Свет
Свински грип – Светот брза да избегне пандемија и хистерија
Владите во светот брзаат во преземањето мерки да спречат пандемија на свински грип, но и глобална хистерија, во време кога случаи на оваа болест
Владите во светот брзаат во преземањето мерки да спречат пандемија на свински грип, но и глобална хистерија, во време кога случаи на оваа болест се појавуваат од Нов Зеланд до Европа.
Засега нема глобална пандемија, оценуваат експертите.
Не е јасно колку луѓе имаат мутиран вид на вирусот свински грип и зошто во сите земји, освен Мексико, има полесни случаи на заболени.
Исто така не е јасно дали новиот вирус е високо заразен.
Експертите, сепак, предупредуваат дека ќе биде предоцна ако во преземањето чекори за заштита се чека да биде прогласена пандемија.
„Ние мислиме дека грипот ќе продолжи да се шири, но преземаме агресивни акции со цел да се намалат ефектите врз здравите лица“, соопшти Ричард Бесер, директорот на Центарот за контрола и превенција на болести од Атланта, главната епидемиолошка установа во САД.
Македонскиот министер за здравство Бујар Османи соопшти во неделата дека засега нема податоци оти вирусот на свинскиот грип се појавил и во Македонија.
Тој најави дека денеска властите ќе ја разгледаат за забрана на увозот на свежо свинско месо во Македонија
Мексико, епицентарот на заразата, соопшти доцна синоќа дека бројот на починати од свинскиот грип се искачил на 103.
„Последните податоци со кои располагаме се за 1,614 случаи, од кои 103 починале“, соопшти мексиканскиот министер за здравство Хозе Анхел Кордоба.
Сите јавни собирања во оваа земја се откажани, а затворени се пазарите, рестораните и кината.
На улиците и во јавниот превоз има малку луѓе, а некои носат маски на лицата.
Светската банка одобри заем на Мексико во износ од 205 милиони долари за борба со свинскиот грип, од кои 25 милиони долари ќе бидат наменети за итна набавка на лекови и медицинска техника за дијагностицирање.
Канада потврди за шест случаи на заболени од свински грип, вклучувајќи ученици кои пролетните празници ги минале во Мексико.
Сличен е случајот и со осум заболени средношколци од Њујорк, од кои дел, исто така, пред две недели биле на одмор во Мексико.
Во САД до неделата вечер се потврдени 20 случаи на свински грип, при што само еден заболен е досега хоспитализиран.
Американските власти прогласија кризна состојба во јавното здравство, но Белата куќа соопшти дека „не е време за паника“.
Шпанија соопшти за три нови случаи на заразени од свински грип, со што вкупниот број во оваа европска земја се искачи на шест лица.
Вниманието на светските влади особено е насочено кон патниците. Кина, Русија, Тајван и Боливија планираат да ги стават во карантин патниците кои доаѓаат од подрачјата зафатени од свинскиот грип, доколку лицата имаат такви симптоми.
Италија, Полска и Венецуела ги советуваа своите граѓани да ги одложат патувањата во зафатените делови во Мексико и САД./крај/ег/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бундесбанк: Германската финансиска стабилност е во опасност
Германската централна банка е загрижена за зголемувањето на нивото на долг во Европа и заканата што произлегува од тоа за германската финансиска стабилност.
Високите коефициенти на јавен долг и БДП во Европа, со тренд на зголемување, претставуваат ризик, смета Бундесбанк, додавајќи дека повисоките јавни трошоци и товарот на каматата ја поткопуваат одржливоста на долгот на поединечните земји.
„Германскиот финансиски систем е длабоко интегриран во европскиот, а со оглед на клучната врска помеѓу државата и банките, ова би можело да претставува значителен ризик за неговата стабилност“, објаснува членот на извршниот одбор на Бундесбанк, Михаел Теурер.
„Германските фискални регулативи неодамна беа изменети и не гарантираат долгорочна одржливост или усогласеност со фискалните регулативи на ЕУ, што може да бара прилагодувања на фискалната политика на среден рок“, додаде претставникот на Бундесбанк.
Меѓу ризиците, централната банка го издвои и ризикот за квалитетот на портфолијата на германските банки во претерано неизвесна средина.
Обемот на нефункционални кредити расте веќе некое време, главно поради проблеми во секторот за комерцијални недвижности. Банките сè повеќе мора да прават прилагодувања на вредноста на нивните кредитни портфолија, иако велат дека неотплатените кредитни обврски сè уште се „во рамките на управлива рамка“.
Проценката на Бундесбанк за влошување на макрофинансиското опкружување оваа година е поткрепена и од трговската и од економската неизвесност и од постојаните геополитички тензии.
Свет
Шефот на ОН ги критикува светските лидери: Милијарди се трошат за заведување на јавноста за климата
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги критикуваше светските лидери за нивниот неуспех да го ограничат затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови.
Научниците потврдија дека светот ќе ја надмине границата од 1,5 степени Целзиусови околу 2030 година, што би можело да доведе до неповратни последици.
„Премногу корпорации остваруваат рекордни профити од климатското уништување, додека милијарди се трошат за лобирање, заведување на јавноста и попречување на напредокот“, рече Гутереш во својот говор.
„Премногу лидери остануваат заробеници на овие лични интереси.“
Земјите низ целиот свет трошат околу 1 трилион долари секоја година за фосилни горива. Лидерите имаат два јасни избори, рече Гутереш: „Можеме да избереме да водиме или да бидеме водени во пропаст.“
Конференцијата COP30 одбележува три децении разговори за глобалната клима. Во тој период, земјите делумно ги намалија проектираните зголемувања на емисиите, но не доволно за да го спречат она што научниците го нарекуваат екстремно глобално затоплување во следните неколку децении.
Светската метеоролошка организација (WMO) во извештајот наведува дека оваа година веројатно ќе биде втора или трета најтопла година досега, со просечни температури во август, по рекордните топлотни бранови во 2023 и 2024 година, 1,42 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа.
Свет
Руски војник осуден на доживотен затвор за убиство на украински воен заробеник
Украински суд денес осуди руски војник на доживотен затвор за убиство на украински воен заробеник, прв таков случај од почетокот на руската инвазија на Украина.
Суд во југоисточниот град Запорожје го прогласи Дмитриј Курашов (27) за виновен за убиството на Виталиј Ходниук, украински војник кој се предаде на руските сили во јануари 2024 година.
Курашов, кој беше заробен од украинските сили заедно со други руски војници кратко по инцидентот, се изјасни за виновен на суд, иако подоцна им рече на новинарите дека е невин и сака да биде вклучен во размена на заробеници.
Неговата казна има симболично значење за Украина, која вели дека руските сили егзекутирале голем број украински воени заробеници, но осомничените обично се надвор од дофатот на украинската правда. Русија негира дека нејзините војници вршат воени злосторства.
Нападот во кој е убиен Ходниук се случил на 6 јануари 2024 година. Според обвинителите и сведоците, Ходниук се предал невооружен, клекнал, а Курашов го застрелал со митралез. Курашов тврди дека истрелите биле испукани од воен лекар по име „Седој“, кој подоцна починал. Рускиот напад бил краток.
фото: принтскрин

