Регион
Бугарија: Радев победи на претседателските избори, Борисов најави оставка
Кандидатот на Бугарската социјалистичка партија (БСП), генералот Румен Радев, е победник на претседателските избори во Бугарија, покажуваат првичните резултати од изборите, победувајќи го противкандидатот од владејачката Граѓани за европска Бугарија (ГЕРБ), Цецка Цачева со околу 22 проценти разлика, односно 58 наспроти 35 отсто.
Од Софија, Бојан Стојковски
Премиерот и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, веднаш најави дека ќе поднесе оставка, со што земјата сега повторно влегува во политичка криза, но како што вели тој, по овие избои неговата партија веќе нема мнозинство, така што сега ќе ѝ дозволи на досегашната опозициска БСП да формира влада.
„Победата на Радев и БСП е категорична и јасна, ние ќе им дозволиме заедно со ДПС (Партијата на Турците) и со патриотите на (Красимир) Каракачанов да формираат формираат влада без избори. Ние сме партија што учи на своите грешки и ќе им дадеме шанса да формираат влада. Повторно сакам да кажам дека го поздравувам победниците на овие избори и им честитам“, изјави Борисов.
„Сакам да се заблагодарам за сите кои ни дадоа поддршка.
Јас сум човек кој сноси одговорност, по анализата во партијата јас сум подготвена да поднесам оставка од сите свои функции. Дел од вината е секако моја, важно е сега да се направи она што е добро за нашите граѓани“, изјави кандидатот на ГЕРБ, Цецка Цачева.
Борисов пред одржувањето на првиот круг од изборите минатиот месец најави дека доколку кандидатот на неговата партијата, Цецка Цачева, досегашен претседател на бугарскиот Парламент, не победи во првиот круг, тој и неговата влада ќе поднесат оставка. Цачева во првиот круг освои нешто повеќе од 21 процент, три помалку од нејзиниот противкандидат Радев. ГЕРБ на Борисов сега е во втората година од својот мандат, откако претходно на чело беше техничката влада на Пламен Орешарски, период во кој низ земјата постојано имаше протести./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Полицаец избоден во Сплит, приведен 18-годишник со психички проблеми
Полицаец е тешко повреден синоќа во Сплит, во период во којшто не бил на должност. Како што соопшти полицијата во Хрватска, нападот се случил околу 22:45 часот, а полицаецот, кој бил во цивилна облека, бил повреден од остар предмет. Околу 23:15 часот, тој бил пренесен во КБЦ Сплит, каде што му била укажана лекарска помош, пренесе „Индекс“.
Имено, тој претрпел повеќекратни убодни рани и тешки повреди на неколку органски системи, а извршена е и обемна медицинска помош. Неговиот живот е во опасност.
Како што неофицијално дознава Индекс, 18-годишен млад човек со сериозни ментални проблеми моментално е под полициски надзор. Една од теориите што ги имаат истражителите е дека тој го избрал полицаецот како жртва сосема случајно.
Полицијата испрати порака за поддршка до повредениот колега и неговото семејство.
„Се надеваме дека нашиот колега, со помош на докторите, ќе се опорави, мислиме на него, стоиме покрај него и неговото семејство во овие тешки моменти“, рекоа тие.
На местото на нападот е спроведена истрага.
Регион
Пленковиќ: По Хрватска, можеби е време некој друг да ѝ се приклучи на ЕУ
За разлика на претходните европски комисии, сегашната има вистинска политичка волја за проширување на Европската Унија, изјави денес во Загреб хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ додавајќи дека е можна некаква одлука до 2030 година ако некои кандидати се технички подготвени.
„За разлика од Комисијата на (Жан-Клод) Јункер или првиот мандат на Урсула фон дер Лајен, кога не чувствував искрена политичка волја во центарот на политиката во Брисел за постигнување проширување за која било земја кандидат, овој пат морам да признам дека атмосферата е малку поинаква“, рече Пленковиќ на Вториот годишен самит на Хрватска.
„Можеби е време некој друг да ѝ се приклучи по Хрватска“
„Овој пат можеме да ја почувствуваме политичката волја во извршната власт на ЕУ, дури и кај повеќето земји членки, дури и кај големите, дека можеби е време некој друг да ѝ се приклучи по Хрватска, која се влезе на 1 јули 2013 година“, додаде Пленковиќ.
Комисијата би сакала да отвори преговарачки кластери со Украина и Молдавија до крајот на оваа година. Сепак, земјите членки одлучуваат за ова едногласно. Досега нема таква едногласност бидејќи Унгарија остро се спротивставува на членството на Украина во Унијата, анализираат медиумите.
Хрватскиот премиер потсети дека постојат две групи земји кандидатки: Украина и Молдавија во едната група, а земјите од Југоисточна Европа и Западен Балкан во другата група, и ја посочи Црна Гора како лидер. „Мислам дека би можеле, ако успеат да бидат технички подготвени, да имаме политичка одлука за некои пред 2030 година“, рече Пленковиќ.
Сепак, тој ги повтори своите тврдења дека апсорпцискиот капацитет на блокот ќе биде клучен за динамиката на проширувањето осврнувајќи се на четвртиот Копенхашки критериум од 1993 година, кој се однесува на буџетските трошоци за проширување и на влијанието на новите членки врз односите меѓу земјите што придонесуваат и оние што го користат.
„Речиси 80 проценти од европскиот буџет, всушност, го полнат 10-те најбогати земји на Унијата, а приближно 20 проценти одат за сите други односи. Побогатите земји, основачите, големите силни економии, не се нужно возбудени што помалите земји, кои многу малку придонесуваат, седнуваат на маса и во суштина одлучуваат за главните политики еднакво, особено кога станува збор за прашања каде што е потребна едногласност“, рече премиерот.
Тој потсети дека Германија, Франција и Италија еднаш се откажаа од двајца комесари во Комисијата во корист на проширувањето.
„А сега тие имаат ист број влијателни луѓе како и земјите што многу малку придонесуваат. Затоа процесот на донесување одлуки и буџетските импликации се во срцето на процесот на проширување“, објасни тој.
Фото: ЕПА
Регион
Лукас: Половина Србија се дружи со Ориќ, нема да остапам ни милиметар пред Додик
Српскиот пејач, Аца Лукас изјави дека доживеал неравда по објавената фотографија со Насер Ориќ и дека „нема да отстапи ниту милиметар“ пред Милорад Додик, кој му го забранил концертот на Јахорина.
За „Аваз.тв“ кажа дека фотографијата погрешно се толкува и дека прв пат го видел Ориќ. Лукас истакна дека не знае дали концертот во Сараево му бил забранет поради неговата претходна поддршка на Додик, додавајќи дека „половина Србија и Република Српска се дружат со Ориќ“.
Откако Олимпискиот центар Јахорина официјално го откажа неговиот настап, Додик изјави дека Лукас „го изгубил кредибилитетот за секое идно гостување во РС“. Лукас му возврати дека тој не барал поддршка од Додик, туку обратно, и дека повторно ќе настапува на Јахорина.
Пејачот нагласи дека нема намера да се извинува за нешто што, според него, е преголема реакција и пример за двојни аршини.
Тој додаде дека не бил свесен кој седел до него кога е направена фотографијата и дека не сака да прави поделби по национална основа, туку „луѓето ги дели на добри и лоши“.
Лукас оцени дека целата ситуација е политички мотивирана, дека никого не навредил и најави правни чекори поради забраната за настапот.

