Свет
Берзански играчи ја кријат капиталната добивка
Капитална добивка во УЈП до октомври лани пријавиле
само 86 лица,а Централниот депозитар за 2006 година регистрирал берзанско
тргување од 10.282 субјекти
Капитална добивка во УЈП до октомври лани пријавиле
само 86 лица,а Централниот депозитар за 2006 година регистрирал берзанско
тргување од 10.282 субјекти
Управата за јавни приходи ќе спроведе контрола и ќе изрече казни за граѓаните и
за фирмите што оствариле капитална добивка од тргување со хартии од вредност на
Македонската берза, а не платиле данок. Дознаваме дека даночниците ќе вршат
контроли во брокерските куќи и врз сите берзански трансакции.
– Ќе го контролираме целокупното работење на брокерите по основа на сите
давачки како што се персоналниот данок на доход, ДДВ, данок на добивката,
трошоци за вработените – велат во УЈП.
Управата презела и податоци од Централниот депозитар за хартии од вредност,
каде што се евидентирани сите сопственици на акции.
Според податоците од УЈП, до октомври лани се поднесени само 86 аконтативни
пријави за плаќање данок на капиталната добивка, од кои 84 во Скопје и по една
во Битола и во Штип. За скопските е пресметан данок од 996.427 денари (16.280
евра), а платени се 577.550 денари (9.430 евра). Во овој период се пријавени и
две капитални добивки од учество во капитал, за што е платен данок во износ од
9.662.150 денари (158.000 евра). Податоците од годишните даночни пријави се’
уште не се обработени.
– Голем број од даночните обврзници не знаеле дека данокот на капиталната
добивка може да го пријават со аконтативна пријава. Тој приход очекуваме да го
пресметаат во годишните пријави. Многумина се јавуваа за да се информираат за
оваа даночна обврска – велат во УЈП.
Бројките од Централниот депозитар покажуваат дека лани многу повеќе граѓани и
фирми продавале и купувале хартии од вредност на Берзата, а голем дел од нив
оствариле добивка. Регистрирано е тргување од 9.810 физички лица и од 472
правни субјекти. Во Депозитарот има вкупно 195.769 сметки на сопственици на
хартии од вредност.
– Имаме исклучително добра соработка со УЈП. Во делот на капиталната добивка не
е побарана информација од нас – вели Стеван Шапчевски, директор на Депозитарот.
Се проценува дека државата може да собере многу пари од наплата на данок на
капиталната добивка. Оваа даночна обврска е релативно нова. Од годинава се
применува единствена даночна стапка од 12 отсто. Данокот се пресметува на 70
отсто од добивката.
Според експертите, УЈП може лесно да го наплати данокот следејќи ги трагите во
Депозитарот и кај брокерите.
– Ова е понов вид оданочување и УЈП и граѓаните не се навикнати на оваа
обврска. Може да се соберат многу приходи бидејќи на Берзата се вртат многу
пари. Се зголемува тргувањето со хартии од вредност и има потенцијално голема
даночна сила – оценува професорот на Економскиот факултет во Скопје, Живко
Атанасовски. Тој предлага укинување на данокот на капиталната добивка заради
стимулирање на развојот на пазарот на капиталот.
На Берзата се вртат се’ повеќе пари. Во првите два месеца се истргувани хартии
во вредност од 6.163.174.167 денари (100,7 милиони евра). Во 2006 година
берзанскиот промет без блок-трансакциите изнесува 10.809.743.694 денари (околу
176 милиони евра).
Спасијка Јованова
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Турски обвинител бара 2.000 години затвор за најголемиот противник на Ердоган
Турскиот обвинител побара 2.000 години затвор за градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу — главниот политички противник на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Според обвинението во кое имал увид „Ројтерс“, Имамоглу се товари за создавање криминална организација, поткуп, измама и местење јавни набавки.
Главниот истанбулски обвинител Акин Ѓурлек соопшти дека случајот опфаќа 402 осомничени и дека државата претрпела штета од 160 милијарди турски лири (околу 3,8 милијарди долари). Адвокатот на опозициската Републиканска народна партија (CHP) изјави дека обвиненијата се неосновани и политички мотивирани.
Имамоглу од март е во притвор и чека судење за корупција, а претходно доби и одделна казна затвор поради навреди кон градски обвинител.
Истанбулското обвинителство истовремено побара и забрана за опозициската CHP, обвинувајќи ја дека се финансирала незаконски. Партијата тврди дека станува збор за политички прогон, додека владата го негира тоа.
