Македонија
Груевски: Владата ќе биде отворена за соработка со новинарите
Премиерот Никола Груевски го поздрави договорот за декриминализација на клеветата што во средата го постигнаа Здружението на новинарите и Владата.
Тој во писмениот став до медиумите му се заблагодарува на ЗНМ за конструктивниот и одговорен пристап, но и на Европската комисија за својот пристап и сугестии и поддршка на процесот.
„Во овој договор, колку и некој да сака несовесно да го проблематизира, се внесени најдобрите практики од земјите во регионот, а како база се користени и најдобрите меѓународни практики, како и советите на специјалните советници од Советот на Европа. Оттука, треба да сме охрабрени и горди на постигнувањето на еден ваков значаен договор, кој јас го гледам само како едно ново светло врз позитивните процеси во државата, не само на домашен туку и на меѓународен план, посебно по серијата на полемики кои се појавија во врска со слободата на медиумите, и ова треба да не мотивира дополнително за да продолжиме понатаму. Дијалогот секако мора да продолжи и за сите останати прашања кои ги засегаат новинарите, и ние како и досега сме отворени и подготвени за тоа“ стои во писмениот став на премиерот.
Во својот став тој се осврнува и на одлуката за одземање на дозволата за работа на телевизијата А2, која ја донесе Советот за радиодифузија
„Разбирајќи ги чувствата на лицата кои досега функционирале во телевизијата, и свесен за обврската на членовите на Советот за радиодифузија за дословно почитување на законските норми, би истакнал дека законските одредби треба да се почитуваат од секого, без исклучок, и без внимание на било каква припадност, без разлика во сферата или пак дејноста на која се однесуваат, а телата кои одлучуваат за почитувањето на законот тоа треба да го прават врз основа на правни и законски аргументи, и тоа секако да го прават неселективно и врз основа на закон и принципи“ се вели во писмената изјава на Груевски.
Тој апелира до засегнатите страни да не се обидуваат со политизација и свесно погрешно толкување да се руши имиџот на државата и да ги искористат сите правни мерки и механизми и да ги презентираат сопствените ставови пред надлежните институции низ соодветната законска процедура и предвидените прописи.
„Сакам јасно и недвосмислено да потенцирам дека Владата на Република Македонија и во идниот период ќе биде отворена за соработка со претставниците на новинарската фела, со Здружението на новинари на Македонија, со синдикатите, и со сите новинари, во насока на подобрување и унапредување на процесите кои ќе значат подобри услови за вршење на дејност, изразување и работа. Посветени сме да ги ислушаме сите предлози за нов квалитет во сферата, и тоа во сите области од интерес на новинарите во врска со правата од работен однос, можностите и ресурсите за работа, и останати прашања кои би биле истакнати“ се вели во соопштението./крај/со/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Молдавија, Емил Жакота
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Молдавија, Емил Жакота, кому му посака успешно извршување на значајната дипломатска мисија.
Триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, според нив, сведочи за долг период на меѓусебно пријателство, што во иднина треба да се збогати со поширока соработка во повеќе области, пред сѐ во економијата, за што е потребна соодветна правна рамка.
За обајцата, иднината на двете држави, коишто споделуваат исти демократски вредности е во европското семејство, кадешто припаѓаат географски, културно и историски.
Заедничките аспирации за интегрирање во ЕУ, според Сиљановска-Давкова, се основа за натамошно интензивирање на политичките односи, укажувајќи дека проширувањето е незапирлив процес којшто ќе донесе траен мир, стабилност и просперитет во регионот, Европа и пошироко. Таа го поздрави напредокот на Молдавија во евроинтеграцискиот процес и изрази подготвеност за споделување на македонското искуство.
Амбасадорот се заложи за унапредување на политичката, економската и културната соработка.
Тој изрази уверување дека Меморандумот за соработка во областа на европската интеграција, потпишан во Кишињев минатата година овозможува Молдавија да ја користи македонската експертиза во поглед на европските фондови, јакнењето на институционалните капацитети и усогласувањето со европското законодавство.
