Македонија
Министерот Тодоров во работна посета на Солун
Министерот за здравство, Никола Тодоров, во среда престојува во работна посета на повеќе реномирани здравствени установи во Солун – Република Грција.
Во рамки на посетата, тој ќе ги посети и општата приватна болница Сент Лук, која се смета за една од најдобрите болници во Источна Европа и Балканскиот регион, како и oпштата приватна болница Еуромедика – Кијанос Ставрос во Солун.
Целта на посетата е спроведување на програмата за доедукација на македонски здравствени работници во Република Грција, разгледување на можностите за ангажирање на грчки лекари во насока на воведување на иновативни методи во здравствениот систем во Република Македонија, како и анализирање на опциите за евентуален ангажман на здравствени промотори.
Воедно, во рамки на посетата, министерот Тодоров информираше за изградбата на Центарот за позитронска емисиона томографија (ПЕТ-центар) во Скопје, кој ќе биде пуштен во функција следната година, и со кој се овозможува најсовремена ефикасна дијагностика, како важен предуслов за успешна и пократкотрајна терапија на малигните заболувања за граѓаните од Република Македонија, како и за жителите од целиот Балкански регион, вклучувајќи ја и Грција. Општата приватна болница St. Luke’s Hospital ги опфаќа речиси сите медицински и хируршки специјалности, располага со софистицирана опрема, која постојано се обновува согласно развојот на медицинската технологија, и обезбедува здравствена заштита за над 2000 пациенти месечно. Оваа болница, во рамки на своето опстојување од 1975 година досега, има стекнато репутација на една од најдобрите болници во Источна Европа и Балканскиот регион.
Еуромедика-Кијанос Ставрос во Солун е реномирана приватна болница и функционира како дел од најголемата приватна корпорација Еуромедика, која овозможува примарна и секундарна здравствена заштита преку повеќе од 70 здравствени единици.
Во текот на денот, министерот Тодоров ќе ја посети и Државната болница „Ипократио” во Солун, која претставува една од најголемите здравствени установи во Грција и регионот. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.
Македонија
Советник на Мицкоски за нов уставен судија – толку од независноста на судството, велат од СДСМ
Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро, истакнуваат од СДСМ.
„Кадровско решение од кабинетот на премиерот во највисоката судска инстанца во државата.
Дополнително, Гоце Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО, Васко Наумовски, со што политичките релации и влијанија се уште еднаш потврдени.
Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството.
Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“.
Според СДСМ, додека Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.
„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски.
Следува целосно погребување на правдата и правната држава“.

