Македонија
Иванов ги прими акредитивните писма на четворицата нови амбасадори во земјава
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во четвртокот ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Полска, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Народна Република Кина и Република Албанија.
Во своето поздравно обраќање Иванов се заблагодари за досегашната поддршка од Република Полска на планот на европските и евроатланските интеграциите и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во наредниот, за нас исклучително важен период.
„Република Македонија бара еднаков и фер третман од земјите-членки на ЕУ, односно очекуваме позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на билатералните прашања да биде применет и во нашиот случај”, порача претседателот Иванов.
Новиот амбасадор на Република Полска го реафирмираше интересот за развој на економската соработка и изрази уверување дека негова главна цел ќе биде интензивирање на односите во сите области.
„Мојата земја активно ја застапува политиката на проширување. Република Македонија може да смета на полската поддршка во ЕУ и евроатланскиот интеграцискиот процес”, порача амбасадорот Мултановски.
На предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Чарлс Едмонд Гарет, претседателот Иванов изрази очекување за натамошно интензивирање на соработката и поддршка на патот кон ЕУ и НАТО, а новоименуваниот британски амбасадор ја потврди поддршката од Обединетото Кралство за македонските аспирации за приклучување кон ЕУ и НАТО.
„Би сакал да ја видам Република Македонија во рамки на евро-атлантското семејство на народи. Посветеноста на Република Македонија и придонесот кон одржувањето на меѓународната безбедност и градење на мирот е добро позната. Ја користам оваа прилика да ја искажам почитта кон придонесот на Македонија во операциите предводени од НАТО, ЕУ и ООН и вашата амбиција да продолжите со тој придонес”, истакна во обраќањето амбасадорот Гарет.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина, Вен Џеншун, двајцата соговорници изразија подготвеноста за активна и блиска соработка и натамошно унапредување на пријателските односи.
Новиот кинески амбасадор го поздрави постигнатиот напредок во Република Македонија и позитивната улога во промовирање на регионалната стабилност и соработка.
Со новиот амбасадор на Република Албанија, Петрит Бушати, двајцата соговорници го потврдија интересот за натамошно развивање на добрососедството, билатералната соработка и остварување на заедничката стратешка определба – членството во ЕУ.
„Албанија е подготвена да го подржи членството на Република Македонија во НАТО, верувајќи дека тоа ќе придонесе за зголемување на стабилноста и мирот во регионот”, истакна амбасадорот Бушати во обраќањето по повод предавањето на акредитивните писма. /крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

