Македонија
Надворешното оценување на професорите повторно во игра
Надворешното оценување на професорите како дел од предлогот за измени на законот за високо образование, повторно е во игра, иако министерот за образование и наука Никола Тодоров најави негово повлекување.
На денешната седница на собраниската Комисија за образование и наука, министерот рече дека е против овој амандман, но членовите во Комисијата од редовите на ДУИ повторно го предложија.
Министерот гласаше против, но сепак амандманот беше изгласан.
Доколку надворешното оценување, или екстерната евалуација на професорите биде изгласана и во Собранието, тоа би значело дека трето надворешно лице ќе ги надгледува универзитетските професори додека тие работат, предлог кој од нив беше оценет како најнавредлив.
Предлогот за измена на законот за високо образование помина на Комисијата и сега оди на пленарна седница на Собранието.
Предложените измени на законот за високо образование беа прифатени од Владата и тие влегоа во законска процедура. Професорите повторно беа изненадени од ваквата постапка на министерот, особено откако тој на нивниот протест ја прифати отворената покана од универзитетските професори да дојде оваа недела на закажаната седница на Сенатот и пред нив да го одбрани својот предлог. По усвојувањето на измените од страна на Владата, за предлогот треба да расправа и одлучува и Собранието.
Голем дел од академската заедница влезе во отворен конфликт со министерот за образование и наука, Никола Тодоров, поради неговиот предлог за измени во законот за високо образование, кои вклучуваат построги критериуми за станување доцент, асистент и професор, објавување на повисок број научни трудови, отчет на јавните универзитети пред Собранието и јавноста, самоевалуација на професорите итн. Дел од професорите измените ги сфатија како упад во автономијата на универзитетите. /крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДС лаже, ИПАРД 3 го запре Владата потврди и делегацијата на ЕУ, велат од ВМРО-ДПМНЕ
За прв пат во историјата на државата, институциите преземаат мерки за корупција за кој главен осомничен е актуелен директор без притоа тие да постапуваат по претходен голем притисок на медиумите и јавноста, како што беше во време на СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владатa, како што додаваат, го санкционира коруптивното поведение на актуелни функционери без затоа да има јавен скандал.
„Во време на СДС, свиркачи и медиуми вадеа документи, видеа и аудио снимки од криминали за тогашни функционери, а Заев, Ковачевски и Филипче не само што не ги менуваат, туку и ги штитеа и вршеа притисок врз институциите да не отворат постапки“.
Во делот на манипулациите на СДС дека министерот Трипуновски треба да сноси одговорност, од владејачката партија нотираат дека станува збор за посебна институција која во своето менаџирање е самостојна.
„Во делот на лагите дека ИПАРД е блокирана од ЕУ, нема поголем демант од ставот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, кои наведоа:
“Ја поздравуваме одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД 3 додека не се разјаснат околностите. Со оглед на тоа дека во моментов во тек е истрага, не би можеле да дадеме дополнителни коментари – велат од Делегацијата.”
По ова, секој нареден прес на СДС може да се земе единствено како димна бомба за сокривање од партиските превирања и несогласувања во СДС и се посилните барања за оставка на Филипче“.
Македонија
Положено цвеќе пред споменикот на Драго Маневски, македонски бранител и припадник на безбедносните сили
Со положување свежо цвеќе пред спомен-плочата на припадникот на македонските безбедносни сили, Драго Маневски, беше одбележана 24-годишнината од неговата смрт.
Делегација од Општина Илинден предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, положи свежо цвеќе пред споменикот на македонскиот бранител и херој од 2001 година.
Драго Маневски, роден во Марино во 1966 година, го загуби животот на 11 ноември 2001 година во село Требош, како припадник на безбедносните сили на Република Македонија, борејќи се за својата татковина.
Македонија
Алиу: Годинава обезбедени 58 лека за 430 пациенти со ретки болести
Министерот за здравство Азир Алиу заедно со Здружението за ретки болести „Живот со предизвици“ одржа прес-конференција по повод симпозиумот во рамките на кампањата „Ти си редок херој“ со заедничка цел да го унапредиме знаењето и практиката во раното препознавање и дијагностицирање на ретките болести.
„Ретките болести не се ретки за тие што живеат со нив. Оваа тема е од особена важност бидејќи матичните лекари како прва точка на контакт со пациентот имаат клучна улога за рано откривање и насочување на лицата со сомнеж за ретка болест. Во рамките на Програмата за ретки болести за 2025 година се обезбедени вкупно 58 лека за 430 пациенти, меѓу кои и три нови терапии за јувенилен ревматоиден артритис, Фридрајх атаксија и Дравет синдромот. Во регистарот на ретки болести денес се евидентирани повеќе од илјада пациенти, а Министерството останува целосно посветено на унапредување на системот за нивна дијагностика, третман и рехабилитација“, истакна на прес-конференцијата министерот Алиу.
Најави дека во следниот период Министерството ќе работи на неколку приоритети, меѓу кои процена и анализа на достапната опрема за дијагностика на ретките болести во јавните и приватните здравствени установи, ажурирање на листата на лаборатории во кои се изведуваат биохемиски и генетски тестови, со посебен фокус на континуирана едукација на докторите, особено на лекарите по семејна медицина и на специјалистите за навремено препознавање, дијагностика и превенција на ретките болести, како и воспоставување јасна патека за движење на пациентите на примарно, секундарно и терциерно ниво во согласност со медицина базирана на докази и европските протоколи.
„До Владата веќе е доставена националната стратегија за ретки болести, која очекуваме да биде усвоена до крајот на годината. Таа стратегија ќе биде основен документ за подобрување на квалитетот на животот на лицата со ретки болести, и тоа не само преку терапија, туку и преку психосоцијална поддршка, рехабилитација и инклузија. Наша заедничка заложба како систем, како професионалци и како општество, е да обезбедиме навремена дијагностика, современ третман и достоинствен живот за секој пациент“, истакна Алиу.

