Свет
Повеќе од 100 луѓе им се предале на сириските власти по прекинот на огнот
Повеќе од сто луѓе по коишто се трагало им се предале на органите на прогонот во Сирија, првиот ден од стапувањето на сила на договорот за прекин на огнот, јавува во четвртокот Синхуа.
Лицата по коишто биле распишани потерници, им се предале на сириските власти во неколку области во неколку региони на областа околу главниот град Дамаск, како и во градот Латакија, предавајќи го оружјето што било кај нив и ветувајќи дека веќе нема да учествуваат во вооружените напади.
Во текот на седмицата пред стапувањето на сила на прекинот на огнот, на сириските органи на прогонот им се предале повеќе од 400 лица, изјавиле претставници на власта.
Договорот за прекин на непријателствата меѓу владините сили и сириската вооружена опозиција, кој е дел од планот меѓународниот пратеник за Сирија Кофи Анан за решавање на кризата, стапи на сила во четвртокот во 6 часот по локално време.
Планот на специјалниот заеднички претставник на Обединетите нации и на Арапската лига за Сирија, поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, предвидува спроведување од страна на сириската влада и на опозицијата голем број обврски, во прв ред престанок на вооруженото насилство од страна на сите страни под ефективна контрола на специјален механизам на ОН, обезбедување хуманитарна помош за населението во областите зафатени со конфликтот и почнување на политичкиот дијалог во земјата. Предлозите на Анан беа едногласно одобрени од страна на Советот за безбедност на ОН со изјавата на неговиот претседавач од 21-ви март. Во неа беше јасно кажано дека Анан редовно ќе го информира Советот за безбедност за напредокот на неговата мисија.
Во средата, сириските власти соопштија дека воените операции ќе престанат во 6 часот наутро во четвртокот. Подготвеноста да се почитува прекинот на огнот ја обајви во вторникот и сириската опозиција. Во исто време, опозицијата посочи дека ако владините трупи не ги почитуваат одредбите од планот до четврток, бунтовниците ќе продолжат со дејствијата.
Западните сили изјавија отворено сомневање во ветувањата на претседателот Башар ал- Асад дадени на специјалниот пратеник за Сирија на Обединетите нации и на Арапската лига, Кофи Анан, дека ќе го почитува примирјето, но немаат ефикасна политика да го сопрат 13-месечното крвопролевање во Сирија, поради одбегнувањето за воена интервенција и отпорот на Русија и на Кина за какава и да е надворешна меѓународна инволвираност во сирискиот конфликт и резолуција којашто би ја донел Советот за безбедност на ОН.
Во 13-месечните судири коишто избија по обидот да се задушат антивладините протести во Сирија, според Обединетите нации животите ги загубиле повеќе 9.500 луѓе. Според сириските власти, пак, во судирите со вооружената опозиција и трористички групи поддржувани од странство, биле убиени повеќе од 2.500 униформирани припадници на полицијата и војската, а бројот на цивилните жртви надминал 3.200./крај/си/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данскиот министер: Изненадени сме од најавата на Трамп за царини
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, ја нарече изненадување најавата на Доналд Трамп за воведување царини и нагласи дека Данска е во тесна комуникација со Европската унија по ова прашање.
„Најавата на претседателот доаѓа како изненадување“, наведе Расмусен во писмена изјава. Тој во средата се сретнал со американскиот државен секретар, со кого, меѓу другото, разговарале и за несогласувањата меѓу Данска и САД во врска со Гренланд.
Трамп како оправдување за заканата со царини ја наведе испратената воена помош на неколку европски земји на Гренланд. Меѓутоа, Расмусен го отфрли тоа објаснување.
„Целта на зголеменото воено присуство на Гренланд, на кое се повикува претседателот, е токму зголемување на безбедноста на Арктикот. Во постојан контакт сме со Европската комисија и со нашите други партнери по тоа прашање“, се наведува во изјавата на данскиот министер.
Свет
Зеленски: Русија подготвува удари врз нашите нуклеарни постројки
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија се подготвува за понатамошни напади врз украинската енергетика и инфраструктура, вклучително и објекти што ги опслужуваат нуклеарните електроцентрали, пренесе „Би-Би-Си“.
„Извештај од началникот на Главната разузнавачка управа Олег Ивашченко. Пред сè, во врска со конкретните задачи за руската армија. Не сме регистрирале подготвеност од страна на агресорот да почитува какви било договори или да ја прекине војната. Но, има доволно информации за подготовка на понатамошни руски удари врз нашиот енергетски сектор и инфраструктура, вклучително и објекти и мрежи што ги опслужуваат нашите нуклеарни електроцентрали“, изјави украинскиот претседател по средбата со началникот на Главната разузнавачка управа Олег Ивашченко.
„Украина е исклучително конструктивна во дипломатијата, додека Русија е фокусирана единствено на напади и вознемирување на луѓето. Нашите партнери треба да ги извлечат соодветните заклучоци од тоа“, додаде Володимир Зеленски.
Свет
Дански генерал: Денес не гледаме закана од Русија или Кина
Највисокиот дански воен заповедник за Арктикот ги отфрли тврдењата дека Гренланд се соочува со непосредна безбедносна закана од Русија или Кина, со што го оспори наративот што повеќепати го изнесуваше американскиот претседател Доналд Трамп. Генерал-мајор Сорен Андерсен, командант на Данската здружена арктичка команда, ги опиша сојузничките вежби во регионот како превентивна мерка, пренесе Политико.
„Не. Денес не гледаме закана од Кина или Русија“, изјави Андерсен, кој е на чело на командата од 2023 година.
„Но ги истражуваме потенцијалните закани и се подготвуваме за нив.“ Тој нагласи дека засилените воени активности на Данска и нејзините сојузници околу Гренланд претставуваат подготовка за идни непредвидени ситуации.
Според неговите зборови, кога ќе заврши војната во Украина, Москва би можела да ги пренасочи своите воени ресурси кон други региони. „Всушност очекувам да видиме руски ресурси кои се префрлаат од боиштата околу Украина на други боишта“, рече тој, укажувајќи на Балтичкото Море и арктичкиот регион.
Во рамки на данската вежба „Операција Арктичка Издржливост“, која опфаќа воздушни, поморски и копнени компоненти, веќе се распоредени единици од неколку европски земји.
Изјавите на Андерсен се во спротивност со тврдењата на Доналд Трамп дека Гренланд е под активен притисок од Русија и Кина и дека островот е клучен за националната безбедност на САД. „Имате руски разурнувачи и подморници, како и кинески разурнувачи и подморници насекаде“, им рече Трамп на новинарите, коментирајќи ја својата намера Гренланд да стане дел од Соединетите Американски Држави. „Нема да дозволиме тоа да се случи.“
Трамп исто така изјави дека Вашингтон не може да ја исклучи употребата на сила за да ги обезбеди своите интереси, што предизвика загриженост кај данските и гренландските лидери.

