Скопје
Основното училиште „Јан Амос Коменски" во скопски Карпош доби нова спортска сала
Применувајќи ги мерките за енергетска ефикасност, скопската општина Карпош го заврши реновирањето на 40 години старата спортска сала во Општинското основно училиште „Јан Амос Коменски”.
Во рамките на проектот, како дел од програмата за енергетска ефикасност, беше инсталирана комплетна надворешна изолација на ѕидовите, со 10 сантиметри стиропор, и нова покривна изолација од 20 сантиметри камена волна, а се замени и стариот азбестен покрив со нов, изработен од висококвалитетен пластифициран лим. На местото на старите прозорци и врати, беа монтирани нови, од шесткоморни ПВЦ-профили со трислојно стакло, со нискоемисионен премаз, и со U<1.1 w/m2k; кои ќе ја подобрат звучната изолација, но, исто така, ќе влијаат и врз заштеда на топлинската енергија. Во внатрешниот дел од спортската сала, комплетно се реновирани соблекувалните, тоалетите и туш-кабините, а поставен е и нов паркет, нови грејни тела (радијатори) и заштитни мрежи.
Старото електрично осветлување со рефлекторски системи и инсталирана моќност од 7300W, е заменето со штедливи високофреквентни светилки 4*49W, со кои се обезбедува осветленост од 500 luxa, а во исто време се намалува инсталираната моќност за 40%. Освен современиот изглед, од особена важност е поставувањето на новата електрична и водоводна мрежа, која ќе резултира со поефикасни својства на училишниот спортски објект.
Според програмата за енергетска ефикасност на Општина Карпош, реконструираниот училишен објект, како и училишната зграда заедно со останатите шест објекти на детските градинки кои ќе бидат реконструирани во тековната и наредната година, се предмет на изработка во рамки на обуките за енергетски контролори што ги спроведуваат овластените обучувачи од невладината МАЦЕФ, Машинскиот факултет во Скопје и од ЦЕПРОСАРД. Кандидатите изработуваат енергетски извештај и сертификат – пасош, како задача во практичниот дел од испитот. Од особена важност е што овие изработени трудови ќе бидат основа за оформување на тендерските барања на кои ќе се базираат изведбите на реконструкциите на овие објекти. Со нивното завршување, Општина Карпош ќе спроведе постапка за реализација на енергетски сертификати – пасоши за сите 20 објекти на училишта и градинки од својата територија./крај/мф/ип
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Во текот на јануари се отстранети 𝟤𝟩𝟨𝟧 кубни метри отпад од диви депонии
Во текот на првиот месец од 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 13 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, известуваат од Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, беа отстранети и 2765 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Во рамките на активностите за отстранување диви депонии е интервенирано во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 400 кубни метри се подигнати во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец јануари изготви вкупно 56 едукативни записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Најголем број на записници – вкупно 32 – се врачени во скопската општина Чаир.

ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со одржување на јавната хигиена на булеварите, како и улиците што се во надлежност на Градот Скопје во сите скопски општини. Секојдневно, во три смени, се спроведува машинско и рачно метење на плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.

