Свет
Студен туш од холандската ИНГ банка
Македонија ја изгуби шансата да се закити со брендот на шестата банкарска сила во светот Шестата банка во светот нема да влезе во Македонија
Македонија ја изгуби шансата да се закити со брендот на шестата банкарска сила во светот
Шестата банка во светот нема да влезе во Македонија
НИНА НИНЕСКА-ФИДАНОСКА
Поразителна вест за Македонија – шестата банка во светот, холандската ИНГ дефинитивно, се откажува од влезот во Македонија. Иако речиси цела година се живееше во надеж дека на нашиот пазар конечно ќе влезе врвен светски банкарски бренд, деновиве директно од холандската ИНГ стигнал "студен туш" до македонските власти. Оваа одлука во четвртокот ја донел Бордот директори на банката со образложение дека Македонија, според нив, не е стратегиско подрачје за влез на нивниот капитал и инвестирање.
Овој потег доаѓа откако менаџментот на ИНГ цели седум месеци преговараше со главните акционери на Поштенска, односно Еуростандард банка, која поседува 66,66 отсто од капиталот, како и со македонската Влада, која преку Пошта во свои раце има 33,33 проценти.
Оваа вест вчера не сакаа да ја потврдат или да ја демантираат ниту во Владата ниту во Народна банка на Македонија. "Утрински" се обиде да ја провери информацијата во седиштето на ИНГ во Амстердам, но не успеа да добие никого, веројатно, затоа што таму е неработен ден поради Велигден.
Според сознанијата, кога во петокот попладнето ја добил непријатната вест од Амстердам, кај целиот владин и монетарен врв настапил вистински шок, па дури и паника. Премиерот Владо Бучковски, гувернерот Петар Гошев и претставници од Еуростандард банка биле затечени од информацијата дека Холанѓаните во "минута до дванаесет" се откажуваат од зделката откако таа беше доведена буквално до самиот крај. Така, се планираше веќе на 25 април продажбата на акциите да помине преку Берза, а купопродажниот договор со голема помпезност да се потпише на 27 април. Дури, велат наши извори, веќе се закупила и сала во хотелот "Александар палас", каде што ќе се одржела свеченоста и со шампањско ќе се прославел влезот на едно вакво популарно име на нашата банкарска сцена.
Во јавноста се коментира дека пропаста на шансата за влез на ИНГ е многу лош сигнал за Македонија. Влезот на еден ваков бренд требаше да ги отвори вратите и за другите големи компании, но сега и тоа останува неизвесно.
Според уште непотврдени информации, работата толку многу се вжештила што од Владата, НБМ и од Еуростандард банка веќе се формирал и специјален тим, кој веќе денес ќе отпатува за Амстердам. На средбата со менаџерите на ИНГ, која е закажана за утре во 10 часот, нашите преговарачи ќе бараат објаснување зошто Бордот се откажува кога за таа зделка менаџментот претходно преговараше долг период, што практично значи дека менаџерите немале мандат од Бордот за вакви разговори. И овие гласови вчера никој од надлежните не ги потврди.
Преговорите со ИНГ беа во напредна фаза, а премиерот Бучковски банката ја посети за време на својот престој во Холандија во октомври минатата година, од каде што се дадоа многу оптимистички сигнали. Од тие причини, вчера проструи дури и веста дека, наводно, Бучковски вчера размислувал да побара средба со холандската амбасадорка во земјава поради новонастанатата ситуација. Но, тоа го демантираа извори блиски до Бучковски.
Додека преговараше со ИНГ, Македонија изгуби многу шанси за влез на други реномирани банкарски имиња во Поштенска. Така, поради Писмото за намери со ИНГ, според кое додека траат преговорите со нив, да не се разговара со други кандидати, нашите власти, наводно, морале да ги одбијат словенечката Нова љубљанска банка, потоа француската Сосиете женерал, грчката Пиреус банка, како и словенечкиот фонд Потеза.
Официјално, премиерот вчера не сакаше ни да ја потврди ни да ја демантира информацијата. "Преговорите се во многу сензибилна фаза во овој момент и затоа не би сакал да давам никакви изјави", рече вчера Бучковски.
