Македонија
Груби: Не нападнаа и провоцираа
Претседателот на невладината „Разбуди се“, Артан Груби, кој беше дел од инцидентот на скопското Кале, тврди дека навивачката група Комити ја нападнала и провоцирала групата Албанци, кои требаше да го искажат својот став за рушењето на Музејот- црква.
„До судирот дојде затоа што не нападнаа, не провоцираа и затоа што одбиваа да се повлечат од Калето иако ние ги почекавме половина час додека да завршат со нивните ритуали. Иако ние бевме најавени и полицијата беше известена. Тоа беше виртуелен собир на националисти со единствена цел, да создадат меѓуетнички тензии, за што ние нема да им дозволиме“, изјави Груби, откако полицијата ги смири тензиите.
Инцидентот се случи кога се пресретнаа навивачката група Комити, и како што тврди Груби, толпата албански граѓани кои не биле навивачи по што почнаа да се удираат со камења, дрвја и други предмети.
„Ние уредно најавивме преку медиумите прес конференција за денеска во 13 часот. Прес-конференцијата ја организиравме за да ја продолжиме нашата кампања започната во март 2007 година против политичките, партиските и исклучителните ископувања на Калето, коишто имаат само политичка заднина. Но нашите барања не беа удоволени и затоа денеска стигнавме до овој степен, да се изгради црква која што вчера слушнавме е дел од културното наследство. Нешто што е изградено, еден куп метали од 2011, се интерпретира како културно наследство.“, рече Груби.
Тој додаде дека денешниот настан е за осуда.
„Овде се собра група националисти, група фашисти, со фантомки на главата и се закануваа цело време. Ни го окупираа местото каде што ја имавме најавено прес конференцијата и ова е за осуда. За жал вакви контрапротести имаше и во минатото и кога простиравме за „Скопје 2014““, истакна Груби.
Според него, археологот Паско Кузман, кој го нарече „турбо археолог“, сака само да креира турбо историја за својот народ.
Полицијата брзо интервенираше и моментално на скопското Кале е мирно.
Комитите ја напуштија тврдината, а групата Албанци на конструкцијата музеј-црква постави транспаренти на кои беa испишани пораките: „Паско лопов“, „Кале на Илирите“ и „Место на злосторството“.
Се уште нема официјални информации колку лица беа повредени во инцидентот и дали има приведени./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)
Македонија
Граѓаните со можност да добијат совети за нивните права од пензиското и инвалидското осигурување: советодавни денови помеѓу Фондот на ПИОМ и германскиот носител за пензиско осигурување
На 18 и 19 ноември 2025 година во Скопје ќе се одржат редовните советодавни денови помеѓу претставници на Фондот на ПИОМ и Германскиот носител за пензиско осигурување.
Во рамките на советодавните денови граѓаните ќе имаат можност да добијат совети за нивните права од пензиското и инвалидското осигурување кои произлегуваат со примената на Договорот за социјално осигурување склучен помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Сојузна Република Германија.
„Граѓаните ќе може да се информираат за условите за остварување на право на пензија, според правните прописи на двете држави договорнички, постапката за потврдување на стаж навршен во СР Германија, потребната документација при поднесување на барање за остварување право на германска пензија, постапката за враќање на придонеси, исплата на германска пензија во Северна Македонија и други прашања.
Заинтересираните странки термин може да закажат на следните телефонски броеви: 02 3250 452, 02 3250 453 и 02 3250 454
Фондот на ПИОМ ги известува странките дека со себе треба да ги понесат доказите за осигурувањето во СР Германија, како и документ за идентификација (лична карта или пасош).
Советодавните денови помеѓу Фондот на ПИОМ и Германскиот носител за пензиско осигурување ќе се одржат во просториите на Фондот на улица „23 Октомври“ бр 11, во Скопје, во салата за состаноци на четвртиот спрат во следните термини: 09 до 12 и 14 и 15 до 16 часот на 18 и на 19 ноември 2025 година“.
Македонија
Тероризмот е закана која бара одлучен, заеднички и координиран одговор: Пратеничка група на Собранието со израелската амбасадорка
Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на државата Израел оствари средба со израелската амбасадорка Вивиен Ајзен и Амира Халперин, виш научен соработник за БИКОМ.
Претседателката на пратеничката група, Рашела Мизрахи, истакна дека средбата е уште една потврда за силните и пријателски односи со Израел, уште од воспоставувањето на дипломатските односи во 1995 година.
Израел е клучен партнер на НАТО преку Медитеранскиот дијалог, и овие мултилатерални канали се важна платформа за размена на информации и заедничко дејствување против тероризмот. Потенцијалот во продлабочувањето на соработката со Израел токму во областа на безбедноста и борбата против тероризмот, е огромен и високо се цени врвната експертиза и напредната технологија што Државата Израел ги поседува во безбедносните области.
„Живееме во време на исклучително сложени глобални безбедносни предизвици. Радикализмот, насилниот екстремизам и тероризмот се закани кои не познаваат граници и бараат одлучен, заеднички и координиран одговор. Иако Собранието е институција која не типично асоцира на дискусии околу безбедносни прашања, сепак верувам дека токму во овој дом треба да се креираат политиките за безбедносниот систем на државата“ – истакна Мизрахи.
Во фокусот на средбата беше презентацијата на Халперин за терористичките закани во Велика Британија и неуспехот на политиките во борбата против тероризмот. Таа зборуваше за глобалните закани од тероризам, за терористичките групи кои дејствуваат глобално, како Хамас, ИСИС, Ал Каеда, за нивното влијание и продор во повеќе сектори, за поддршката од студенти и професори на многу универзитети.
Амбасадорката Ајзен и Халперин ставија акцент на антисемитизмот и во тој контекст беше нагласена скапата пропаганда и важноста од подигањето на општествената свест, потребата од едукација и меѓусебна соработка во борбата против тероризмот
Од присутните беше изразено разбирање за виталните интереси на Израел и неговото право на самоодбрана од терористички закани, што беше недвосмислено изразено и преку осудата на нападите на Хамас од 7 октомври 2023 година.

