Свет
Итно да го одложите вториот пензиски столб!
Македонија не е подготвена за вториот пензиски столб и затоа треба итно да го одложи!
ЕКСКЛУЗИВНО: ПИСМАТА ОД СВЕТСКАТА БАНКА ДО ВЛАДАТА Македонија не е подготвена за вториот пензиски столб и затоа треба итно да го одложи! Ова им било соопштено на премиерот Владо Бучковски и на надлежниот министер Стевчо Јакимовски во две одделни писма од Светската банка, која е главен супервизор и финансиер на пензиската реформа. "Дневник" дојде до писмата и ексклузивно објавува дел од нивната содржина. И покрај предупредувањата од Светската банка, Владата соопшти дека не се откажува од идејата новиот пензиски систем да почне од 1 јануари 2006 година. "Потребниот системот за собирање на придонесите од личниот доход не е готов. Тој требаше досега да биде комплетно и целосно тестиран. Значајни делови од софтверот се уште не се развиени. Новиот систем нема да биде комплетно и соодветно тестиран до јануари. Почнувањето на операцијата "Нов пензиски систем" во вакви услови би било екстремно ризично. Затоа, ние веруваме дека датумот за старт мора да биде одложен." Ова, меѓу другото, му го пишува Орсалија Каланцопулос, регионална координаторка на Светската банка за Југоисточна Европа, на македонскиот премиер Владо Бучковски. Таа ја изразува својата загриженост и најавува дека би сакала да зборува со премиерот за тоа кога на 19 ноември ќе пристигне во Скопје. Писмото, испратено уште пред една недела, примачите го чуваа во најголема тајност. За него јавноста разбра дури пред два дена, кога лидерот на опозицијата, Никола Груевски, го праша премиерот Бучковски дали навистина постои допис од Светската банка со кој се бара одложување на пензиската реформа. Портпаролот на Владата, Сашо Чолаковски, ни изјави дека "Груевски може да зборува што сака, тоа му е работа како опозиционер, а Владата нема да ја коментира секоја негова изјава". Експресно реагираше и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со тврдење дека не само што софтверот е добар, туку го пофалија и дека бил најсовремен систем со кој некоја државна институција располагала. Дека не е баш така, може да се прочита и во писмото што министерот за труд Стевчо Јакимовски го добил од Сандра Блуменкамп, директорка на канцеларијата на Светската банка во Скопје. И во овој допис се бара одложување на стартот на вториот пензиски столб и одредување нов датум кој ќе дозволи комплетирање на сите модули на софтверот. Писмото било испратено на 9 ноември. Според неофицијалните информации до кој дојде "Дневник", софтверот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не е комплетно тестиран. Досега бил испробан само кај четири банки и тоа само делумно. Дознаваме дека повеќето банки во земјава не биле подготвени да го прифатат софтверското решение на ПИОМ за пренос на податоците од фирмите. Неподготвеноста на Македонија за старт на пензиските реформи не била нова констатација на Светската банка. Таа се нашла и во извештајот по последната супервизија во средината на октомври. "За жал, имајќи ја предвид сегашната состојба на софтверот, нашата проценка е дека системот нема да биде комплетно и соодветно тестиран до јануари 2006. Стартувањето без да се направи тоа ќе биде екстремно ризично и хазардски. Особено сме загрижени пензиските придонеси што ќе се акумулираат на приватните сметки. Тие се приватна сопственост и нивното навремено и точно распределување е критично", напишала Светската банка во октомврискиот извештај и побарала ургентно одложување на реформата. Од Банката и порачуваат на Владата да ја научи лекцијата од полскиот пример. Според нив, сегашната ситуација во Македонија е многу слична на таа во Полска пред да почне да функционира новиот пензиски систем. Во оваа земја системот се соочил со многу проблеми и било потребно повеќе од една година за да се поправат грешките.
Кој лаже: Светска банка или министерот Јакимовски? Лично, не сум добил никакво писмо, рече министерот за труд Стевчо Јакимовски, одговарајќи на прашањето на новинарот на "Дневник" дали е вистина дека на 9 ноември добил допис од директорката на Светската банка за Македонија, Сандра Блуменкамп, во кое таа изразува "загриженост од недостигот од соодветен прогрес" во пензиската реформа. "Дневник" дојде до фотокопијата од писмото и објавува факсимил од него во кој јасно се гледа кому и кога е испратено. Јакимовски призна дека има проблеми со софтверскиот систем, но рече дека до 1 јануари се ќе биде средено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Бродот на Тито настрада на пристаништето во Риека
Вчера во риечкото пристаниште дојде до поморска незгода во која товарен брод удрил во бродот „Галеб“. Несреќата се случила додека „Галеб“ бил приврзан на Ријечкиот лукобран, а во него при маневрирање налетал товарниот брод DENIZ AKAY, кој плови под знамето на Барбадос.
Бродот од Риека требало да исплови за Турција, но по инцидентот сега тоа нема да биде во можност. Капетанот на капетанијата, Дарко Глажар, накратко изјавил дека, според првичните информации, многу е веројатно турскиот брод да имал дефект на погонскиот систем и дека веднаш му е издадена забрана за испловување од пристаништето додека не се утврдат сите потребни факти во овој судир.
Исто така, според првичните информации, нема повредени лица, а штетата на двата брода ќе се утврдува дополнително.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.