Во НБМ вчера само нагласија дека не добиле никакво официјално писмено известување од ИНГ дека се повлекуваат, а за нив валидни биле само официјалните документи. Но, во НБМ сў уште стои барањето од Холанѓаните за добивање согласност за купување на акциите и за лиценци за директорите.
Инаку, според одлуката на Бордот, тие решиле да не инвестираат во Македонија, бидејќи таа, според нив, "не била стратегиско подрачје". Поточно, директорите одлучиле да ја заострат својата политика за инвестирање во, според нив, нестратегиски држави. Сега со право се поставува прашањето од каде ваквата пресвртница кај Холанѓаните само десет дена пред склучување на договорот. Некои кругови сметаат дека нив ги поколебале најавите дека во земјава ќе влезат реномираните австриски банки – Рајфајзен и Хипо банка. За ИНГ тоа било знак дека ако толку моќен играч влезе на малиот македонски мал пазар, тоа би значело силна конкуренција и можност да се изгуби дел од планираниот профит.
Други аналитичари, пак, ја пласираат тезата дека лош сигнал за ИНГ биле предвидувањата што стигнаа од "Економист интелиџенс јунит" дека Македонија ќе влезе во ЕУ дури во 2020 година. Во секој случај, велат изворите, причината никако не е дека наводно ИНГ не можела да постигне договор со нашите акционери. Имено, сў било договорено со нив, од цената до други гаранции од Владата. Меѓу нив биле и дека цели пет години Поштата да не може да работи ниту со една друга банка освен со Поштенска, ИНГ да има приоритет при купувањето на Поштата ако таа се приватизира, па дури и ако банката се пресели во Македонски пошти.
Инаку, ИНГ требаше да влезе во Македонија заедно со холандскиот државен фонд ФМО, како и со инвестициониот фонд СЕАФ. Владимир Пешевски, генерален директор на СЕАФ – Македонија, вчера изјави дека "овој фонд е уште заинтересиран за влез во Поштенска банка".
Инаку, кај нашите преговарачи сў уште не е изграден став какви чекори ќе се преземаат натаму и кому би можела да му се понуди Поштенска банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина речиси четири години се брани од руската инвазија, денес нови преговори во Абу Даби
Украина и Русија денеска ќе одржат директни разговори во Абу Даби во обид да се најде решение за завршување на војната што трае речиси четири години, јавува германската новинска агенција ДПА.
Датумот на разговорите го потврдија и Кремљ и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но без да прецизираат дополнителни детали.
Директните преговори меѓу Москва и Киев беа обновени пред една недела по подолга пауза. Тие се одржаа зад затворени врати, а посредуваа Соединетите Американски Држави преку својот главен преговарач Стив Виткоф. Овој пат, завојуваните страни ќе преговараат без американски претставници.
Иако преговарачките тимови повеќепати ги опишаа разговорите како конструктивни, договор за мировен договор сè уште не е на повидок, а територијалните прашања остануваат клучна точка на несогласување.
Русија бара Киев да се повлече од делови од источниот украински регион Донбас, особено од областите околу Доњецк и Луганск, кои сè уште се под украинска контрола. Зеленски повеќепати ја отфрли можноста за територијални отстапки.
Украинската делегација ќе ја предводи главниот преговарач Рустем Умеров, додека на чело на руската делегација ќе биде Игор Костјуков, шеф на воената разузнавачка служба ГРУ.
На барање на американскиот претседател Доналд Трамп, Русија се согласи привремено да ги запре нападите врз енергетската инфраструктура поради екстремниот студ и веќе обемните оштетувања во Киев и други градови. Сепак, нападите врз други цели продолжија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот изјави дека ограниченото примирје ќе трае само до недела, со цел да се обезбеди „добра основа“ за мировните преговори.
Зеленски изјави дека не постои формален договор за привремен прекин на огнот, но вети дека Украина нема да напаѓа руски енергетски цели доколку Русија се придржува до своето ветување.
