Македонија
ТМ: Судство е во длабока криза
Транспарентност Македонија (ТМ) во Извештајот за октомври за состојбите во борбата против корупцијата и криминалот констатираат дека македонското судство е во длабока криза.
Според ТМ ова се должи на не правење добра правна квалификација на кривичните дел, нестручност, незнаење и површност во работата во како што стои во Извештајот речиси сите субјекти на казнено правниот систем, како и некритичко прифаќање на барањата на Јавното обвинителство и отварање на истрага од страна на истражните судии.
Како посебен проблем во Извештајот е наведено тоа што во изборот на судиите и јавните обвинители не е одлучувачки само квалитетот, туку како што се посочува и партиските влијанија.
Од ТМ препорачуваат сите забелешки кои се наведени да се сфатат со крајна сериозност.
Во делот за извештаите на Државниот завод за ревизија од ТМ велат дека негативните мислења и мислењата со резерва кои се однесуваат на Управата за јавни приходи и Јавното сообраќајно претпријатие неминовно наметнуваат констатација дека корупцијата и криминалот длабоко навлегле во државните институции и силно ги поткопале темелите на општествениот систем.
ТМ во делот за ЕУ и НАТО во Предлог буџетот за 2011 констатираат дека се прави отстапување од интеграциските процеси и ја прашуваат Владата дали официјално се откажува од евроатланските како клучни државни стратегиски определби.
Во Извештајот се споменати и случајот „Даночни решенија“, за кој велат дека е несфатлив и неоправдан, случајот „Клиника за ендокринологија“ при што велат дека се загрижени за селективноста во постапувањето на МВР и обвинителството.
Според ТМ политизирано е и високото образование, за што како што посочуваат е поттикнато од страна на ректорот на УКИМ Велимир Стојковски.
Тие посочуваат дека загрижувачки се состојбите во македонските медиуми и ги повикуваат надлежните органи да работат на отстранување на проблемите во медиумите и прекршувањата на неколку законски одредби од Законот за радиодифузија./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

