Свет
МПЦ не го загуби хотелот „Изгрев“
Не е активирана никаква хипотека бидејќи кредитот треба да почне да се враќа дури во април годинава, објасни поглаварот на МПЦ
Не е активирана никаква хипотека бидејќи кредитот треба да почне да се враќа дури во април годинава, објасни поглаварот на МПЦ
Македонска православна црква не ја загубила сопственоста врз хотелот „Изгрев“ и земјиштето околу него, ниту е активирана банкарска хипотека за кредитот што е земен, изјави вчера поглаварот на МПЦ, архиепископот Стефан.
Тој ги демантира информациите со кои се тврди дека МПЦ веќе не е сопственик на хотелскиот комплекс „Изгрев“,кој што го добила во процесот на денационализацијата пред шест години.
Телевизија Сител објави дека целиот имот со површина од 8.594 квадратни метри бил под хипотека за кредити од еден и од 11 милиони евра. Хипотекарниот договор бил склучен помеѓу струшката фирма „Миладинов“ ДОО и две деловни банки, едната домашна, а другата странска. Основачи на фирмата се двајца браќа Миладинови, Димитар и Ѓорѓи, а како трет основач е заведена МПЦ. Кредитот, според скопската телевизија, се’ уште не е вратен, а тоа повлекло активирање на хипотеката за 11-те милиони евра, заведено како судски спор за имотот во имотниот лист. Се очекувало наскоро да биде активирана и хипотеката за кредитот од еден милион евра.
– За жал на некои што би се радувале на тоа, ниту е активирана хипотеката ниту МПЦ го загуби хотелот. Кредитот, впрочем, треба да почне да се отплаќа дури во април годинава – нагласи поглаварот на МПЦ.
Со деманти вчера се јави и Димитар Миладинов, еден од сопствениците на фирмата „Миладинов“.
– Хотелот „Изгрев“ е купен на јавно наддавање од друштвото „Миладинов“, кое уплати свои пари, и е негова сопственост. Со тоа добивме и право на трајно користење на 45.000 квадратни метри градежно неизградено земјиште.
Точно е дека како основач на фирмата се јавува и МПЦ, но таа не учествува со никаков влог во нејзиното работење. Нема црковни пари во друштвото, ниту е префрлен некаков имот врз некој друг. Не гледаме причина за поврзување на злоупотребите со МПЦ. Ова се заткулисни афери со цел да и’ се направи штета на МПЦ – соопшти вчера Димитар Миладинов.
Според архиепископот Стефан, МПЦ во денационализацијата го добила само хотелот „Бисер“.
– Во случајот на хотелот „Изгрев“, МПЦ своевремено купи 59 отсто од акциите, кои беа сопственост на државата. Набрзо потоа, поради презадолженоста, овој хотел отиде под стечај.
Во тој момент беше формирано заедничкото претпријатие при што хотелот беше откупен со пари од браќата Миладинови. Според договорот, МПЦ има 51 отсто од сопственоста. Хотелот сега се реновира, а за тоа се потребни пари. Кога се немаат сопствени пари,
потребно е да се земе кредит со хипотека. Тој комплекс заживува и времето ќе покаже што се’ е направено. За сево ова се информирани телата на МПЦ – истакнува архиепископот Стефан.
Бранко Горгевски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгискиот премиер: Трамп е гладна гасеница
Белгискиот премиер Барт де Вевер го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп, споредувајќи го со „гладна гасеница“, во контекст на неговите изјави и закани во врска со Гренланд.
Како што пренесува „Метро“, де Вевер рече дека времето за дипломатско убедување на Вашингтон е истечено и дека таков пристап станал контрапродуктивен.
„Доста е. Европа мора да се соочи со Доналд Трамп, „гладната гасеница“, рече белгискиот премиер.
Тој ги повика европските земји сериозно да ги зајакнат сопствените одбранбени капацитети, за да можат да одговорат на можноста за американска воена интервенција во Гренланд.
Според него, дојде време реториката и апелите да се заменат со конкретни мерки насочени кон заштита на европските интереси.
Изјавите на белгискиот премиер следеа по низа провокативни пораки од Вашингтон.
Трамп претходно го нарече Гренланд „парче мраз“ и јавно побара НАТО да им го отстапи на Соединетите Американски Држави.
Во овој контекст, тој потсети дека во рамките на Алијансата, како што изјави, го нарекуваат „тато“, додавајќи дека САД би биле „благодарни“ доколку Гренланд биде предаден, но дека ќе „го паметат при евентуално отфрлање“.
