Големо мнозинство на Европјани посакува финансискиот сектор да го понесе својот дел од товарот за кризата која токму тој сектор ја предизвика. Тоа го потврди и анкетата на белгискиот весник La Libre Belgique, спроведена на почетокот на јуни, пред да биде донесен предлог-буџетот на ЕУ за 2012 година, со кои се предвидуваат заштеди од 22 милијарди евра. За робинхудовскиот данок се изјасниле 78 проценти од испитаниците, повеќе отколку за даночењето на големите богатства (73 проценти).
Според Eurobarometar, данокот го поддржуваат повеќе од 61 процент од Европјаните, а го поддржуваат и 65 проценти од Британците, што значи дека јавноста не го дели мислењето на својата влада која е најголем противник на Европскиот данок на финансиски трансакции (European Financial Transaction Tax, ЕФТТ), заради стравот дека овој данок ќе му наштети на работењето на лондонскиот Сити.
Лондон за тоа „ќе треба да ја убеди Унијата што, како што се чини, ќе биде многу тешко. Британскиот став го делат и Шведска и Холандија“, пишува францускиот весник L’Express и додава: „Ако ЕК не испее да постигне согласност, можно е данокот да се применува само во еврозоната, како што неодамна предложија министрите за финансии на Германија и на Белгија, Волфганг Шобл и Дидие Рејндерс“.
За предлогот на ЕК допрва ќе се расправа, а ако биде прифатен може да се примени најрано од 2014 година. Меѓутоа, ЕФТТ, познат уште и како „Робиновиот данок“, би требало да се примени и на светско ниво, пишува The Guardian. Весникот потсетува дека кампањата за ЕФТТ,која пред 18 месеци започна во Британија, ја поддржаа 115 хуманитарни агенции, еколозите, синдикатите, верските здруженија. Но, на ланскиот самит на Г8 и на Г20 во Торонто таа идеја беше прогласена за „чудна“ и неспроведлива. Весникот додава дека денес и Меѓународниот монетарен фонд ја оценува идејата како „изводлива“, а би го плаќале главно најбогатите.
Соочени со глобалната финансиска криза, некои од најбогатите земји станаа гласни заговорници на данокот, а францускиот претседател Никола Саркози предложи тој да се искористи за помош на жртвите на природните катастрофи во светот.
Повеќе од илјада економисти,меѓу кои има и добитници на Нобеловата награда, ја повикаа Г20 на итна акција, а неодамна за ЕФТТ се изјасни и најбогатиот човек на светот, Бил Гејтс.
Британскиот актер Бил Наи, истакнат заговорник на Робиновиот данок, посети една од 132-те „банки за храна“ во западен Лондон, во кои сиромашните доаѓаат по прехранбените пакети, па згрозен од глетката изјави дека се чувствува како да живее во викторијанска Англија и дека денес таквите установи не би биле потребни кога банките би платиле за кризата која ја предизвикаа, напиша британскиот весник The Mirror.
Напредокот, сепак, ќе биде многу тежок, затоа што некои земји, како Британија, САД и Холандија се решителни да опстојат во одбраната на профитите на банките и на хеџ-фондовите, кои мораат да бидат на прво место, пред и над се друго. /крај/хина/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.
Економија
Мој ДДВ не се укинува – налозите за исплата во февруари се подготвуваат, извести УЈП
Управата за јавни приходи ги демантира написите во дел од медиумите дека се укинува мерката „МојДДВ“.
„Јасно и недвосмислено истакнуваме дека не постои одлука за укинување на „МојДДВ“ – мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани можат да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права согласно законските одредби. За спроведување на мерката „МојДДВ“ се предвидени средства во Буџетот за 2026 година, со што се обезбедува нејзино непречено и континуирано спроведување“, велат од УЈП.
Во текот на 2025 година за редовна исплата исплатени се 3.458.885.995 денари, што е 56,2 милиони евра средства вратени на сметките на граѓаните по основ на „МојДДВ“.
Гледано по квартали, повратот на средства преку „МојДДВ“ во текот на 2025 година е следен:
•За К4 2024 година (исплата во февруари 2025) исплатени се 870.329.146 денари за 496.442 корисници;
•За К1 2025 година исплатени се 784.442.146 денари за 491.770 корисници;
•За К2 2025 година исплатени се 882.137.038 денари за 503.655 корисници;
•За К3 2025 година исплатени се 921.977.665 денари за 515.182 корисници;
•За К4 2025 година налозите се во обработка и согласно законските одредби исплатата на средства е предвидена за февруари 2026 година.
Во текот на 2025 година беа извршени и дополнителни исплати (од изминатите години) кон корисниците кои немале точни податоци во периодот кога биле редовните исплати:
•За скенирани сметки во 2020 година исплатени се 2.658.049 денари;
•За скенирани сметки во 2023 година исплатени се 7.552.401 денари;
•За сметки скенирани во 2024 година исплатени се 4.076.525 денари.
На сметките на граѓаните во 2025 година по основ на редовна и дополнителна исплата на средства преку „МојДДВ“, исплатени се вкупно 3.473.172.970 денари или 56,4 милиони евра.
УЈП ги известува граѓаните дека веќе ги подготвува налозите за исплата на средства за скенирани сметки во последниот квартал од 2025 година, која треба да се реализира во февруари 2026 година.
„Апелираме граѓаните да не потпаѓаат под шпекулации и да ги следат исклучиво официјалните информации и соопштенија на Управата за јавни приходи. Истовремено, УЈП ја информира јавноста дека апликацијата „Мој ДДВ“ функционира редовно. Во рамки на тековните технички подобрувања на системот, можно е повремено забавување при најавување на апликацијата од страна на корисниците или при вчитување на фискалните сметки. Овие појави се привремени, а надлежните технички служби континуирано работат на нивно отстранување, со цел да се обезбеди подобро корисничко искуство. Со ова уште еднаш потврдуваме дека апликацијата „Мој ДДВ“ останува во функција и не се разгледува нејзино укинување“, се додава во соопштението на УЈП.
Економија
Малите и средни претпријатија се ’рбетот на економијата – претставена Националната стратегија за МСП 2025–2030
Министерството за економија и труд денес ја презентираше Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, стратешки документ кој ја дефинира насоката за развој, конкурентност и отпорност на малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија во наредните години.
Малите и средни претпријатија претставуваат ’рбет на националната економија, сочинувајќи околу 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедувајќи егзистенција за речиси три четвртини од вработените. Тие имаат клучна улога во економскиот раст, иновациите и социјалната стабилност на државата.
На настанот, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека Стратегијата е повеќе од формален документ и дека таа претставува јасна определба за поддршка на домашните претприемачи.
„Малите и средни претпријатија не се само дел од нашата економија – тие се нашата економија. Секој нивен успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со Стратегијата за МСП 2025–2030 создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници,“ истакна министерот.

