Економија
Од утре граѓаните ќе можат да аплицираат за „Купи куќа купи стан“
Од утре, па сè до 1. март граѓаните ќе можат до банките да поднесуваат барање за учество во проектот „Купи куќа, купи стан“ за добивање на субвенциониран станбен кредит од Владата.
Од утре, па сè до 1. март граѓаните ќе можат до банките да поднесуваат барање за учество во проектот „Купи куќа, купи стан“ за добивање на субвенциониран станбен кредит од Владата.
Овој кредит е наменет за сите граѓани, а пред сè за оние кои имаат средни и пониски примања на кои им е потребна помош на почетокот
„Понудивме два модела. Првиот е половина рата и тој дава шанса владата пет години да отплаќа половина од месечната рата од станбениот кредит на граѓаните. Кај вториот модел половина учество, владата ќе плаќа половина од учеството за да се добие станбен кредит. И кај двата модели каматната стапка е повластена, односно значително помала од пазарната. Во првиот модел каматната стапка што ја договоривме со банките е 4,99 проценти во првите три години, односно 5,5 проценти во четвртата и петтата година. Кај вториот модел каматната стапка е ЕУРИБОР + 4,5 процентни поени“ вели министерот за финансии, Зоран Ставрески.
Според премиерот Никола Груевски, станбеното прашање претставува постојана грижа, главоболка и долгогодишен проблем.
„Најголемиот предизвик дефинитивно е исправен пред младите, пред оние кои планираат да стапат во брак или пак, оние кои веќе стапиле во брак, но станбеното прашање сè уште не им е решено. Само за илустрација, според податоците на Државниот завод за статистика, во 2010 година изградени се 871 стан, а биле склучени 14.155 бракови. Разликата помеѓу бројот на склучени бракови и новоизградени станови е голема и дефинитивно голем број од овие семејства имаат голема потреба да го решат станбеното прашање“ изјави Груевски.
„Осум банки, го прифатија овој проект за да го пренесеме нашето чувство за општествена одговорност. Мислам дека тоа е добар проект кој ќе им овозможи на многу луѓе со пониски примања да го решат своето станбено прашање под поволни кредитни услови. Од друга страна, ние добиваме нови млади клиенти и добиваме сигурност во наплатата на кредитите“ изјави Ѓорѓи Јанчевски, претседател на Здружението на банкари.
Владата очекува 2.500 кредити, а ако се работи за кредит за купување на стан, продажната цена со пресметан ДДВ не смее да надминува 900 евра за квадратен метар корисна нето-површина.
Министерот за финансии вели дека засега градежните компании се заинтересирани да учествуваат во овој проект. Според него, еден дел од нив имаат изградени или станови кои се финализираат во Скопје, во населбите Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров, Ново Лисиче.
„Некаде цената може да биде над 900 евра, но градежните компании ќе ја спуштат за да учествуваат во проектот“ вели Ставревски.
Доколку има повеќе апликации, селекцијата ќе се прави преку електронски софтвер и предност ќе имаат оние граѓани кои имаат помали примања и кои бараат помали кредити.
Овој проект ќе ја опфати и доградбата на куќи, но градежната дозвола треба да гласи на име на кредитобарателот. Оние што нема да добијат субвенционирање на станбен кредит ќе имаат можност да се пријават на друг оглас. Кога ќе биде овој оглас ќе зависи од интересот во март месец, но од владата не исклучуваат да има уште еден оглас оваа година.
Премиерот апелираше до градоначалниците во деталните урбанистички планови да предвидат повеќе локации за изградба на куќи, бидејќи тие им овозможуваат на граѓаните за помалку пари да се добие поголем простор.
Првите кредити се очекува да бидат одобрени кон крајот на март и почетокот на јуни. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонски производи во износ од 15,5 милиони евра извезени преку мрежата на Лидл во 2025 година
Извозот на македонски производи во 2025 година преку продажната мрежа на Лидл достигна 15,5 милиони евра, што е јасен показател за извозниот потенцијал на домашните производи и можноста за пласман на европските пазари што ја нуди Лидл. Ова претставува огромен раст, во споредба со 5 милиони евра извоз во 2024 година и 570 илјади евра во 2023 година.
Странските пазари најголем интерес покажаа за трпезното грозје, од кое беа реализирани приходи од 3,3 милиони евра, а имаше најголем пласман во Полска. Одлични резултати имаше и од извозот на јагнешко месо во Бугарија, чија продажба донесе прилив од 2,2 милиони евра.
Дека свежото овошје и зеленчук се еден од домашните извозни адути покажа податокот според кој од вкупниот износ од 15,5 милиони евра, во минатата година беше реализиран извоз од 5 милиони евра. Преку мрежата на Лидл се извезени 15 вида од овие земјоделски култури, од преку десет добавувачи. Петте најизвезувани производи беа грозје, зелка, пиперка, моркови и домати, кои одлично поминаа во Бугарија, Германија, Романија, Полска, Словачка, Србија, Чешка и други земји. Во рамки на редовниот извоз од 7 милиони евра доминираа конзервираните производи, со остварени продажби во странство од 5,8 милиони евра, по што следуваат кондиторските, млечните производи, како и виното и пијалаците.
„Постои голем потенцијал за извоз на македонските производи. За нас во Лидл е успех што можеме да ги поддржиме и да бидеме мост за македонските производи кон европските пазари. Постојано соработуваме со производители од земјава и сме особено горди што на десетици компании можеме да им помогнеме во процесите на сертификација, зголемување и унапредување на капацитетите за производство и да овозможиме извоз на европските пазари“ изјави Стефан Георгиев, комерцијален директор на Лидл Северна Македонија.