Во исто време, американскиот претседател рече дека Вашингтон е секогаш подготвен да го брани НАТО, но изрази сомнежи за способноста на Алијансата да ги поддржи САД во иста мера, што во европските престолнини беше протолкувано како дополнително заострување на односите со сојузниците.
Фото: ЕПА
Свет
Земјотрес ја погоди Турција
Турција денес беше погодена од земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Како што е наведено, епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 12 километри и на растојание од 68 километри од градот Баликешир.
Досега нема извештаи за повредени или материјална штета, пренесува Танјуг.
Свет
Трамп: Лоша е ситуацијата, но нема да имаме Трета светска војна
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес на Светскиот економски форум во Давос изјави дека голем број земји склучиле „огромни договори“ со САД во врска со гасот и нафтата.
Тој додаде дека кога Америка оди напред, сите други следат.
Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави го доживуваат „најбрзиот и најдраматичен“ економски раст во историјата на земјата, наведувајќи дека американскиот раст „експлодирал“, дека инвестициите и приходите се зголемиле и дека инфлацијата е поразена.
„САД се економскиот мотор на светот. Кога Америка цвета, целиот свет цвета, а кога ние не успеваме, сите нè следат“, рече Трамп за време на своето обраќање на Светскиот економски форум во Давос.
Тој оцени дека одредени места во Европа „веќе не можат да се препознаат“.
„Не сакам никого да навредам, но не можам да ги препознаам некои земји во негативна смисла. Ја сакам Европа, но мислам дека оди во лоша насока“, рече Трамп.
Трамп оцени дека многу земји го напуштиле начинот на водење бизнис што ги направил богати и дека сè уште има многу потенцијал во многу земји.
Трамп се пошегува дека денес во Давос се обраќа на „многу пријатели и неколку непријатели“.
Тој изјави дека ќе ги намали даноците и ќе ги зголеми царините за увоз од странски земји, а тоа е затоа што, како што рече, тие земји ќе ја поправат штетата „што ја предизвикале“.
Трамп побара итен почеток на преговорите за купување на Гренланд, наведувајќи дека оваа територија се наоѓа на клучно стратешко место – на половина пат помеѓу САД и Русија и Кина. „Сакаме силни, а не слаби сојузници“, рече Трамп.
„Барам итни преговори за купување на Гренланд, бидејќи сме купиле бројни земји низ историјата. Нема ништо лошо во тоа“, рече Трамп во Давос, каде што се одржува Светскиот економски форум.
Трамп, исто така, рече дека „многу ги почитува граѓаните на Гренланд и Данска“, но потсети дека таква членка на НАТО мора да може да се одбрани.
Тој потсети дека нацистичка Германија, во Втората светска војна, го скршила отпорот на Данците за само шест часа, по што САД испратиле војници во Гренланд, кои се бореле да го спасат.
„По војната, го вративме на Данска. Беше многу глупаво, но го вративме. Колку се неблагодарни“, рече Трамп, наведувајќи дека Америка лесно може да ја окупира оваа територија со сила.
„Но, ние нема да го сториме тоа. Тоа е можеби најважниот дел од мојот говор, бидејќи луѓето мислеа дека ќе употребам сила. Не морам да употребам сила. Нема да употребам сила. Сè што Америка бара е територија наречена Гренланд“, рече Трамп.
Во исто време, американскиот претседател ги отфрли тврдењата дека го сака Гренланд поради ретки минерали и метали, објаснувајќи дека резервите на овие суровини се наоѓаат под „стотици метри дебела ледена покривка“.
„САД се економскиот мотор на планетата. Ако ги следите нашите чекори, и вие можете да го следите нашиот пат. Ја сакам Европа и сакам да оди добро, но не оди во таа насока“, рече Трамп, наведувајќи дека европските земји се „жртви“ на неконтролирана имиграција и огромен увоз.
Тој им рече на европските лидери дека „веќе не признава бројни градови“, оценувајќи дека Стариот континент е загрозен од „исчезнувањето на цивилизацијата“, но дека Америка ќе „им помогне да ја корегираат сегашната насока“.
Според него, доколку Камала Харис или Џозеф Бајден беа избрани за претседател на САД наместо него, ситуацијата во Украина ќе се претвореше во Трета светска војна.
„Беше лоша ситуација, но нема да имаме Трета светска војна“, рече Трамп.

