Македонија
ЕУ ќе се наврати на датумот за преговори за време на унгарското претседателство
Советот на Европската Унија ќе се наврати на прашањето за отворање на пристапни преговори со Македонија за време на следното, унгарско претседателство со Унијата, стои во заклучоците усвоени попладнево на состанокот на Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.Се поздравува воспоставениот дијалог на највисоко ниво меѓу Атина и Скопје и се изразува очекување тоа да донесе резултати во блиска иднина.„Советот ја споделува оценката на Комисијата за задоволително исполнување на политичките критериуми и забележува дека Комисија ја повтори својата препорака дека пристапни преговори треба да бидат отворени со Поранешната Југословенска Република Македонија. Советот е подготвен да се врати на ова прашање за време на следното претседателство. Одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи и разговори за изнаоѓање взаемно прифатливо решение за името, под покровителство на ОН, останува важно. Советот го поздравува воспоставениот дијалог на високо ниво и очекува тоа да донесе скорешни резултати“, се вели во усвоените заклучоци.Во документот се поздравува направениот напредок во реформскиот процес во изминатата година, иако се констатира дека е со нееднакво темпо. Се бараат понатамошни напори во однос на политичкиот дијалог, судството, реформата на јавната администрација, борбата против корупцијата, слободата на изразување, како и подобрувањето на средината за водење бизнис.„Советот го поздравува напредокот што Поранешната Југословенска Република Македонија го има направено во клучните области, како што е полициската реформа, иако е со нерамномерно темпо. Земјата продолжува да ги исполнува своите обврски од Договорот за стабилизација и асоцијација. Советот очекува земјата да го задржи моментумот на реформската агенда. Земјата треба да направи понатамошен прогрес во однос на дијалогот меѓу политичките чинители, судството и реформата на јавната администрација, борбата против корупцијата, слободата на изразување и подобрувањето на средината за водење бизнис. Имплементацијата на Охридскиот Рамковен Договор останува важен елемент за демократијата и владеењето на правото во земјата“, се вели во заклучоците.Денешниот состанок на министерско ниво се одржа како подготовка за претстојниот состанок на Европскиот Совет. /крај/ec/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста до 9 часот во четирите општини е 1,12 отсто
Државната изборна комисија на својата веб-страница објави дека до 9:00 часот утринава, излезноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12%.
По општини:
– Врапчиште – 1%
– Гостивар – 0,93%
– Маврово–Ростуше – 2,89%
– Центар Жупа – 0,75%
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на прес-конференција кажа дека на избирачките места кои се отворени навреме, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии. Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а едно избирачкото место во Ќафа не е воопшто отворено.
Денеска се гласа на вкупно 215 избирачки места, а право на глас имаат 128.286 избирачи.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.