Украина речиси четири години се брани од руската инвазија со поддршка од Западот.
Свет
Сведок на ФБИ: Трамп се заканил дека девојче ќе исчезне и ќе го убие нејзиното семејство
Под закана од кривично гонење за лажно сведочење, сведокот му кажа на ФБИ во 2016 година дека „лично била сведок“ како американскиот претседател Доналд Трамп се заканил дека едно девојче ќе „исчезне“ и дека целото нејзино семејство ќе биде убиено, според документ објавен од Министерството за правда на САД.
Дојавата до ФБИ беше објавена како дел од објавувањето на околу 3 милиони документи за Џефри Епштајн, а ја доставило лице кое го користело псевдонимот „Тифани Доу“. Во неа се наведува наводна закана што Трамп му ја упатил на обвинителот во судска постапка.
„Лично бев сведок како обвинетиот Трамп ѝ кажа на обвинителката дека никогаш не кажува ништо освен ако не сака да исчезне како 12-годишно девојче (името е сокриено) и дека е способен да го убие целото нејзино семејство“, се вели во дојавата на ФБИ, потпишана под закана од кривично гонење за лажно сведочење на 18 јуни 2016 година.
И Епштајн ми се закани со смрт
Тужителката тврдеше дека била вработена кај Епштајн од 1990 до 2000 година и му кажа на ФБИ дека Епштајн лично ѝ се заканувал на сличен начин како што таа тврди дека Трамп ѝ се заканувал на непозната обвинителка во непозната тужба.
„Епштајн лично ми се закани дека ќе ме убие мене и моето семејство ако некогаш откријам какво било физичко и сексуално злоставување на малолетни девојчиња на кое лично сум бил сведок од Епштајн или од некој од неговите гости“, се вели во извештајот на ФБИ.
„Објавувам јавно под заклетва вистината за физичкото и сексуалното злоставување на малолетни девојчиња на кое лично сум бил сведок од Трамп и Епштајн, вклучително и обвинителот, за време на моето вработување кај Епштајн од 1990 до 2000 година.“
Свет
Иран ги прогласи војските на земјите-членки на ЕУ за терористички организации
Претседателот на иранскиот Парламент, Мохамед Багер Галибаф, изјави денеска дека Иран отсега ги смета војските на земјите-членки на Европската Унија за „терористички групи“, повикувајќи се на законската регулатива од 2019 година.
Оваа одлука доаѓа откако министрите за надворешни работи на ЕУ во четвртокот одлучија да ја прогласат Иранска револуционерна гарда (ИРГЦ) за терористичка организација, поради крвавото задушување на неодамнешните антивладини протести. Овој потег на Унијата се смета за главно симболичен, со оглед на тоа што ИРГЦ веќе е под санкции на ЕУ поради прекршување на човековите права.
– Европа сака да му угоди на својот господар, Америка, со овие мерки, изјави Галибаф во Парламентот, пренесува ДПА. Видеата објавени од иранските медиуми покажаа пратеници облечени во униформи на ИРГЦ во знак на солидарност, додека дел од нив скандираа „Смрт за Америка“ и „Смрт за Израел“.
Тензиите меѓу САД и Иран се на високо ниво по смртоносното задушување на протестите во земјата. Американскиот претседател Доналд Трамп изрази поддршка за демонстрациите и најави „многу силни мерки“ доколку Иран продолжи со егзекуции на демонстрантите. Дополнителни спорови се појавија и околу иранската нуклеарна и ракетна програма, при што Трамп неделава сугерираше можен напад, изјавувајќи дека „масивна армада се движи кон Иран“.
Иранската страна соопшти дека е подготвена да ги продолжи преговорите со САД, но инсистира на целосна контрола врз своите одбранбени капацитети. САД беа првата земја во светот што ја прогласи ИРГЦ за терористичка група во 2019 година, за време на првиот мандат на Трамп. ИРГЦ е елитна воена сила на Иран, која во последните децении значително го прошири и своето социјално и економско влијание преку инвестиции во авиокомпании и хотелски синџири.