Преку иницијативата „Македонска недела“, Лидл во претходните две години организираше 22 промоции во маркетите во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска, со понуда на над 70 македонски производи од 17 добавувачи и над 2.200 палети производи, правејќи ги многу повидливи и препознатливи за странските потрошувачи.
Лидл се позиционира како сериозен и значаен партнер на македонската економија, со мерливи резултати во извозот на домашни производи и конкретна поддршка на домашните компании. Со отворањето на маркети низ целата земја компанијата очекува зајакната соработка со домашните производители, со цел на потрошувачите да им понуди широк спектар на квалитетни производи по пристапни цени.
(ПР)
Економија
Забрзување на енергетската транзиција: Јасен план и координиран пристап – одржан состанок на JETIP Инвестициската платформа
Денеска се одржа четвртиот координациски состанок на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP – Just Energy Transition Investment Platform), на кој клучните актери разговараа за напредокот во политиките, планирањето и регулаторните реформи што ја поддржуваат праведната енергетска транзиција на Северна Македонија.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, истакна дека во изминатиот период Министерството е фокусирано на зајакнување на политичките и планските основи неопходни за ефективна имплементација на Инвестициската платформа.
Во таа насока, подготвени се два Годишни планови за развој на енергетскиот сектор за 2025 и 2026 година, усогласени со приоритетите на праведната транзиција, кои обезбедуваат јасна краткорочна рамка за реализација на проектите и подготвеност за инвестиции.
Паралелно, Националниот план за енергија и клима ја заврши фазата на јавни консултации и влезе во завршна фаза на финализација. НЕПК ги обединува целите за декарбонизација, развојот на обновливите извори на енергија и потребите за флексибилност на енергетскиот систем, со посебен фокус на регионите погодени од транзицијата од јаглен. По неговото усвојување, Планот ќе претставува стабилна основа за јавните и приватните инвестициски одлуки.
На регулаторен план, во завршна фаза е и подготовката на Законот за обновливи извори на енергија, со чијштоo усвојување ќе се создадат услови за значително забрзување на инвестициите и исполнување на целите за декарбонизација.
Овие активности не претставуваат изолирани реформи, туку овозможувачки чекори за реализација на проектната рамка на Инвестициската платформа.
Владата уште еднаш ја потврди својата силна посветеност на праведната енергетска транзиција, поддржувајќи ја Инвестициската платформа како клучен механизам за координација, инвестиции и забрзана имплементација на реформите.
Економија
НБРМ: Усвоен Кварталниот извештај, макроекономските движења во согласност со очекувањата на Народната банка
Советот на Народната банка, на седницата одржана на 3 февруари 2026 година, го усвои Кварталниот извештај, во кој се наведува дека макроекономските показатели упатуваат на стабилни остварувања во најважните сегменти на економијата и во најголем дел се во согласност со октомвриските проекции на Народната банка. Домашната инфлација очекувано забави под влијание на забавувањето на базичната инфлација, а домашната економската активност умерено забрза. Банкарскиот сектор и натаму остварува солиден раст на депозитната база и кредитната активност, а девизните резерви се задржуваат на соодветно и сигурно ниво.
Народната банка продолжи со унапредувањето на својот оперативен инструментариум заради поддршка на ефикасното спроведување на монетарната политика. Во последниот квартал од 2025 година, таа изврши приспособување на оперативната монетарна рамка заради подобрување на управувањето со ликвидноста и зајакнување на монетарната трансмисија. Со измените се става посилен акцент на инструментите со пократок рок на достасување и на почестите операции, што овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, без да се менува поставеноста на монетарната политика.
Во Кварталниот извештај се наведува дека во четвртото тримесечје од 2025 година годишната стапка на инфлација изнесуваше 4,2%, што претставува очекувано забавување. Инфлацијата за целата 2025 година, во просек, изнесува 4,1%, што е близу до октомвриските согледувања. Според октомвриските оцени, за 2026 година и на среден рок се очекува забавување на инфлацијата и постепено враќање кон историскиот просек. Сепак, и понатаму постојат одредени ризици, при што главните извори на неизвесност се поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, геополитичките тензии и процесите на трговска фрагментација, како и со одредени домашни фактори што влијаат врз побарувачката.
Во третиот квартал од 2025 година, реалниот годишен раст на бруто домашниот производ забрза и од 3,5% во претходното тримесечје се искачи на 3,8%, што е малку повеќе од оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Според основното сценарио од октомври, за целата 2025 година се очекува забрзување на економскиот раст којшто би изнесувал 3,5% (3,0% во 2024 година), а во 2026 година, како и на среден рок дополнително би се засилил и би достигнал 4,0%.
На крајот на 2025 година, нивото на девизните резерви достигна 4.920,5 милиони евра и според сите релевантни показатели, обезбедува соодветна поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута.
Податоците од монетарниот сектор укажуваат на натамошна солидна кредитна поддршка за економијата и зајакнување на депозитната база на банките. Во четвртиот квартал од 2025 година, годишниот раст на вкупните кредити изнесуваше 13%, при годишен раст и на депозитите од 10%, што е малку над нивото проектирано за крајот на годината.
На седницата, Советот на Народната банка разгледа и други точки поврзани со тековното работење на Банката.

