Македонија
Дебата: Високото образование – мозаик од прогрес и назадување
Македонското високо образование е мозаик во кој имаме и прогрес и назадување, но и напредок и дисконтинуитет, како и зголемен квалитет наспроти квалитет, но и непочитување на постојната правна рамка, беше заклучено на дебатата „Високообразовните политики во регионот – експеримент или стратегија“.
Македонското високо образование е мозаик во кој имаме и прогрес и назадување, но и напредок и дисконтинуитет, како и зголемен квалитет наспроти квалитет, но и непочитување на постојната правна рамка, беше заклучено на дебатата „Високообразовните политики во регионот – експеримент или стратегија“ во организација на Советот за глобална соработка. Според првиот човек на овој Совет, Трифун Костовски, во високото образование во Македонија постои тренд на зголемување на квантитетот за сметка на квалитетот, што резултира со дипломи со значење на парче хартија што не може да резултира со прогрес. „Од една страна имаме експанзија на високообразовни установи, зголемување на бројот на студенти во Македонија, но од друга страна квалитетот на студирањето во целина е драстично опаднат. Инсистирањето само на квантитет по секоја цена е привидно зголемена достапност на високото образование и не смее да се врши на сметка на девалвирање на самата наобразба на академските граѓани. Ако ја гледаме само формата и дипломата како парче хартија, нема ништо да добиеме, ниту како поединци, ниту како држава“, вели Костовски. Недостатокот на визија, според д-р Емилија Симоска, професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, е главниот проблем со кој се соочува високото образование. Нудењето на исти решенија за различни проблеми, според неа, не е ништо повеќе, туку експеримент. „Развојот на нашето образование, поради талкање од едни решенија до други, ако го погледнеме, нема постојана нагорна линија. Нема вистински тренд. Повеќе наликува на еден мозаик во кој што имаме и прогрес и назадување, и напредок и дисконтинуитет. Немаме вистински модел. Наместо веќе да се занимаваме со квалитетот на образованието, со курикулиумите, со новите извори и методи на освојување на знаењето, ние по толку години како држава и како општество не можеме да кажеме што е она што всушност го сакаме во високото образование.“, вели професор Симоска. Проблемите во високото образование, поранешниот министер за образование и наука, Сулејман Рушити ги гледа во непочитувањето на законската регулатива што Македонија ја има во овој домен. Смета дека квалитетот на високото образование треба да се гледа и низ призмата на квалитетот на основното и средното образование. „Формално правно во Македонија постојат сите законски решенија кои би требало да придонесат за подобрување на квалитетот на високото образование. Но проблемот е имплементација на истите, проблемот е и, на некој начин, непочитувањето на истите решенија“, вели екс-министерот Рушити. Слично размислување има и д-р Жига Турк, професор на Факултетот за градежно и геодетско инженерство на универзитетот во Љубљана. Смета дека внимание треба да се посвети како на високообразовните програми, така и на предуниверзитетското образование. Смета дека, покрај во квалитетот и квантитетот на образованието, треба да се вложува и во човечкиот квалитет и талент. „Човечкиот талент е клучниот економски ресурс и земјите мора да ги фокусираат своите политики да го развијат овој талент, да го одржат и верувам дека тоа е предизвик за земји како Македонија и Словенија каде што нивото на плати е генерално е ниско“, вели професорот Турк. Говорејќи за грчкото искуство во имплементацијата на европските искуства во образовниот систем, д-р Јули Пападиамантаки, предавач по Европски образовни политики на Универзитетот во Пелопонез, рече дека тешко оди нивното прифаќање, но и дека со најавената темелна реформа од страна на премиерот Јоргос Папандреу, ќе дојде до поголема интернационализација на образовните програми. „Не е многу тешко да се прифати европската стратегија. Понекогаш мислиме дека работите се многу тешки и далечни од она што е во нашите верувања, но тие не се и можат да функционираат. Но мора да почекате тоа да биде прифатено на политичко и институционално ниво, но и на индивидуално ниво. На пример, требаше време да се убедат грчките професори да ги одржуваат своите предавања на странски јазици“, рече професорката Пападиамантаки. Учесниците на дебата заклучија дека инвестирањето во реформите е единствениот пат кон подобрување на квалитетот на високото образование. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Снег и заладување низ земјава, од следната седмица утрински температури под -10
Утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер (над 60км/ч.). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе бидат само од снег.
