Свет
Во Истанбул продолжуваат преговорите помеѓу Иран и „шестката“
Денеска во најголемиот град во Турција продолжуваат дводневниот редовен состанок на претставници на Иран и шесте меѓународни посредници за решавање на иранската нуклеарна програма (Русија, Кина, САД, Франција, Велика Британија и Германија), кој се одржува во Турција.Како што извести иранската новинска агенција IRNA која се повикува на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, вчерашниот почеток на средбата во Истанбул била одржана во пријателска атмосфера, којашто им дозволила на сите страни да ја потврдат својата позиција утврдена на претходната средба во декември во Женева. На разговорите учествуваат: од страна на Европската унија, Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика, Катрин Ештон, замениците министри за надворешни работи на државите од „шестката“ а иранската делегација е предводена од секретарот на Врховниот совет за национална безбедност, Саид Џалили. Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон ги вчера потврди заложбите за продолжување на преговорите „за да се изнајдат заемно прифатливи решенија“, се наведува меѓу другото во информацијата на иранската новинска агенција. Претходниот круг од разговорите за иранското нуклеарно прашање, што се одржаа по едногодишна пауза во процесот на преговори меѓу иранскиот страна и „шестката“, заврши на 7-ми декември 2010 г. во Женева. Средбата резултираше со согласноста на Иран да се одржи уште една средба во Турција за да се разгледаат прашањата поврзани не само за нуклеарната програма на Техеран, туку и за изнаоѓање начини за поблиска соработка на меѓународен план и покрај тоа што иранската страна тврдоглаво продолжува да одбива да разговара само за иранската нуклеарна програма, сметајќи го тоа за нивно неотуѓиво право. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој во четвртокот во Истанбул присуствуваше на состанокот на турско-рускиот комитет за соработка на највисоко ниво, изјави дека нуклеарната програма на Иран не треба да биде единствената точка на дневниот ред на оваа средба. Според Лавров, во Истанбул треба да се разговара и за други прашања, вклучувајќи ја и можноста за укинување на санкциите доколку Иран поефикасно соработува со Меѓународната агенција за нуклеарна енергија – МААЕ, за темите од областа на економската соработка и заемните настапи на регионално ниво. „Шестката “ во 2003 г. заедно со МААЕ побара од Иран да го суспендира збогатувањето на ураниумот, што може да претставува закана за нераспространувањето на нуклеарното оружје. Разговорите беа прекинати во 2009 г., кога Одборот на гувернери на МААЕ го осуди Иран за изградба на втората фабрика за збогатување на ураниум и го повика Техеран да докаже дека „нема донесено решение за изградба на други нуклеарни објекти, кои не се пријавени до Агенцијата.“ САД и другите западни земји го обвинуваат Иран дека развива нуклеарно оружје под маската на цивилна програма за нуклеарна енергија. Техеран ги негира обвиненијата, велејќи дека неговата нуклеарна програма е насочена кон исполнување на потребите за електрична енергија на земјата, како и за медицински цели. Советот за безбедност на ОН во јуни 2010 г. донесе уште една резолуција, која предвидува построги санкции против Иран. Ова е четврта резолуција усвоена од страна на Советот за безбедност на ОН како одговор на неподготвеност на Техеран за усогласување со меѓународните барања и давањето одговор на прашањата за иранската нуклеарна програма, вклучувајќи го и тоа за наводната воена компонента на програмата. /крај/рн/макфакс/сн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Странски турист испадна од кабина на жичницата на планината Дурмитор во Црна Гора
Еден странски турист загина, а тројца се спасени во несреќа на жичницата на планината Дурмитор во Црна Гора. Тамошните медиуми објавија дека двајца германски државјани испаднале од својата кабина, од кои еден починал, додека неговата сопруга е тешко повредена.
