Европа
‘Свобода' негира дека го урнала споменикот на Ленин, МВР ги демантира бројките за масовноста
Украинската националистичка партија Свобода не ја презема одговорноста за уривањето на споменикот на втемелувачот на поранешниот Советски сојуз, Владимир Илич Ленин во Киев, додека тамошното министерство за внатрешни работи појасни дека не се точни тврдењата на проевропската опозиција дека на неделните протести во главниот град се собрале најмалку половина милион луѓе.
Во неделата група маскирани лица со чекани, метални прачки и јажиња го соборија споменикот на Ленин на Бесарабискиот плоштад во Киев, по што портпаролот на полицијата изјави дека тие носеле ознаки на националистичката парија Свобода.
„Таму имаше стотици луѓе, кои дојдоа на повик на своите срца (…), тие таму не беа како членови на која и да е партија или организација, тие таму беа како Украинци“, изјавил за РИА Новости заменикот шеф на пратеничката група на Свобода, Андреј Мохник, одговарајќи на прашањето дали активисти на неговата партија учествувале во уривањето на споменикот, за што имаше сличен обид минатиот викенд, но тогаш полицијата ја опколи статуата и не дозволи приод до него.
Според извештаите на агенциите кои се повикуваат на своите репортери и изјави од очевидци, демонстрантите ја врзале главата на споменикот со челичен кабел а другиот негов крај го прицврстиле за дрво и го повлекле споменикот од постаментот. При падот на асфалтот, од скулптурата на комунистичкиот лидер отпаднале главата и едната рака, а потоа демонстрантите со чекани ги уништувале остатоците од споменикот.
На централниот киевски Плоштад на независноста на повик на опозицијата започна протесната акција „народно собрание“ со кое се бара оставка од претседателот Виктор Јанукович и владата на премиерот Микола Азаров поради одлуката да се суспендира потпишувањето на спогодбата за придружување со Европската унија, што претседателот и премиерот го објаснија со тешката економска состојба на Украина, а опозицијата го смета за свртување кон Русија.
Покрај оставката на владата, опозициските политичари во неделата го истакна и барањето за ослободување приведените од минатонеделните протести, и политичките затвореници, во прв ред на Тимошенко којашто издржува седумгодишна затворска казна за злоупотреба на овластувањата и нанесување штета на државата, поради потпишувањето на договорот за увоз на руски гас по повисоки цени. Се бара, исто така, и апсење на министерот за внатрешни работи Виталиј Захаричено, кого опозицијата го смета за одговорен за акцијата на припадниците на специјалната интервентна единица „Беркут“ на Плоштадот на независноста ноќта кон 30-ти ноември, кога со примена на сила беше растурен протестот на околу илјада демонстранти кои протестираа против одлуката да се суспендира потпишувањето на спогодбата за придружување.
Дел од демонстрантите во неделата го блокираа центарот на Кеив во кој се наоѓаат државните институции, зградата на претседателската администрација како и резиденцијата на претседателот Јанукович.
Според челниците на опозициските партии, само претпладнето на протестите учествувале 200 илјади луѓе, а најавија дека во Киев се собрале најмалку половина милон луѓе коишто во престолнината допатувале од западниот дел од земјата, каде што мнозинство имаат проевропски ориентираните опозиционери, но агенциите сепак ја пренесоа бројката од 350 илјади демонстранти. Украинското министерство за внатрешни работи освен првичната проценка од претпладнето од 20 илјади демонстранти, до вечерта не излегуваше со процена за бројот на учесниците во антивладините протести кога соопшти дека на неделниот протест во престолнината учествувале до 100 илјади луѓе.
Министерството за внатрешни работи преку јавните електронски катастарски планови на Киев ја пресмета приближната бројка на луѓето кои физички можат да се сместат на целата површина од Плоштадот на независноста и околните улици и шеталишта.
„Имајќи предвид дека на еден квадратен метар во зимскиот период (поради употреба на зимска облека) може да се сместат само две лица, на споменатата површина на којашто денеска се одржуваше општествено-политички настан физички можеа да присуствуваат не повеќе од 100 илјади лица“, се вели во соопштението што во неделата навечер е објавено на интернет страницата на украинското министерство за внатрешни работи./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Јулија Тимошенко: Моите банкарски сметки се блокирани
Лидерката на партијата Татковина и поранешна украинска премиерка Јулија Тимошенко, која од страна на истражителите е осомничена дека нудела мито на неколку пратеници, објави дека нејзините банкарски сметки се замрзнати.
Тимошенко го објави ова на Фејсбук, а нејзината реакција доаѓа откако беше објавено дека обвинителите ќе бараат кауција од околу еден милион евра и изрекување мерки на претпазливост. Според неа, дури тогаш дознала дека нејзините сметки се замрзнати.
