Македонија
Даночно ослободување на фирмите кои ќе инвестираат во спортските клубови

Од позиција на партиски лидер, како партија за која тој смета дека најмногу вложила во спортот, поранешниот премиер и челник на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски најави во понеделникот дека со измена на закон ќе предложи да се прецизира финансирањето на клуб, при што средствата би биле одбиени од фирмите при плаќање на данокот на добивка, но, како што рече, по утврдени правила.
Компанија која има добивка од милион евра и за тоа треба да плати данок на добивка, доколку инвестира 200 илјади евра во некој спортски клуб или федерација, за истиот износ би била ослободена од плаќање данок на добивка кон државата.
„Доколку инвестира уште 100 илјади евра, за тие 100 илјади евра ќе биде ослободена од 50 илјади евра данок на добивка. Значи фирмите ќе може наместо на државата да инвестираат во клубовите, спортистите и федерациите доколку самите така одлучат“, рече Груевски.
Притоа, партискиот лидер најавува внимателен државен надзор над користење на парите, со цел, како што рече, да не се спречи нивна злоупотреба./крај/мф/љс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Бехтел и Енка“ на средба со градежната индустрија за коридорите

На 29 април 2025 година, во кампот на Бехтел ЕНКА во Гостивар, се одржа значајна средба помеѓу менаџментот на компанијата и домашните компании членки на Здружението на градежнишво при Стопанската комора на Северна Македонија.
Овој настан, организиран во рамки на соработката помеѓу Бехтел ЕНКА и Стопанската комора, имаше за цел да ја продлабочи соработката и да овозможи поголема вклученост на домашните градежни компании во реализацијата на Коридорите 8 и 10д – два од најзначајните инфраструктурни проекти во земјата и поширокиот регион.
Џош Бејкер, проектен менаџер во Бехтел ЕНКА, изрази благодарност за конструктивната соработка со Комората и за силниот интерес од домашните компании. Тој истакна дека моментално околу 60% од снабдувачите на проектот се локални, како и повеќе од 90% од подизведувачите, со цел дополнително да се зголеми ова учество.
„Со нетрпение очекуваме да изградиме длабоки и соработувачки партнерства со талентирани домашни компании и да работиме заедно за постигнување на највисоки стандарди за безбедност и квалитет,“ изјави Бејкер.
Тој додаде дека и покрај почетните доцнења поради експропријација, градежните активности на делниците Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола напредуваат стабилно, а делницата Тетово–Гостивар е во фаза на засилено активирање.
„Повеќе од 35 години, Бехтел ЕНКА успешно реализира автопатски проекти низ Балканот, благодарение на силната соработка меѓу нашите директно вработени тимови и подизведувачите, од кои поголемиот дел се од локалниот пазар во кој работиме. Овој модел на партнерство – изграден врз тимска работа, взаемно учење и заедничка посветеност – е клучот за нашиот успех. И на нашиот тековен проект го продолжуваме овој пристап, и веќе гледаме ветувачки резултати во областите каде што сме вклучиле подизведувачи. Во Бехтел ЕНКА, ние не ги доделуваме обврските и потоа се повлекуваме; работиме рамо до рамо со нашите подизведувачи за да обезбедиме безбедност, квалитет и навремена испорака. Ова обединето залагање е суштинско за постигнување на највисоките стандарди низ целиот проект“, истакна Џанберк Атила, заменик раководител на проект – менаџер за изградба и терен.
Крис Хинспетер, бизнис менаџер на проектот, додаде дека Бехтел ЕНКА е посветена на транспарентност во процесите за набавка и подизведување. „Сакаме овој процес да биде отворен и достапен. Колку повеќе локални компании се приклучат, толку посилен ќе биде проектот,“ изјави тој.
Техничките менаџери Озкан Доган (подизведување), Хакан Билај (земјени работи), Фатих Курт (структури) и Чаглар Кандемир (карпи и постројки) ги презентираа процедурите и можностите за регистрација и квалификација на домашните компании, охрабрувајќи ги активно да аплицираат за наредните можности.
Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска одговорна во Комората за инфраструктура и економски развој ја истакна подготвеноста и капацитетот на македонските компании во вклучување на овие значајни инфраструктурни проекти: „Нашите компании имаат децении искуство, и дома и во странство. Веруваме во заеднички настап – обединување на домашната експертиза со меѓународни стандарди.“
Стопанската комора на Северна Македонија ја потврди својата поддршка за своите членки и ги повика сите заинтересирани компании да ги контактираат за помош и ресурси поврзани со ангажманот на проектот.
Економија
„Алкалоид“ трета година по ред е апсолутен победник – најпосакуван работодавач за 2024 година

