Свет
Колерата се шири во Пакистан

Во Пакистан е потврден еден случај на колера која се пренесува преку водата, а хуманитарните работници очекуваат да има уште многу, соопштија ОН
Откритието дојде во момент кога југот на земјата го пустошат нови поплави. Според портпаролот на ОН, Маурицио Џилиано, еден случај на колера беше потврден во Мингора, главниот град долината Сват на северозапад на земјата. Веќе има сомневања за нови случаи и хуманитарните работници почнале да ги третираат за колера сите оние кои имаат појава на акутна дијареа. Според Светската здравствена организација, колерата е „акутна цревна инфекција, предизвикана од внесување на храна или вода заразени со бактеријата vibrio cholerae. Без соодветно лекување, колерата може да доведе до жестока дехидрација и смрт и спречувањето на епидемиите на колера е врвен приоритет по сите поплави. Кризата во Пакистан започна кон крајот на јули, кога невообичаено силни монсунски дождови ја зафатија земјата од планините на незјиниот северозапад.и до сега од поплавите загинаа 1.500, а се стравува дека со појавата на колерата таа бројка може да биде многу поголема. Според пакистанскиот премиер Јусуф Раза Гилани, до сега од поплавите се засегнати околу 20 милиони луѓе, стотици илјади домови се уништени. Најголемата индустриска гранка на Пакистан, земјоделието е најтешко погодена, со уништени околу 700.000 хектари обработливо земјиште
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Русија: Турција ги одложи преговорите за попладне; Зеленски пристигна во Анкара

Предложените разговори меѓу Русија и Украина во Истанбул се одложени за четврток попладне на иницијатива на турската страна, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Рускиот претседател Владимир Путин предложи директни преговори со Украина во Истанбул во неделата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна денес во турската престолнина Анкара на средба со турскиот шеф на државата, Реџеп Таип Ердоган, а во Истанбул рускиот и украинскиот лидер чекаат одделно да почнат преговорите.
Авионот на украинскиот претседател слета на аеродромот „Есенбога“ во Анкара и е закажана средба со Ердоган напладне.
Зеленски претходно оваа недела изјави дека е подготвен да разговара само со Путин предизвикувајќи го да дојде во Истанбул ако е доволно храбар.
Кремљ одговори дека Русија не се согласува со ултиматуми. Двете страни последен пат имаа директни разговори во март 2022 година, исто така во Истанбул, само неколку недели откако Путин нареди напад врз Украина.
Двете страни се обидуваат да му докажат на американскиот претседател Доналд Трамп дека се сериозни во врска со мировните напори.
Американскиот претседател моментно е на турнеја на Блискиот Исток, а изјави дека ќе дојде во Турција еден ден подоцна „доколку тоа би било соодветно“.
Регион
Конститутивната седница на собранието на Косово одложена 16. пат

Конститутивната седница на собранието на Косово денес беше одложена шеснаесетти пат откога повторно не беше прифатен предлогот на движењето Самоопределување за одржување тајно гласање за избор на претседател на собранието.
55 од присутните 111 пратеници гласаа за формирање комисија, која ќе го надгледува тајното гласање.
Седницата е закажана да продолжи в сабота, 17 мај, во 10.30 часот.
Самоопределување исто така побара тајно гласање за претседател на собранието на последните шест седници, но опозициските Демократската лига на Косово, Демократската партија на Косово и Алијансата за иднината на Косово, како и Српската листа, се против тоа одбивајќи да предложат членови на комисијата за тајно гласање.
Кандидат на Самоопределување за претседател на собранието е сè уште Албуљена Хаџиу, иако во шест обиди за избор таа никогаш не добила повеќе од 57 гласа, а за избор на претседател на собранието се потребни 61 глас.
Поради неможноста за конституирање на собранието, претседателката Вјоса Османи за денес закажа консултации со претседателите на партиите.
Конститутивната седница почна пред 30 дена, на 15 април, а врз основа на резултатите од изборите одржани на 9 февруари ниедна партија нема доволно мандати за самостојно да формира влада.
Самоопределување има 48 мандати, Демократската партија на Косово – 24, Демократската лига на Косово – 20, Алијансата за иднината на Косово и иницијативата „Нисма“ – 8, Српската листа – 9, Партијата за слобода, правда и опстанок – 1, а преостанатите 10 мандати им припаѓаат на претставници на другите немнозински заедници.
Свет
Зеленски: Нивото на составот на руската делегација е декоративно

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна денес во турската престолнина Анкара на средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган додека се очекува руските и украинските претставници да почнат мировни преговори одделно во Истанбул.
По пристигнувањето, Зеленски им рече на новинарите дека Украина ќе одлучи за следните чекори во преговорите со Русија по средбата со турскиот претседател, пренесува „Ројтерс“.
Во таа пригода тој го оцени нивото на состав на руската делегација испратена во Турција на разговори како декоративно.
Украинскиот претседател треба да се сретне со Ердоган во 12 часот, јавува „Ројтерс“.
Зеленски исто така рече дека,. пред сè, сака да му се заблагодари на Ердоган за организирањето на оваа средба, „за можноста за директни разговори во Анкара“.
За денес во Истанбул се закажани преговори меѓу делегациите на Русија и Украина за прекин на огнот за кои не е прецизирано кога ќе почнат, а кои беа организирани по предлог на рускиот претседател Владимир Путин, пренесува „Танјуг“.
Иако во медиумите имаше шпекулации дека можеби Путин лично ќе присуствува на преговорите, тој доцна синоќа објави дека во руската делегација ќе учествуваат помошници и заменик-министри, а ќе ја предводи неговиот помошник Владимир Медински.