Сиљановска-Давкова упати покана до молдавската претседателка Маја Санду за официјална посета на државата.
Македонија
Град Скопје издаде препораки за загадениот воздух и најави засилени инспекции
Град Скопје објави препораки поради загадениот воздух и најави засилени инспекциски контроли на сите постројки што поседуваат елаборати за заштита на животната средина или Б-интегрирани еколошки дозволи.
„Ве известуваме дека Секторот за заштита на животната средина како надлежен сектор во врска со предлагањето мерки и активности за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, во согласност со со акциските планови за воздух, а во пресрет на зимската сезона и на очекуваните епизоди со зголемено загадување на воздухот, ги предлага следниве препораки:
Редовно чистење на оџаците во домовите и одржување на грејните тела; за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ-амбалажа, гуми или каков било синтетички материјал; да се користи суво и чисто дрво за затоплување, без примеси од земја и отпадоци; печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот и редовен сервис на котлите, печките и на клима-уредите за ефикасно согорување и помалку емисии на штетни материи“, се наведува во соопштението.
Град Скопје ги известува граѓаните дека во периодот што е пред нас ќе следуваат засилени инспекциски контроли на сите постројки што поседуваат елаборати за заштита на животната средина или Б-интегрирани еколошки дозволи, а особено внимание ќе се посвети на откривање и спречување на спалувањето отпад.
Македонија
Јанева: Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници, ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште
Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници за да бидат на дното на табелите од меѓународните тестирања. Затоа ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште, и тоа ќе се искористи за развивање на знаења и вештини споредливи со оние што ги имаат учениците во Европа. За да ги подготвиме наставниците да преминат од предавачи на факти во водичи и партнери во учењето, ќе посетуваат потребни обуки, меѓу кои и за читање со разбирање, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на Свечената академија по повод 30-годишниот јубилеј на Педагошкиот факултет.
Таа кажа и дека во подготовка се нови концепции за гимназиско и за уметничко образование, по што ќе следат нови наставни програми, нови учебници, нови испитни програми за државна матура, а кога ќе се сумираат искуствата, ќе се донесе нов Закон за средно образование.
„Во високото образование, кое има ниска ефикасност мерена преку проодноста и навременото завршување на студиите, ќе се зајакнат механизмите за обезбедување квалитет согласно европските стандарди, преку унапредување на агенциите за евалуација и за акредитација, а универзитетите треба да се насочат кон подобрување на релевантноста на студиските програми“, рече Јанева.
Таа кажа дека квалитетното образование се темели на добри наставници.
„Можете да имате најдобри наставни програми и најсовремено опремени училници, но ако нема добар наставник што нив ќе ги оживее, нема квалитетно образование. Затоа Педагошкиот факултет има незаменлива улога како образовна институција“, нагласи Јаневска.
Во рамки на факултетот функционираат три институти: за предучилишно образование, за одделенска настава и за библиотекарство, а се реализираат студии од прв, втор и трет степен.
Министерката Јаневска посочи дека за новата реалност обликувана од дигиталната трансформација и технолошките иновации потребни се наставници кои уште во раната детска возраст ќе постават цврсти основи за учење, знање, размислување, социјални и други вештини, што подоцна, низ воспитно-образовниот процес, ќе се развиваат и усовршуваат.
„Реформирајте ги постоечките програми. Одборот за акредитација ќе ве поддржи, а тој за евалуација ќе ви помогне да ги согледате предизвиците. Треба сите сегменти на системот на образование брзо да ги подобруваме, ако сакаме да го подигнеме квалитетот. Треба да ги зајакнеме капацитетите на воспитувачите и одделенските наставниците, а Педагошкиот факултет треба да се вклучи во процесот на нивна обука и професионален развој“, укажа министерката.
На панел дискусијата организирана по повод јубилејот, министерката Јаневска рече дека нашето образование во целина има простор за подобрување, и за таа цел во тек се реформи кои опфаќаат и промена на наставните програми и обуки за наставниците.