„Алкалоид АД Скопје“ е прогласен за апсолутен победник во категоријата најпосакуван работодавач за 2024 година, трета година по ред, според анкетата спроведена од веб-порталот „Вработување.ком“.
На манифестацијата организирана од „Вработување.ком“, беа доделени награди за компании во повеќе категории, врз основа на анкетен прашалник спроведен на национално ниво во текот на 2024 година.
„Ова признание претставува особена чест за нас и уште една потврда за нашата посветеност на негувањето на основните компаниски вредности – да креираме работна средина која ги поврзува сите: од вработените до образовните институции и заедницата во која живееме и работиме. Во основата на сето тоа се високите професионални стандарди, кои ја обликуваат корпоративната култура на нашата компанија. Нашите вработени со своето знаење и посветеност се движечката сила на секој наш успех“, велат од компанијата.
Од „Алкалоид“ додаваат дека остануваат посветени на грижата за вработените, како и на нивниот раст и кариерен развој, бидејќи веруваат дека луѓето се најценетиот капитал на нивната компанија.
„Низ визија, иновација и поддршка продолжуваме да одржуваме највисоки етички и професионални норми и работна средина која и натаму ќе претставува најпосакуван избор на компанија за вработување на младите луѓе“, додаваат од „Алкалоид“.
(ПР)
Економија
Трипуновски: Преку Јавниот повик за Мерката 112 ги вклучуваме младите во секторот земјоделство

Во изминатите денови се распиша Јавен повик бр.02/2025 за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за 2025 година.
Овој Јавен повик се однесува за Мерката 112 – „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“.
Трипуновски информираше дека јавниот повик е наменет за млади земјоделци на возраст од 18 до 40 години, кои што
• за првпат започнуваат со земјоделска активност;
• преземаат постоечко или воспоставуваат ново земјоделско стопанство;
• и се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во последните 18 месеци.
Максималната финансиска поддршка по корисник за Мерка 112 изнесува 600.000 денари, односно 100% од направените трошоци.
Овие предвидени средства ќе се доделуваат за период на реализација на деловниот план и ќе се исплаќаат на годишно ниво но најмногу на три рати. Дополнително предвидена е и 40% авансна исплата на предметната инвестиција.
Крајниот рок за доставување на барањата е 09.05.2025 година
„Би сакал да напоменам дека за аплицирање на Јавниот повик за Мерката 112 се олеснети процедурите околу исполнувањето на критериумите, со кои што излегуваме во пресрет на секој еден млад кој што сака да влезе во земјоделскиот процес. Исто така ги охрабрувам да аплицираат за оваа мерка.
Целта на Министерството и на Владата е активирање на младите во земјоделскиот сектор преку низа на мерки. Токму Мерката 112 е една од низата која што ќе им помогне на младите да се активираат и да влезат во земјоделското производство.
Овој Јавен повик е само еден стимул на нашите млади да влезат секторот земјоделство и истите да продолжат да го движат процесот во производството на квалитетна храна.
Новата енергија во земјоделството е потребна за да се зголеми производството на храна, со што ќе станеме земја која што ќе извезува квалитетни земјоделски производи и по тоа ќе станеме и понатаму препознатливи.
Министерството ќе продолжи да работи на сет на мерки кои што ќе ги анимираат младите да се вклучат во процесот на производство на квалитетни земјоделски производи.
Заедно работиме да го вратиме македонското земјоделство и повторно да биде едно од најзначајните гранки“, рече Трипуновски.