Економија
И велесилите банкротираат
Германија, Велика Британија, Русија, Франција, Шпанија, Аргентина, Исланд се познати и како држави кои банкротирале и преживеале
Германија, Велика Британија, Русија, Франција, Шпанија, Аргентина, Исланд се познати и како држави кои банкротирале и преживеале.
При банкрот една држава запаѓа во неможност да си ги сервисира долговите. Потоа на колена ги моли доверителите да и ги простат, намалат, репрограмираат или одложат долгувањата. Следуваат преговори, во кои должникот вообичаено е принуден да ги прифати наметнатите услови. Граѓаните во банкротираната држава се соочуваат со хиперинфлација, намалување на вредноста на домашната валута, раст на невработеноста, а државата го губи својот углед во светот и се помали се шансите некој во иднина да и позајми пари.
Германија во изминатите сто години два пати банкротирала. И тоа два пати поради војна. Во 1920 потклекна под тежината на репарациите наложени со Договор од Версај за завршувањето на првата светска војна. Резултат беше хиперинфлација во која ни за 100 милијарди марки не можеше да се купи килограм леб. Кризата го роди нацизмот, а Германија, со речиси целосно уништена инфраструктура, повторно беше на колена во 1945 година, по втората светска војна. Сепак успеа да се издигне до најголем извозник на светот.
Кога се зборува за велесили со празна каса, изненадува фактот што Велика Британија дури во 2006 година на САД и го исплати повоениот долг од 4,34 милијарди долари. Треба да се нагласи дека 4,34 милијарди долари од 1945 година сега вредат околу 140 милијарди долари. Севкупната британска економија во 1945 година вредела само половина од оваа сума, а целото обединето кралство пет години по втората светска војна работело за исплата на долгот.
Низ историјата повеќе пати се покажа дека Русија спаѓа меѓу финансиски најкомпликуваните држави на светот. Една од потешките кризи се случи 1998 година. Поради азиската криза, значајно се намали побарувачката по суровини, вредноста на рубљата падна, а инфлацијата за помалку од една година скокна за 100 проценти. Русија беше пред банкрот и на врвот на кризата во 2008 година, но засега добро се држи.
Франција според историските податоци во периодот од 1500 и 1800 година банкротирала осум пати, а последниот финансиски крах завршил со Француската револуција.
Шпанија, секако знае, како е да се биде без пари. Таа е прва држава на светот што банкротирала и тоа во 1557 година. Ова и се повторило уште три пари во период од 40 години, а банкротирала уште седум пати во деветнаесеттиот век.
Аргентина во 2001 година имаше долг од 145 милијарди, а вредноста на пезосот паѓаше од ден на ден, слично како на југословенскиот динар за време на владеењето на Слободан Милошевиќ. Јужноамериканската држава две години се обидуваше да се справи со кризата, за на крајот да прогласи банкрот. По преговорите, доверителите на Аргентина и простија 75 насто од долговите.
Последната криза го фрли на колена Исланд. Исландската круна стапа речиси безвредна, а земјата не можеше да си ги плаќа долговите. Проблемот со таа островска држава е дотолку поголем што Исланд зависи од увозот на стоки, а нема со што да ги плати.
Се погласни се најавите дека на државиве што веќе го искусиле банкрот, може да им се придружат и Грција, Хрватска, Ирска./крај/це/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Директна авиолинија Скопје – Прага, за Божиновска таа е реална врска меѓу двете економии
Со првиот лет на новата директна авиолинија Скопје – Прага, земјава прави значаен исчекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните, истакнуваат во соопштението од Министерството за енергетика.
На настанот по повод воспоставувањето на авиолинијата се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на TAV Македонија, Неџат Курт, како и претставници на Wizz Air.
Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата.
Божиновска истакна дека воспоставувањето на директната линија не е случаен потег, туку резултат на јасна визија и конкретна иницијатива.
„Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазара и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој, за мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година постоеше директна линија и од лично искуство знам колку директната авионска врска значи – не само симболично, туку реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка, силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност“ , нагласи Божиновска.
Според надлежните, директната авиолинија Скопје – Прага ќе придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.
Авиосообраќајот е важен сегмент од целокупната стратегија за модерна инфраструктура, економски раст и регионална интеграција, при што ваквите проекти се реализираат преку координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу TAV Македонија и Wizz Air, оценувајќи дека таа е пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,09% во однос на одлуката од 12.12.2025 година.
Од 16.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,248 ден/кг и сега ќе изнесува 32,635 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 4,932%, кај дизелот за 4,357%, кај екстра лесното масло за 1,790% и кај мазутот намалувањето е за 1,013%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1167%.
Економија
СЕТЕК РОДЕНДЕН во СИНО – блискост, радост и исполнети желби
СЕТЕК го обои овој декември во сино – симбол на блискост, доверба и на вредноста на желбите што си ги упатуваме едни на други. Декември е месец кој поттикнува поврзување и ја истакнува магијата на споделената радост. Денес, многу од тие желби се поврзани со технологијата која го прави животот поедноставен, порадосен и поубав.
Веќе 32 години, СЕТЕК ја следи мисијата – да ги поврзува луѓето и технологијата, да креира успех и да инспирира радост.
Годинава, роденденот на СЕТЕК се поврзува со кампањата Blue December, која ја слави моќта на дарувањето и можноста за блискост со техниката. Поволностите што ги нудиме – роденденски и во текот на целиот месец – не се само обични попусти. Тие се внимателно осмислени решенија за сите кои сакаат да израдуваат некој свој близок, со вистинска вредност, значење и впечаток.
“Упатуваме искрена благодарност до сите кои низ годините се дел од нашата мисија – заедно растеме, се усовршуваме и го приближуваме светот на технологијата до секој човек. Вашата поддршка и доверба ни овозможуваат да продолжиме и да го подобруваме секојдневието на луѓето” – изјавија од Сетек.
Нека овој декември биде исполнет со топли моменти, споделена радост и остварени желби – вистински празнично син. Нека секој подарок, секоја насмевка и секое внимание, поттикне искрена поврзаност што ќе нѐ потсетува колку е важно да бидеме тука едни за други.
Сетек нуди голема палета на улуги како лојална програма, кешбек, премиум достава, можности за кредитирање.
Промотивните попусти ќе бидат достапни во сите салони на Сетек низ земјата, како и онлајн преку веб-страницата www.setec.mk
Придружете ни се во прославата со специјални роденденски попусти!
ПР