По неколкучасовниот прекин на работата на жичницата поради несреќата, спасени се тројца странски туристи кои беа заглавени на стрмниот и непристапен дел на скијалиштето на Дурмитор. Тие беа заглавени во горниот дел на жичницата, каде што температурите се пониски.
Црногорските медиуми објавија дека несреќата се случила откако жичницата поради дефект тргнала наназад, при што двајцата Германци испаднале од кабината.
Свет
Поради зимата во Газа умираат бебиња и деца, повик до Израел да дозволи помош
Организацијата „Лекари без граници“ (Médecins Sans Frontières – MSF) вчера предупреди дека бебиња и деца во Појасот Газа умираат од студ поради тешките зимски услови и го повика Израел да ја ублажи блокадата на хуманитарната помош, додека, како што наведуваат, воените дејствија продолжуваат и покрај примирјето.
МСФ соопшти дека во јужниот дел на Газа, во Кан Јунис, од тешка хипотермија починало прерано родено бебе на 29 дена, истакнувајќи дека зимата во комбинација со исклучително лошите животни услови значително ги зголемува здравствените ризици, пренесе Ал Џезира.
Според податоците на Министерството за здравство на Газа, бројот на смртни случаи поради екстремните временски услови достигнал 13, додека претходно оваа недела од студ починало и двонеделно бебе поради недостаиг на соодветно засолниште и облека.
Шефот на педијатриско-акушерското одделение во Медицинскиот комплекс „Насер“ Ахмед ал-Фара предупреди дека хипотермијата е исклучително опасна за новороденчињата и дека доколку на семејствата во шаторите не им се обезбедат средства за греење и соодветно сместување, бројот на смртни случаи ќе расте.
МСФ наведува дека бележи висок пораст на респираторни инфекции, кои во текот на зимата би можеле дополнително да се шират, особено загрозувајќи ги децата под пет години.
Во последните недели Газа се соочува со обилни врнежи, силни ветрови и ниски температури, при што повеќе од 53.000 шатори, кои служат како привремено сместување за раселените лица, се оштетени или уништени.
Поради уништената инфраструктура, улиците брзо се поплавуваат, а канализацијата се излева, додека семејствата се принудени да се засолнат во делумно урнати објекти.
Обединетите нации наведуваат дека Израел и натаму спречува испорака на шатори, ќебиња и други основни потреби, додека околу 55.000 семејства претрпеле штета за време на невреме, а оштетени се и просторите наменети за деца, што погодило околу 30.000 деца.
Организацијата „Refugees International“ оцени дека хуманитарната помош во Газа пристигнува во минимални количини, делумно поради списокот на „контролирани предмети“, кој, според наводите, вклучува и основни потреби како пелени, завои и шатори.
Свет
Брз патнички воз уби седум слонови на пруга во Индија
Седум диви азиски слонови загинаа, а еден мал е повреден кога брз патнички воз се судрил со крдо кое ја преминувало пругата во североисточната индиска сојузна држава Асам, соопштија локалните власти.
Машиновозачот забележал крдо од околу 100 слонови и ги употребил сопирачките за итни случаи, но возот сепак удрил во дел од животните, изјави портпаролот на Индиските железници, Капинџал Кишор Шарма.
Пет вагони и локомотивата излетале од шините по сударот, но немало човечки жртви.
Ветеринари извршиле обдукција на угинатите слонови, кои дополнително треба да бидат погребани.
Местото на несреќата е шумско подрачје на околу 125 километри југоисточно од главниот град на Асам, Гвахати.
Возот „Раџдани експрес“, кој сообраќал од Саиранг во државата Мизорам која се граничи со Мјанмар, бил на пат кон главниот град Њу Делхи со 650 патници кога удрил во слоновите.
Сударите на возови и диви слонови не се ретки во Асам, каде што живеат околу 7.000 диви азиски слонови, што претставува една од најголемите концентрации во Индија. Од 2020 година, најмалку десетина слонови биле убиени на овој начин.

