Европа
Холандската полиција обучува орли за соборување дронови ВИДЕО

Холандската полиција која се соочува со сé поголемиот број нелегални дронови кои претставуваат закана за јавната безбедност, започна интересен пробен проект во кој се обучуваат орли за уривање на минијатурните беспилотни летала.
„Станува збор за нискотехнолошко решение за високотехнолошки проблем“, изјави за Reuters портпаролот на холандската полиција Денис Јанус.
Идејата се јавила поради големиот пораст на аматерско користење на дроновите. Полицијата е загрижена поради обвие летала над аеродромите или над јавните настани како што се политичките собири, кои може да бидат цели на терористички напади.
Можните решенија кои холандската полицијата ги разгледувала вклучувале и фрлање мрежи на дроновите, попречување на нивниот радио сигнал и преземањето контрола над нив, како и уривањето со помош на птици грабливки. „Луѓето понекогаш мислат дека тоа е измама, но засега се покажа многу ефикасно“, тврди портпаролот Јанус.
Полицијата презентирала видео снимка на којашто се гледа како орел со канџите го фаќа дронот го симнува на земјата
Сјоерд Хогендорн од компанијата „Guard from Above“, која работи со полицијата на развивање на споменатиот проект, вели дека птиците треба да минат обука за да можат да ги препознаваат дроновите како плен. По секоја успешна „акција“, птиците добиваат парче месо како награда.
Хогендорн вели дека единствен проблем што го имаат е големиот број уништени дронови користени за дресирањето. Меѓутоа, додава, не се знае како птиците ќе се однесуваат на местото каде има многу луѓе.
Тестирањето на орлите како потенцијални ловци на дронови ќе трае неколку месеци, а полицијата ќе ја донесе одлуката за тоа дали ќе продолжи со овој проект до крајот на годинава./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Телото на папата Франциско денеска ќе биде преместено во базиликата

Телото на папата Франциско утрово ќе биде пренесено во базиликата Свети Петар. Церемонијата започнува во 9 часот, соопшти Ватикан.
Телото на папата моментално е положено во ковчег во капелата на Домот Света Марта, каде што живеел за време на неговото папство.
Ватикан вчера соопшти дека погребот на папата Франциско ќе се изврши во сабота во 10 часот на плоштадот Свети Петар. Тој ќе биде погребан во базиликата Света Марија Велика во Рим.
На последното збогување ќе присуствуваат стотици илјади верници, како и странски лидери како американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Европа
Путин призна дека Русија напаѓа цивилни цели во Украина, го обвини „киевскиот режим“ дека користи жив штит, објави Медуза

Владимир Путин во понеделникот призна дека Русија повеќе пати напаѓала цивилни цели во Украина, тврдејќи дека цел на овие напади биле украински војници и воена инфраструктура лоцирани во станбени и комерцијални области, пренесува Медуза.
Во изјава за новинарот на државната телевизија Павел Зарубин, рускиот претседател директно се осврна на рускиот напад на 13 април во центарот на Суми, во кој загинаа најмалку 35 луѓе, а повеќе од 125 други беа повредени. Путин рече дека нападот бил насочен кон украинските војници собрани тоа утро за да им бидат врачени награди за нивното учество во упадот во рускиот регион Курск:
„На пример, сите знаат за нападот на нашите вооружени сили врз Конгресниот центар на Универзитетот Суми. Дали е тоа цивилен објект? Да. Но, таму одржуваа церемонија на доделување награди за оние што извршија злосторства во регионот Курск – и членови на украинските вооружени сили и националисти. Тоа се луѓе кои ги сметаме за криминалци и кои заслужија одмазда за нивните дејствија, вклучително и во граничниот регион. Но, дали е тоа цивилен објект или не, режимот во Киев ги користи овие цивилни објекти“.
Во неговиот разговор со Зарубин, Путин ги спомна и претходните руски напади во Одеса врз земјоделската инфраструктура, тврдејќи дека украинските власти „заедно со нивните странски ментори“ развиваат и тестираат нова ракетна технологија на локацијата.
Дополнително, Путин опиша напад врз ресторан во кој наводно се собирале воени злосторници – очигледно упатување на рускиот напад на 4 април во станбена област Криви Рих, во кој загинаа најмалку 20 цивили.
Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши в сабота, 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува да присуствуваат многубројни светски лидери и стотици илјади верници.