Македонија
Прво место за македонските дебатери на турнир во Будимпешта

Македонските дебатери Лазар Поп Иванов и Георги Велковски го освоија првото место на меѓународниот дебатен турнир Будимпешта Опен 2012.
Македонските дебатери Лазар Поп Иванов и Георги Велковски го освоија првото место на меѓународниот дебатен турнир Будимпешта Опен 2012.Домаќини на турнирот, што се одржа викендот на 3 и 4 март, беа дебатните клубови на Central European University и Corvinus University а учество земаа повеќе од 100 учесници од преку 30 земји од светот.Македонската делегација како учесник на овој турнир беше составена од 8 дебатери – членови на Младински образовен форум (МОФ). Распределени во тимови по двајца, Лазар Поп Иванов, Георги Велковски, Стефан Алексиќ, Стефан Ристовски, Катерина Васковска, Анте Гулин, Марија Василевска и Александра Живковиќ дебатираа на форматот Британска парламентарна дебата. По четири прелиминарни рунди во полуфиналето се пробија и два македонски тима. Во аудиториумот на CEU (Central European University) на полуфиналната рунда се сретнаа два од македонските тимови и се натпреваруваа против дебатери од Франција и Германија. Во полуфиналето се дебатираше на тезата „Овој дом би го забранил развојот на лекови за бришење на човековата меморија“. И покрај одличните говори на сите учесници во дебатата само два тима имаа можност да се квалификуваат во финалната рунда. Стефан Алексиќ и Стефан Ристовски го завршија натпреварот со солиден пласман на 3то место на полуфиналната дебата, додека вториот македонски тим и тимот од Франција како победници продолжија во финалната рунда.Финалната дебата се одржа во свечената сала на хотелот “Corinthia”, а тезата на која дебатираа финалистите од Германија, Словенија, Франција и Македонија беше „Овој дом верува дека насилните протести против социо-економска неправда во западните општества се оправдани“. Судискиот панел со одлука од 3 против 2 гласа одлучи дека првото место им припаѓа на нашите дебатери Лазар Поп Иванов и Георги Велковски. македонските студенти-дебатери се надеваат на добар успех и на претстојното Европско првенство кое годинава се одржува во август во Белград. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со дрон најдени и спасени тројца мотоциклисти, кои се изгубиле на планината Осогово

Вчеравечер, во полицијата во Штип, Регионалниот центар за гранични работи Исток пријавил дека тројца мотоциклисти, македонски државјани, пријавиле дека се изгубени на планината Осогово, над селото Саса, општина Македонска Каменица, во близина на државната граница со Република Бугарија. Мотоциклистите побарале помош преку бројот 112.
„Остварен е контакт со лицата и лоцирани се во шумскиот предел на непристапен терен на оддалеченост од 1.000 метри, над манастирот ‘Св. архангел Михаил’ во селото Саса. Со помош на дрон од Регионалниот центар за гранични работи Исток лицата се пронајдени во добра здравствена состојба и донесени се во Македонска Каменица, каде што е утврдено дека се работи за Г. Д. (38) од Скопје, К. Н. (38) од Гевгелија и Д. П. (31) од Скопје“, соопшти МВР.
Мотоциклистите не побарале лекарска помош, туку, по спасувањето, си заминале со мотоциклите.
Македонија
На диво изградил 22 бетонски столба во Гостивар, а градежниот инспектор не го сопрел, двајцата добија кривични пријави

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С. С. (35) од с. Речане, Гостиварско, под сомнение за сторено кривично дело бесправно градење, и против В. Р. (42) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
„Во март 2025 во гостиварска населба, првопријавениот, во својство на сопственик на објект во изградба, изградил 22 бетонски столба, без да поседува соодветна дозвола издадена од надлежен орган. А второпријавениот, овластен градежен инспектор при Општина Гостивар, по доставена пријава од МВР поради сомнение за сторено кривично дело, не излегол на терен и не извршил увид на градбата“, соопшти МВР.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава и против А. Е. (44) од Гостивар за бесправно градење оти во текот на февруари 2025 година во населба во Гостивар, на парцела сопственост на друго лице, изградил приземје и кат без одобрение за градење издадено од надлежен орган.
Македонија
Странска акредитирана лабораторија да направи испитувања на квалитетот на воздухот, на водата и на почвата, бара Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање укажа дека по пожарите во депониите Дрисла и Вардариште, и последниот во Трубарево, потребни се итни анализи на почвата, воздухот и водата, од страна на странска акредитирана лабораторија.
Филипче предупреди дека мора да се направи испитување на квалитетот на водата за пиење.
„Сите изотопи кои што не се растворливи во вода ќе се детектираат. И тоа сметам дека час поскоро треба да го направи некоја странска акредитирана лабораторија, да не сведочиме на овие смешни изговори на Институтот за јавно здравје“, рече Филипче.
Овие анализи, како што кажа Филипче, се важни бидејќи по вакви пожари постои ризик да е загадена почвата каде што има земјоделски производи.
„Треба да се измери количината на диоксини, на фурани, на јаглеводородни честички во воздухот, не само на ПМ честичките. Треба да се испита количеството на тешки метали во земјата – никел, кадмиум, олово. Зошто е тоа важно? Поради тоа што можат тие тешки метали да влезат во синџирот на исхрана“, рече Филипче.
За во иднина да се спречи нова еколошка катастрофа, Филипче нагласи дека е потребна итна детална анализа на сите институции и на сите депонии кои што работат во земјава. Ова, како што рече, е важно за да се превенира евентуална следна криза.
„Имаат ли сите депонии лиценци? Сите ли се на доволна оддалеченост од населените места? Работи ли некој нелегално со отпад? Од каде се увезува отпад во земјава? Конечно, да знаеме што се случува во тој сектор. Што направи Владата по тоа прашање? Ништо“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.