Од неуспешниот пуч во 2016 година, Турција има приведено повеќе од 390.000 лица под обвиненија поврзани со тероризам, а над 113.000 се во затвор, објави агенцијата „Анадолија“.
Свет
Кина ги обвинува САД дека украле 13 милијарди долари во биткоини
Кина ја обвини американската влада дека хакирала биткоин-новчаници и украла криптовалути вредни 13 милијарди долари.
Локална безбедносна фирма тврди дека нападот бил државно организиран, но според анализата на CryptoSlate и документите на американското Министерство за правда, станува збор за искористување безбедносна ранливост во софтвер, а не за државен хакерски напад.
Во декември 2020 година од новчаници поврзани со кинескиот рударски базен LuBian исчезнале 127.000 биткоини. Подоцна, истите средства се појавиле во новчаници под контрола на американските власти, кои тврдат дека тоа е дел од истрага за перење пари поврзана со кинескиот бизнисмен Чен Жи и Prince Group.
Аналитичарите наведуваат три можни сценарија: криминална група ја искористила ранливоста; средствата биле внатрешно префрлени во мрежата на Prince Group; или, како што тврди Пекинг, САД го извеле нападот и го прикажале како законска заплена – теза за која нема технички докази.
Свет
Мерц обвинет за пренасочување на парите за одбрана, за финансирање на поголем социјален буџет
Германскиот канцелар Фридрих Мерц се соочува со обвинувања од економските институти и централната банка дека пренасочува милијарди евра од новиот државен долг, наменет за инвестиции во одбраната и инфраструктурата, за финансирање на поголем социјален буџет и тековни расходи, што, според нив, ризикува „поткопување на конкурентноста на Германија“ наместо да го стимулира растот на БДП.
„Бундесбанк“ и два економски институти предупредија дека значителен дел од планираното дополнително владино задолжување веројатно ќе се искористи за области што треба да се финансираат од редовниот буџет, вклучувајќи даночни олеснувања и субвенции, според „Фајненшл тајмс“.
По победата на федералните избори во февруари, Мерц постигна договор со социјалдемократите и Зелените за ублажување на уставното ограничување за задолжување, познато како „кочница за долг“, за инвестирање во инфраструктура и одбрана.
Новите одредби отворија можност за дополнителни инвестиции до 1.000 милијарди евра во овие две области во текот на следната деценија, што, според очекувањата, треба да го стимулира растот на бруто домашниот производ (БДП) по четири години стагнација, анализираат медиумите.
Институтот за економија од Келн, кој е финансиран од здруженија на работодавачи, изрази загриженост, наведувајќи дека најмалку 40 проценти од планираниот дополнителен долг до 2029 година ќе се користи за покривање на дефицитот во редовниот буџет.
Коалицијата на канцеларот Мерц користи „цела низа механизми за заобиколување“ за да ги заобиколи правилата што диктираат дека дополнителниот долг мора да биде насочен кон нови инвестиции во одбраната и инфраструктурата, според соопштението.
„Оваа буџетска игра ризикува да ја поткопа идната конкурентност на Германија“, рече економистот Тобијас Хенс.
„Бундесбанк“ претходно предупреди дека дополнителното задолжување „се користи во значителна мера за создавање фискален простор“, што значи дека долгот ќе расте „без соодветно зголемување на одбранбениот капацитет и инфраструктурата“.
Централната банка прогнозира дека буџетскиот дефицит на Германија ќе се зголеми на 3,5 проценти од БДП следната година, а потоа ќе достигне околу 4 проценти, од приближно 2 проценти во 2025 година.
Министерот за финансии на покраината Баден-Виртемберг, Дањал Бајац (Зелените), оцени дека Берлин „во голема мера ги надминува политички договорените ограничувања“ на новите правила за задолжување, нарекувајќи го тоа „дрзок потег“ што ги намалува очекуваните позитивни ефекти врз економскиот раст.
„Голем дел од парите одат на мерки што не ја зајакнуваат нашата инфраструктура или конкурентност“, рече Бајац.
На барање за коментар, федералното Министерство за финансии објави дека сите буџети до 2029 година ќе бидат во согласност со правилата дефинирани со уставниот амандман, според кои најмалку 10 проценти од основниот буџет мора да се користат за инвестиции, пренесува Танјуг.
Фото: принтскрин

