Свет
Барал да му се реши предметот, заработил тужба
На охриѓанецот Цане Трпковски за неколку дена ќе му се суди, откако судијка од битолскиот суд против него поднела тужба за клевета.
На охриѓанецот Цане Трпковски за неколку дена ќе му се суди, откако судијка од битолскиот суд против него поднела тужба за клевета. Судијката Вера Ристевска го тужи охриѓанецот затоа што тој барал од Републичкиот судски совет да ургира да се забрза неговиот предмет, кој четири години се влечел по судските фиоки. Во претставката до РСС тој напишал дека неговиот предмет фаќа прав во фиока на некој корумпиран судија, па судијката против него поднела приватна тужба во која бара тој да се прогласи за виновен и да и плати отштета затоа што и биле повредени угледот и честа. Судењето на Трпковски треба да почне во вторник.
– Ниту сум ја видел, ниту знам која е судијката, а таа ме тужи за клевета. Четири години се влечам по судови за мојот предмет, никој не постапуваше по него и сега уште згора на тоа ме тужат! Додека траеше процесот се сменија тројца судии, јас не знаев ни кои се – се жали Трпковски.
Тој вели дека во претставката до РСС воопшто не го споменал името на судијата што го водел предметот.
Оставинската постапка на Трпковски датира од 2001 година. Во текот на процесот се смениле тројца судии, но ниту еден не дал завршница на предметот. Револтиран од долготрајната постапка, охриѓанецот се жалел до Врховниот суд и до Републичкиот судски совет. Во тој момент предметот го водела судијката Ристевска, која се нашла засегната и го тужела Трпковски.
Во тужбата таа се повикува на членот 171 од Законот за кривична постапка, кој вели дека „тој што за друг изнесува нешто невистинито што е штетно за неговата чест и углед, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци“.
Во РСС вчера потврдија дека кај нив постои таков предмет.
– Трпковски не го споменува името на судијката во претставката, но пишува дека судот е корумпиран, дека судиите земаат мито и затоа предметот се влече со години. Најверојатно судијката се нашла погодена и затоа ја тужи странката. Од нашиот записник, судењето било ажурно и судење има речиси секој месец. Трпковски не се појавувал на судењата, туку неговиот брат, па изгледа затоа не бил запознаен. Предметот е сложен бидејќи станува збор за наследство за кое биле потребни многу вештачења и измени, па затоа било потребно време – вели Ангел Солев, член на РСС.
Судијката Вера Ристевска била изземена од предметот и сега случајот го води друг судија. Вчера не успеавме да стапиме во контакт со неа во битолскиот Основен суд.
Правниците коментираат дека Трпковски најверојатно нема да биде осуден бидејќи не го споменал името на судијката и дека ова е еден од ретките случаи каде што судија приватно тужи странка во предмет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