„Што е надреализам? Ова е кога во отворено политички нарачан случај планирате да платите кауција со парите што сте ги добиле како компензација за политичкиот прогон на одреден кратковид „диктатор“. Но, не можете да го направите ова бидејќи вашите банкарски сметки беа блокирани дури и пред судската одлука.
Вака изгледа „антикорупциската правда“ на меѓународните измамници. Вие наивни луѓе веројатно мислите дека со такви примитивни потези ќе ме принудите да бегам или дека ќе престанам да се борам. Страшно грешите“, напиша Тимошенко на Фејсбук.
Украинските антикорупциски власти во вторник вечерта објавија дека откриле корупција поврзана со лидер на партија. Подоцна беше потврдено дека случајот се однесува на Јулија Тимошенко. Таа е осомничена за нудење нелегални бенефиции на пратеници од други партии во замена за гласање за или против одредени законски предлози.
Извори од политички кругови потврдија во среда наутро дека истражителите ѝ доставиле на Тимошенко известување за сомневање. Потоа, Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБО) објави аудио снимка во која, според истражителите, Тимошенко и неидентификуван пратеник разговараат за шема за плаќање за гласови во украинскиот парламент.
Тимошенко рече дека тоа била „голема ПР-шоу“ и „чистење на политичките конкуренти пред изборите“. Таа тврди дека истражителите „не пронашле ништо“, туку само ги заплениле нејзините „мобилни телефони, парламентарни документи и лични заштеди, кои се целосно наведени во нејзината имотна картичка“. Таа, исто така, изјави дека објавената аудио снимка „нема никаква врска“ со неа.
Европа
(Фото) Макрон се појави пред војниците со црвено и отечено око
Емануел Макрон се појави со црвено око за време на неговото годишно обраќање пред француските војници. Тој се пошегува, користејќи ја можноста да повика на зајакнување на воената моќ на Франција.
Францускиот претседател го спореди својот проблем со очите со песната „Eye of the Tiger“, велејќи дека тоа е знак на решителност и предупредување дека Франција може да остане слободна во „брутален свет“ само ако другите се плашат од неа и ако е моќна.

epa12650914 French President Emmanuel Macron delivers a speech during a visit to the Istres Air Force Base in Istres, southern France, 15 January 2026. The French president travelled to the Istres airbase to present his New Year’s wishes to the armed forces. EPA/PHILIPPE MAGONI / POOL
Повикувањето на насловната песна од филнот „Роки III“ од 1980-тите години дојде откако Макрон ја прогласи француската армија за „најефикасна“ во Европа, додавајќи дека таа мора да стане посилна и побрза. Пред говорот, кој започна со објаснување за неговиот изглед, Макрон носеше очила за сонце додека ги прегледуваше војниците.
„Ве молам извинете за грдиот изглед на моето око. Тоа е, се разбира, нешто сосема безопасно“, рече Макрон. „Сфатете го како ненамерна референца на „Eye of the Tiger“… за оние кои ја разбираат референцата, тоа е знак на решителност.“

epa12651821 French President Emmanuel Macron delivers a speech as he visits the Istres military air force base, southern France, 15 January 2026. The French president travelled to the Istres airbase to present his New Year’s wishes to the armed forces. EPA/PHILIPPE MAGONI / POOL
Тој го искористи своето новогодишно обраќање до војниците во воената база во јужна Франција за да најави поголеми трошоци за одбрана. Тој рече дека сака да ги помести плановите за буџет за одбрана од 64 милијарди евра од 2030 на 2027 година, со 3,5 милијарди евра за забрзување на вооружувањето на Франција достапно оваа година.
Европа
Герасимов: Во јануари окупиравме 300 квадратни километри во Украина
Руските сили зазедоа повеќе од 300 квадратни километри украинска територија во првата половина на јануари, изјави началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов. Русија соопшти дека минатата година зазела 6.640 квадратни километри во Украина.
Украинскиот парламент во среда го назначи младиот технократ Михаил Федоров за министер за одбрана, додека владата се стреми да ги поттикне иновациите за да ја зајакне војската за време на тешката фаза од речиси четиригодишната војна.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека му наредил на 34-годишниот Федоров да спроведе брзи одлуки за заштита на украинското небо, зајакнување на линиите за снабдување на фронтот и воведување други технолошки решенија за запирање на руското напредување.
Исцрпената украинска армија е побројна и пооружена на фронтовските линии откако започна руската инвазија во февруари 2022 година. Руските сили бавно напредуваат во источниот регион Донецк и се обидуваат да ги пробијат одбранбените линии на југ и североисток.
Бидејќи дипломатските напори за завршување на војната не даваат опипливи резултати, Киев се соочува со потребата да ги зајакне своите вооружени сили, кои бројат околу милион припадници.

