Економија
Инвестициските потенцијали на Македонија претставени во Норвешка
Владиниот економски тим предводен од премиерот Никола Груевски во петок во Осло присуствуваше на бизнис форум во ко-организација со Стопанската комора на Осло, на кој беа претставени економските и инвестициските потенцијали на Република Македонија пред околу педесетина норвешки компании.
Премиерот Груевски на почетокот од форумот изрази задоволство од неговото одржување, чија цел е да се продлабочи економската соработка меѓу Норвешка и Македонија.
„Да се видат одблизу успесите на земјата со највисокиот индекс на човековиот развој во светот, односно најдобрата комбинација на животен стандард, образование и очекуван животен век, потоа, второ рангираната земја на светот според бруто домашниот производ по жител и една од десетте најдобро рангирани земји од аспект на водењето бизнис во 2012 година, навистина предизвикува нескриена восхит и огромна почит за трудољубивоста и посветеноста на Вашиот народ. Многу други земји имаат богати наоѓалишта на природни ресурси, но Кралството Норвешка му покажа на светот дека е потребна мудрост и визија за да се искористат истите за доброто на сопствените граѓани. Оттука, воопшто не изненадува оценката на многу реномирани експерти дека всушност станува збор за една од најстабилните функционални пазарни економии во светот“, рече Груевски.
Тој напомена дека ако се имаат во предвид економските потенцијали и одличните пријателски односи на двете земји, постои убеденост дека постојат огромни неискористени можности за трговска и инвестициска соработка.
„Токму овој форум е вистинскиот чекор во насока на нивно идентификување, со потенцирање на сеопфатните и темелни реформи на бизнис опкружувањето, кои ги спроведува Владата на Република Македонија“, истакна премиерот.
Во таа насока Груевски потенцираше дека преку овој бизнис форум целта е да се презентираат потенцијалите на Македонија, мала, но брзорастечка европска економија, која неодамна се вброи во трите најреформски ориентирани земји во светот, според „Doing Business“ извештајот на Светската банка. Македонија сега се наоѓа на дваесет и втората позиција и е највисоко рангирана во однос на било која транзициона економија од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
„Македонската економија, повеќе години, во континуитет, се одликува со нагласена макроекономска стабилност и просечна стапка на инфлација од 2,5% во изминатава деценија. Македонија е мала, но отворена економија, која преку потпишаните договори за слободна трговија со Европската унија и земјите од ЕФТА и Југоисточна Европа (ЦЕФТА), како и со Турција и Украина, сега е дел од големиот европски пазар, со пристап до 660 милиони потрошувачи. Во делот на јавните финансии се спроведува политика на низок буџетски дефицит и претпазливо задолжување, при што владиниот долг на крајот на март 2012 година изнесуваше 26% од бруто домашниот производ“, истакна премиерот Груевски.
Тој ги информираше присутните инвеститори и за реформите во даночната сфера, при што напомена дека е воведон низок и рамен данок од 10% за персоналниот доход и за добивката, потоа дека целосно е ослободена од оданочување задржаната добивка, како и дека постепено се намалуваат социјалните придонеси за една третина.
Премиерот Груевски истакна дека ако се има во предвид дека динамичниот економски растеж во глобализираниот свет силно зависи од квалификациската структура на работната сила, повеќе години наназад, Македонија силно инвестира во човечкиот капитал, при што не само што буџетските трошоци за образование се зголемени на ниво од 6% од бруто домашниот производ, туку и драстично се подобри пристапот до високото образование, особено до математичките, техничките и информатичките науки.
„Врз основа на подобрената бизнис клима и активностите за промоција на Република Македонија како бизнис дестинација, Македонија успеа да привлечеме познати странски компании во технолошко-индустриската развојна зона во Скопје, а воедно основани се уште три технолошко-индустриски развојни зони од кои едната во Штип, Тетово и уште една во Скопје. Во овие технолошко-индустриски развојни зони се нудат низа поволности за инвеститорите“, потенцираше премиерот.
Тој истакна дека највисок приоритет на Македонија, на политички и на економски план останува довршувањето на процесот на зачленување во НАТО и Европската унија.
„Една норвешка поговорка вели дека: „само оние кои трагаат, наоѓаат нови патишта и начини“. Силно верувам дека денешната средба ќе помогне во информирањето на потенцијалните инвеститори и трговски партнери за економските политики и можностите за инвестирање во Република Македонија и во исто време ги повикувам норвешките бизнисмени да ја посетат Република Македонија и да ги искористат нејзините компаративни предности“, истакна на крајот од своето обраќање премиерот Груевски.
Пред присутните се обрати и вицепремиерот Пешевски кој ги претстави клучните економски политики и мерки кои што Владата ги превзема за создавање атрактивен инвестициски амбиент, како и конкретните области со потенцијали за развој кои би биле интересни за норвешките инвеститори.
Свои презентации пред заинтересирани инвеститори имаа и министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, Христијан Делев.
Овој форум е последниот од низата на кои владиниот тим предводен од премиерот Груевски ги претстави инвестициските потенцијали на Македонија пред заинтересираните компании за време на посетите во Шведска, Финска, Данска и Норвешка. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави
Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен интерконектор со Грција, а почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе нашата држава Србија, објасни премиерот Христијан Мицкоски на прашања поставени на панелот во Давос кои се однесуваа на вештачката интелигенција и потребните центри за гасови, како и тоа што прави Македонија да привлече странски директни инвестиции наспроти Хрватска и Словенија.