Пообилни врнежи ќе има во западните делови, при што висината на снежната покривка на планините ќе се зголеми за 20, а во останатите места од 5 до 10 сантиметри. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица наместа утринските температури ќе се спуштат и под -10 степени, а дневните ќе се задржат под нулата.
Во Скопје, утре претпладне ќе има повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе бидат само од снег. Локални врнежи од снег ќе има и во недела, кога ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
(Видео) Филипче: Техничката влада е единствената гаранција за чесни избори
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со медиумите уште еднаш порача дека средба со криминалци нема да има и дека техничката влада мора да остане, затоа што, таа е последната линија на одбрана од целосно заробување и злоупотреба на најважното, а тоа е слободната волја на граѓаните за време на изборниот процес.
Филипче нагласи дека на Мицкоски „му се брза“ и дека „се бара алиби за распишување избори, не му треба дијалог, туку покритие.“
Во аргументацијата зошто техничката влада мора да остане, Филипче посочи дека таа може да се укине „само тогаш кога ние би биле зрело општество, а ние тоа сега во овој момент не сме.“
Причината, е што „оваа власт агресивно ги стави канџите на сите институции и ги злоупотребува во свои политички цели.“
„Не смее да се укине техничката влада, затоа што е тоа само светлина, единствена можност за честни и фер избори. Тие не ја сакаат техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите злоупотреби и во целиот коруптивен систем. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа за оваа власт ќе значи отворање на пандорината кутија.“ рече Филипче.
Претседателот на СДСМ Филипче наведе дека се гледа „окупирање на правосудниот систем“ и дека „воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет и се носат измени на кривичниот закон кои што одговараат само на власта“, нагласувајќи дека „тоа не се прави случајно, се прави за да се заштити криминалот и корупцијата.“
Како дополнителен аргумент за потребата од техничка влада, Филипче посочи и конкретни примери.
„Во земјоделството видовме што се случи со ИПАРД 3, директор кој е поставен од ВМРО беше уапсен за корупција и проневера на европските пари. Тоа е една причина зошто мора да има техничка влада.“
Тој предупреди и на опасностите од партизација и злоупотреба на полицијата.
„Се носат резолуции со кои што практично се укинува слободата на говорот на опозицијата“ и дека „со Законот за полиција се оди кон целосна партизација на МВР“, при што „секој разговор за укинување на техничката влада не е само неодговорен, туку и опасен по демократијата и процесите во земјата.“
Филипче потенцираше дека „само техничка влада, која има присуство на опозицијата во владата, може да гарантира фер и демократски изборен циклус“ и дека е потребна и како институционална рамнотежа: „Техничката влада ќе гарантира некаков институционален баланс.“
Во делот за дигиталниот надзор, Филипче предупреди на ризиците од нерегулираните системи.
„Легализација на масовен надзор, преку системот Safe City, со 65 илјади камери, овозможува дигитален надзор на движењата на граѓаните“, и нагласи дека „технички министер за внатрешни работи од опозицијата е гаранција дека овој систем нема да се злоупотреби“ за следење на граѓаните или опозицијата за време на кампањата.
СДСМ останува на ставот дека техничката влада е неопходна како последна институционална брана за демократски избори и заштита од злоупотреба на државните институции, затоа што, како што порача Филипче, таа не е само „техничко тело“, туку „институционално вето против воспоставување на авторитарен режим.“
Македонија
Во тек е исплатата на посебен додаток, туѓа нега и попреченост
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека во тек е исплатата на следните социјални права: посебен додаток, парична помош за попреченост и туѓа нега за месец декември 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство. Истите, денеска можат да ги подигнат средствата во сите отворени филијали и експозитури на банките.

