Надворешна политика
Груевски: Совеста ни е чиста, дадовме сé што е во наша моќ пред самитот на НАТО
Дадовме сé што е во наша моќ за да ги презентираме ставовите и аргументите на Македонија во однос на членството во НАТО, изјави премиерот Никола Груевски, пред одржувањето на самитот на алијансата во Чикаго за десетина дена.
Порачува дека земјата ги има исполнето сите критериуми за членство уште од 2008 година, стандарди што важат и за сите останати земји.
„Јасно е дека единствената пречка за нашето членство е блокадата од Грција. Јасно е дека Македонија уште во 2008 година целосно ги исполни сите стандарди коишто важат за сите други држави за зачленување во НАТО. Имаме созадено голем број поддржувачи и голем број пријатели коишто сакаат што побрзо да го видат членството, меѓутоа сé уште имаме проблем со државата којашто го блокираше тоа и нема намера да го деблокира, односно нема намера да создаде консензус за Македонија да се зачлени во НАТО. Како и да е, нас совеста ни е чиста, затоа што дадовме сé што беше во наша моќ. Не се штедевме, лобиравме секаде каде што можеме, работевме претходно на сите потребни работи што треба да ги сработиме, и од тој аспект може да кажам дека државниот врв, Претседателот, јас како премиер, министерот за надворешни, министерот за одбрана, другите членови на Владата во рамките на нивните ингеренции и можности, пратениците, претседателот на Собранието и сите други коишто на кој и да е начин можеа да сторат нешто – го дадоа максимумот, и би рекол – дури и повеќе од тоа“, изјави премиерот Груевски, во пресрет на самитот. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.