„Во однос на вештачката интелигенција ние ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија но не само за електрична енергија, исто така ги зајакнуваме нашите преносни линии со преносните линии за гас. За центрите за податоци, ви е потребно одржливо би рекол, снабдување со електрична енергија. Значи некој мора да произведе одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија за центрите за податоци, за да имаат добри, би рекол одлични перформанси на вештачката интелигенција. Во тој поглед градиме еден гасен интерконектор со Грција, а сега почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе мојата земја со Србија.
Што значи ова? Ќе го зголемуваме капацитетот на гас до осум милијарди кубни метри годишно. Досега трошиме половина милијарди кубни метри годишно, што значи дека илјадници и илјадници мегавати инсталиран капацитет електрани на гас да снабдуваат нови центри за податоци со електрична енергија. Ова е еден столб на еден пример и целиот институционален ризик го прифаќаме како Влада. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме на инвеститорите како поттик“, рече Мицкоски во Давос.
Во моментов се развиваат три важни проекти за производство на електрична енергија од хидроцентралите во вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти, информираше премиерот, не се важни само за Македонија туку и за регионот.
„Сега развиваме три големи проект во однос на производство на електрична енергија од хидроцентрали. Зборуваме за проекти од 2 милијарди евра. Тие проекти се многу важни за нас, не само за производство на електрична енергија, туку тие три проекти се и стратешки важни за нас. Но не само за нас, туку и за регионот во целост.
Зборуваме за три големи брани кои ќе создадат три големи резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има потреба од тие резерви со вода за пиење, со чиста вода за пиење. И двата проекта се дел од каскада што се потпира на една голема река, наречена Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдоброто земјоделско земјиште во Европа, а тој регионот е познат како Тиквешки регион.
Практично сме фокусирани на енергијата, а во исто време имаме и други приоритети. Но веројатно сакате повеќе да зборувате за вештачката интелигенција. Исто сакате да се зборувате за електричната енергија и сите оние проекти кои се поврзани некако со тие две многу важни прашања, не само во мојата земја туку и овде во Давос. Многу пати слушаме од политичарите како зборуваат за вештачката интелигенција. Се прашувам дали сите тие можат да ја разберат суштината на вештачката интелигенција или ја користат вештачката интелигенција како популарен збор, како два популарни збора. Го завршив мојот докторат пред 16,17 години и користев алгоритам на фази логика за контрола на манипулативни роботи. Значи, практично тоа беше почетокот на вештачката интелигенција“, подвлече премиерот на панел дискусијата во Давос.
Економија
Дурмиши на средба со Тигањ: Извозот на Македонија кон Хрватска во последните години значително зголемен
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, оствари работна средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Северна Македонија, Нивес Тигањ, на која беа разгледани состојбите и перспективите за унапредување на билатералната економска соработка меѓу двете пријателски земји.
На средбата беше констатирано дека одличните политички односи и традиционално добрите билатерални врски создаваат силна основа за натамошно интензивирање на економската и бизнис соработката, особено во контекст на европската интеграција и регионалната поврзаност.
Дурмиши ја истакна позитивната динамика во надворешно-трговската размена, при што вкупната трговија меѓу двете земји бележи континуиран раст, а извозот на Република Северна Македонија кон Хрватска во последните години значително се зголемува. Двајцата соговорници се согласија дека постои дополнителен потенцијал за продлабочување на соработката во клучни сектори како што се прехранбената индустрија, енергетиката, фармацијата, градежништвото, индустриското производство и туризмот.
Економија
Димовски-Рајс: разговарано за можностите за нови потенцијални инвестиции
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски оствари успешна средба со Мисти Рајс, извршен директор за владини работи на Магна Интернационал, компанија која во државата веќе има две фабрики во рамки на ТИРЗ Струга и ТИРЗ Штип. На средбата се разговараше за тековните активности на компанијата на глобално ниво, напредокот во Македонија, како и можностите за нови потенцијални инвестиции, се истакнува во соопштението.
Димовски ја истакна улогата на Дирекцијата за ТИРЗ и Владата во создавањето стабилна, предвидлива и конкурентна деловна средина за странските инвеститори, потенцирајќи дека континуираниот дијалог со постојните компании е клучен за долгорочен раст и проширување на инвестициите. Тој нагласи дека институционалната поддршка и координацијата со останатите државни органи претставуваат основа за одржување на довербата кај странските инвеститори. Потенцирајќи ги фабриките на Магна кои работат во рамки на зоните како едни од позначајните капацитети, тој посочи дека главната цел е обезбедување услови во кои постојните инвеститори ќе можат успешно да се развиваат, да ја унапредуваат својата продуктивност и да креираат додадена вредност за националната економија.
Мисти Рајс изрази задоволство од досегашната соработка со институциите и од оперативните резултати на компанијата во земјата, нагласувајќи дека Магна Интернационал внимателно ги следи можностите за понатамошно проширување на своите активности, во согласност со глобалните стратешки приоритети на компанијата.

